Регион
Шверц на кокаин од Колумбија, со раствор од дрогата биле натопени чаршафи
Полицијата во Загреб објави соопштение за кокаин што го нашле во чаршафи.
„Полициски службеници на полициската управа во Загреб ја завршија кривичната истрага против 43-годишен маж и 42-годишна жена поради сомнение дека сториле кривично дело „Неовластено производство и тргување со дрога“ – пишува полицијата.
Се сомневаат дека 43-годишниот маж од засега неутврдени лица и на неутврден начин од територијата на Колумбија купил поголема количина од дрога кокаин, која потоа била скриена во форма на раствор од кокаин и натопена во платнени покривки за маса.
Дрогата, вака скриена во две пакувања, преку редовна курирска служба била прошверцувана на територијата на Хрватска, по што 43-годишен маж ја подигнал во четвртокот.

Своите сомнежи полициските службеници ги потврдиле со претрес на споменатите пакувања во кои биле пронајдени вкупно 26 парчиња платнени чаршафи натопени во раствор од дрогата кокаин.
„Потоа е спроведена натамошна кривична истрага при што е утврдено дека 43-годишниот осомничен и 42-годишната жена спротивно на одредбите од член 3 од Законот за сузбивање на злоупотреба на дрога со цел на препродажба, набавил смола од коноп од типот на дрога и дрогата кокаин и ја измерил, препакувал и мешал со филер за да ја зголеми количината и ја скрил во стан во Загреб, се со цел производство и препродавање на дрогата“, пишува полицијата.
„Исто така, со употреба на уреди за емитување светлина, осомничените создале услови за вештачко одгледување на растенија во кои засадиле коноп од типот на дрога и го сушеле, го измериле и на крајот го препродавале“, се додава во соопштението.
Полицијата информира дека „Вво наведената лабораторија од страна на полициски службеници пронајдени се засадени и 38 парчиња стебленца коноп од типот дрога, 1.723 грама коноп од типот дрога, 831,1 грама смола од истата дрога, како и осум грама кокаин, 42,8 грама филер, и две дигитални ваги со траги од дрога и вакуум уред“, пренесе Индекс.хр.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

