Регион
Нема да ја напуштам партијата додека сум жив, рече Вучиќ и го предложи Вучевиќ за негова замена

Претседателот на Српската напредна партија, српскиот претседател Александар Вучиќ го предложи Милош Вучевиќ за нов лидер на таа партија.
Вучиќ на Собранието на СНС што се одржува во Крагуевац изјави дека и формално ќе го предложи Вучевиќ за претседател на партијата.
„Предлагам да го избереме Милош Вучевиќ за претседател на СНС, а тој, се разбира, ќе се консултира со сите нас за идното раководство и претседателството“, рече Вучиќ обраќајќи им се на присутните делегати, пренесе „Н1“.
„Што да кажам за нашиот Милош, знаете дека е со нас од почеток. Знам колку го сака СНС, го познавав и татко му кој беше еден од најпочитувани адвокати. Знам од колку добро семејство е, знам колку е лојален на СНС, но и на идејата за независна и просперитетна Србија, јас сум сигурен дека со мојата и ваша поддршка ќе може да заврши одлична работа, да работи уште понапорно и уште посилно“, рече Вучиќ образложувајќи го својот предлог.
Вучиќ изјави и дека премногу ја сака СНС и дека никогаш нема да ја напушти партијата додека е жив.
„Што и да правите јас секогаш ќе бидам со вас и покрај вас. Само мислам дека е потребен малку поинаков пристап за обединување на поголем број сили на оние кои сакаат да се борат за победа на патриотска, успешна Србија, која ќе се грижи за своите граѓани“, рече тој.
Нагласи и дека е горд што „сите овие години ја водеше најдобрата партија во државата“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Црна Гора се бори со пожари

Седми ден по ред пожарите во Црна Гора не стивнуваат, а најкритично е во Подгорица, каде што и покрај тоа што ситуацијата е под контрола.
Началникот на Дирекцијата за цивилна заштита и намалување на ризици од катастрофи, Љубан Тмушиќ, соопшти дека најзагрозени области се Пипери и Кучки Корита. – Во овие подрачја се ангажирани сите расположливи ресурси – 12 возила и 42 пожарникари, рече Тмушиќ.
Посебна закана претставуваат и таканаречените „подземни пожари“ кои се активираат со пораст на температурите.
Во гаснењето се вклучени и армијата, како и помош од странство – Србија испрати хеликоптер, а вчера пристигна и швајцарски тим со 26 пожарникари и четири специјализирани возила. Поддршка дава и хеликоптер од Чешка.
Регион
Еди Рама вети бесплатни нови куќи за оние кои во пожарите ги загубија своите домови

По катастрофалните пожари кои деновиве зафатија делови од Албанија, уништувајќи домови и имоти, премиерот Еди Рама излезе со силно и директно ветување до сите настрадани граѓани. Во објава на социјалните мрежи, тој најави дека државата целосно ќе ги обесштети сите што претрпеле штета, вклучително и бесплатна обнова на секој уништен дом.
„Кој и да го изгубил својот дом, ќе го обновиме бесплатно, кој и да изгубил добиток, ќе го рефинансираме еден по еден“, напиша Рама на социјалните мрежи.
Оваа мерка, како што појасни министерот за одбрана Пиро Венгу, ќе се спроведува преку општините. Ќе се формираат посебни комисии за проценка на штетите на куќи, инфраструктура, бизниси и земјоделски култури, по што ќе следува обештетување од општинските фондови за цивилна заштита, поддржани од државниот буџет.
Регион
Шестмина припадници на полицијата се повредени за време на синоќешните протести во Србија

Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ изјави дека за време на синоќешните протести имало драстично нарушување на јавниот ред и мир и брутален напад врз полицијата, и дека, според досегашните податоци, повредени се шестмина припадници на полицијата.
„Шест полицајци се повредени, според информациите што ги имаме во моментов, а 38 лица се приведени. Секој можеше да види во преносот во живо дека имало брутален напад врз полицијата, дека демонстрантите дошле со намера да ги нападнат полицајците, да ги повредат“, рече Дачиќ.
Тој изјави дека вечерта немало поддржувачи на Српската напредна партија, што, како што рече, не ги спречило демонстрантите да ги нападнат просториите на таа партија низ цела Србија, и додаде дека на некои места биле нападнати и просториите на Социјалистичката партија на Србија.