Регион
Над 30 бугарски граничари уапсени поради корупција
Повеќе од 30 бугарски граничари се уапсени на граничниот премин Калотина со Србија, под сомнение за мито, објави денеска портпаролот на државниот обвинител Сика Милева.
Таа истакна дека шефот на граничниот премин примал по 50 евра секој ден од секој од корумпираните граничари, пренесува БТА.
Милева рече дека е поднесена кривична пријава против 20 лица, вклучително и шефот на граничниот премин, како и 15 граничари и четворица гранични полицајци.
„Пребарувањето на нивните домови откри пари во различни валути, како и оружје“, рече Милева.
Таа потсети дека вчерашното масовно апсење, во кој биле вклучени и граничари кои во тоа време не биле на должност, резултирало со затворање на граничниот премин неколку часа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
ЕУ: Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија постигнаа значителен напредок кон членство во ЕУ
Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија постигнаа значителен напредок на својот пат кон ЕУ во изминатата година, додека другите земји-кандидатки ќе мора да инвестираат повеќе, изјави денес комесарката за проширување Марта Кос.
„Значителниот напредок постигнат досега од Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина на нивниот пат кон ЕУ покажува дека реформите се исплатуваат. Ова треба да послужи како силна мотивација за сите земји вклучени во процесот“, рече Кос, презентирајќи го извештајот за напредокот на земјите-кандидатки и потенцијални кандидатки пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент.
Кос нагласи дека проширувањето на Европската Унија би можело да стане реална можност со оглед на забрзаното темпо на конвергенција на некои земји. За да се случи проширувањето, земјите-кандидатки треба да се подготват да ги преземат одговорностите за членство, додека Европската Унија треба да се подготви за проширување, додаде Кос.
Кос нагласува дека следната година ќе биде „момент на вистината“ за сите земји-кандидатки, особено за оние со амбициозни планови за завршување на преговорите.
Фото: принтскрин
Регион
Едно лице убиено, две повредени на грчкиот остров Евија
Дваесетгодишен маж беше избоден до смрт, а уште две лица беа повредени во два одделни инцидента на грчкиот остров Евија, соопшти полицијата.
Службениците изјавија дека случаите би можеле да бидат поврзани со насилство на фудбалски натпревари, објави „Ројтерс“.
Пет лица се уапсени, вклучувајќи двајца повредени мажи, а најмалку осум лица наводно биле вклучени во насилството, изјави портпаролката на полицијата, Константина Димоглида, за грчката телевизија „Скај“.
Полицијата истражува дали инцидентите биле мотивирани од конфликт меѓу навивачи на два сопернички фудбалски тима.
Податоците на полицијата покажуваат дека бројот на насилни инциденти поврзани со спортот се удвоил, од речиси 300 случаи во 2020 година на 700 годишно, а службените лица исто така истакнуваат дека постои можна врска меѓу хулиганите и криминалните банди.
Фото: принтскрин
Регион
Вонредна ситуација во нуклеарната централа „Козлодуј“ во Бугарија
Во нуклеарната централа „Козлодуј“ избувнал пожар во енергетската просторија на безбедносниот систем на петтиот блок, што предизвикало итна реакција на работниците на електраната, објави порталот „Новините“.
Поради густиот чад во просторијата, повикана е противпожарна служба, а се преземаат мерки за замена на оштетената опрема, јавува „Танјуг“.
Официјално е објавено дека ситуацијата е под контрола и дека нема опасност за луѓето. Работниците во електраната остануваат во готовност додека инцидентот не се реши целосно.
Фото: принтскрин

