Регион
Мугош: Состојбата во Црна Гора се влоши поради масовните собири
Епидемиолошката состојба во Црна Гора е влошена поради масовните собири, изјави директорот на Институтот за јавно здравје, Бобан Мугош.
„Ако сите во Црна Гора, 20 дена носат маски, ја почитуваат препораката за физичка и социјална дистанца, водат сметка за хигиената, проблемот со коронавирусот би бил решен“, рекол тој.
Тој кажал дека во земјата имало еден период на стагнација и дека тогаш сметале дека состојбата ќе биде подобра.
„Имавме помалку случаи. Сметавме дека состојбата ќе биде сè подобра. Но, масовните собири во изминатиот период предизвикаа зголемена трансмисија на вирусот и зголемен број на заболени“, рекол Мугош.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Захарова: Србија отсекогаш била верна на себе и на Русија, Западот никогаш нема да и прости
Колективниот Запад не може да и прости на Србија што низ историјата секогаш била верна на своите принципи и на себе, како и што не се откажала од врските со Русија, изјави Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи на редовен брифинг.
На брифингот, на прашањето на новинарската редакција на РТ Балкан како Русија реагира на тоа што српскиот претседател Александар Вучиќ го обвини Западот за извршување на обоената револуција во Србија, Захарова одговори дека слични факти веќе се забележани во историјата, а што се однесува до конкретни детали, таа изјави дека тоа е сè уште прашање за српскиот лидер, кој единствено располага со информации.
„И Балканот и самата Србија во која било конфигурација, било да е Србија или Југославија, го иритираа колективниот Запад, во врска со неговиот културно-историски идентитет, историската положба, сопствениот став, мирниот поглед на развојот на состојбите на Балканот, Европа и светот во целина“, истакна Захарова.
Таа, исто така, забележа како Западот се обидува да ја преобликува и промени волјата на гласачите по секои избори, а исто така промовира различни невладини организации и активисти кои го истакнуваат западниот контекст на интеграцијата на Србија.
„Гледаме како провоцираат луѓе, кои протестираат во сопствената држава борејќи се за своите граѓански права, долеваат масло на огнот, ги провоцираат да преминат од демократски акции на антидржавни акции. Присутни се разни работи“, истакна портпаролката и оваа појава ја окарактеризира како „универзален клуч на Западот“.
Поставена е задача, додаде Захарова, дека Белград со хаосот и горенаведените методи се лишува од слободната волја, да се откаже од нормалните, пријателски, историски односи со Русија, да ја предаде Русија, а Москва го забележува сето тоа.
Зборовите за пријателство што се слушаат од двете страни имаат голема вредност, се разбира, затоа што зад нив има и конкретни акции, но тие не се само големи зборови, поради нив страдаат Србите“, оцени таа.
Захарова изјави дека посебните, пријателски односи меѓу две земји и двата народа, Западот ги доживува како коска во грлото.
Таа додаде дека има чувство, врз основа на историски факти, дека колективниот Запад, кој ги поддржуваше нацистите и подоцна им помогна да се сокријат, не може да и простат на Србија за нејзината принципиелна позиција низ историјата.
„Србија и српскиот народ не станаа олицетворение на таа расна омраза и дехуманизација и како да не можат да и го простат тоа. Не можат да и простат што во 1990-тите (години од минатиот век) Србите бранеа работи кои им беа суштински важни, што не се откажаа од својата култура, историја и религија“, рече портпаролката.
Според неа, Србија низ историјата привлекувала многу луѓе од Западот кои сакале таму да воспостават свој поредок, а од тоа доаѓа и продолжението на она што се случува и сега.
„Оттука и монструозниот стремеж и желба на Западот да ја вовлече Србија во својата прегратка, која секако не е пријателска – пријателите не се однесуваат така, пријателите не изневеруваат така, пријателите не мамат така“, оцени портпаролката и изјави дека оваа желба произлегува од желбата да се користи, како што се справуваат многу други земји.
Според неа, Западот многу пати се обидел да ја поттикне Србија на самозалажување и многупати бил блиску да поверува во лажните ветувања на западните земји, но никогаш не успеал.
„Секој пат Србија останува верна на себе“, заклучи таа.
Захарова рече дека Русија е секогаш солидарна со пријателска Србија, со спротивставување на тие надворешни штетни непријателски влијанија, со независност во надворешните и внатрешните работи на земјата и верува дека никој не се сомнева во тоа, пренесува Спутник.
Претходно, претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека во Србија има обид за обоена револуција и дека веќе нема сомнеж во тоа, додавајќи дека зад сето тоа стојат странски инструктори од Запад, според медиумот.
Регион
Генерален штрајк во Србија, протест закажаа и адвокатите
Генералниот штрајк или „општа граѓанска непослушност“ на кој беа поканети граѓаните на Србија од студентите во блокадата, започнува денеска, објавуваат тамошните медиуми. „Ние не одиме на работа, не одиме на предавања, не ги извршуваме секојдневните обврски. Ја земаме слободата во свои раце. Вашето учество прави разлика“, напишаа студентите на Инстаграм во средата. Бројни компании, здруженија и политички партии најавија дека ја поддржуваат оваа акција, пренесува Н1 кој известува дека се приклучува кон генералниот штрајк и за тоа ќе известува само денеска.
Најавено е дека во 11:52 часот на повеќе локации во Србија ќе продолжи оддавањето пичит кон загинатите во несреќата на железничката станица во Нови Сад, по што ќе се одржи генерален штрајк.
Поради одлука на Управниот одбор на Адвокатската комора на Србија (АКС), адвокатите денеска ќе започнат тридневен прекин на работа, кој ќе трае до 26 јануари, поради прекршување на владеењето на правото и закана за автономијата и независноста на Адвокатската комора на Србија.
За време на прекинот на работата, адвокатите нема да влегуваат или престојуваат во просториите на судовите, обвинителствата, полицијата, органите на управата, јавните извршители и нотарите по ниту една професионална основа, се наведува во соопштението на АКС, според написите.
Демократската партија денеска соопшти дека го поддржува генералниот штрајк бидејќи овој метод на борба е „патоказ до правдата“.
Во соопштението на таа партија се наведува дека граѓаните имаат легитимно право да се побунат против лошата власт.
„Генералниот штрајк е начин да се спроведе овој бунт мирно. Никој што ја води оваа легитимна борба не може да сноси никакви последици за неа. Студентите ќе имаат предавања, вежби и испитни рокови кои ги пропуштиле поради мудрата и херојска борба што ја водат. Ниту еден родител, наставник или ученик кој учествува во блокадите не може да биде санкциониран на кој било начин поради борбата за нормална Србија“, додаваат од партијата.
Регион
Серија земјотреси во Грција
Неколку послаби земјотреси, од кои најсилниот беше со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала, во текот на ноќта и утрово го погодија подрачјето на јужна Грција, соопшти Европскиот медитерански сеизмолошки институт (EMSC).
Епицентарот на овој земјотрес, кој се случи утринава во 7 часот и 22 минути, се наоѓа на девет километри од Захар и 93 километри од Патра на длабочина од шест километри.
Засега нема извештаи за материјална штета или повредени.