Регион
Невреме го погоди Балканот: се закануваат поплави, силните ветрови создаваат хаос во Загреб, а најлошо е во БиХ
Во последните денови силно невреме ги зафати Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска, кое донесе обилни врнежи, бурни ветрови и проблеми во сообраќајот. Метеоролошките служби од регионот предупредуваат на продолжување на неповолните временски услови, а локалните власти се во состојба на готовност за можни поплави и оштетувања на инфраструктурата.
Србија: Обилни дождови и закана од излевање реки
Републичкиот хидрометеоролошки завод на Србија (РХМЗ) издаде предупредување за обилни врнежи од дожд, кои ќе траат до 28 март, со количина дожд од 60 до 80 мм локално и повеќе. Најмногу врнежи се очекуваат во западните, централните и во југозападните делови од земјата.
Посебна опасност претставуваат зголемените водостои на неколку реки, каде што постои можност за поројни водни текови. Надлежните апелираат до граѓаните да бидат внимателни и да ја следат состојбата на терен.
Босна и Херцеговина: Надојдени реки и вонредна состојба
Во Сараево и во цела Босна и Херцеговина дождот не престанува со денови, а водостојот на реките, особено на Миљачка, постојано се зголемува. Хидрометеоролошкиот завод издаде портокалово предупредување за неколку региони, меѓу кои Сараево, Тузла и Ливно, поради можност од поплави и проблеми во сообраќајот.
Сојузната управа за цивилна заштита е во состојба на готовност, а на граѓаните во загрозените подрачја им се препорачува да преземат заштитни мерки. Во Маглај, поради покачувањето на водостојот на реката Босна, во прекин е сообраќајот на градскиот мост, а во одредени населби обилните врнежи предизвикаа одрони и поплави во некои домаќинства.
Хрватска: Силните ветрови соборуваат дрвја и го попречуваат сообраќајот
Хрватска ја погодија силни ветрови, особено во Загреб, каде што налетите на ветровите достигнаа брзина од 60 км/ч. Во главниот град беа соборени дрвја, оштетени тераси на кафеаните, а некои делови од градот останаа без трамвајски сообраќај поради оштетување на напонската мрежа. Поради силни налети на ветер, прекината е работата на жичницата.
Државниот хидрометеоролошки завод на Хрватска најави продолжување на облачното и ветровито време, со повремени врнежи од дожд и можност за дополнителни тешкотии во сообраќајот и во секојдневниот живот на граѓаните.
Метеоролозите најавуваат дека неповолните временски услови ќе продолжат и во наредните денови, а можни се дополнителни проблеми во сообраќајот, во снабдувањето со електрична енергија и вода, како и дополнително излевање на реките во ризичните подрачја. Властите во сите погодени земји преземаат заштитни мерки, а на граѓаните им се препорачува да бидат внимателни и да ги следат официјалните метеоролошки извештаи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

