Регион
Новак Ѓоковиќ и неговата сопруга позитивни на Ковид-19
Светскиот рекет број еден, Новак Ѓоковиќ, е позитивен на коронавирусот, објавија светските медиуми.
Шампионот на Вимблдон и Австралија опен веднаш по пристигнувањето од „Адрија тур“ во Задар, го посетил својот лекар во Белград, каде што бил тестиран, а наодите се покажале позитивни.
Неговата сопруга е исто така позитивна, а децата немаат Ковид-19.
Иако не чувствувал никакви симптоми, што би укажале на присуство на вирусот во неговиот организам, Новак инсистирал да направи тестови при пристигнувањето во Белград.
Она што е познато од порано е дека член на неговиот тим, кондицискиот тренер Марко Паникио, кој беше тестиран во Задар, исто така беше ковид-позитивен.
Сè започна кога беше откриено дека бугарскиот тенисер Григор Димитров, кој во саботата се откажа од натамошно натпреварување на „Адрија тур“, е позитивен на вирусот.
Подоцна беа тестирани уште 22 лица кои беа на турнирот во Задар, и тројца имаа позитивни резултати, хрватскиот тенисер Борна Чориќ, тренерот на Григор Димитров, Кристијан Грох, и кондицискиот тренер на Ѓоковиќ, Марко Паникио.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Јахорина: Детето кое падна од жичарницата претрпе сериозни повреди
Детето, кое вчера падна од жичарницата на планината Јахорина, е надвор од животна опасност, соопштија утрово за „БН ТВ“ од болницата во Источно Сараево.
„Детето е згрижено, претрпе фрактура на бутната коска, што е сериозна физичка повреда, и е испратено во матичната установа во Нови Сад на понатамошно лекување“, изјавија од болницата за „БН ТВ“.
Медиумите потсетуваат дека вчера се случи непријатен настан на Јахорина, кога едно дете беше оставено да виси од жичарницата, а потоа падна на земја од висина од неколку метри.
Сето ова го забележаа скијачите кои случајно се најдоа таму.
Полициската управа Источно Сараево досега не го коментирала случајот, според медиумите во регионот.
Како што изјавија од Олимпискиот центар Јахорина, наскоро ќе биде објавено соопштение во врска со овој настан.
Регион
(Видео) Дете висеше од ски-лифт на Јахорина па падна, скијачите се обидоа да го фатат
Вчера, дете падна од жичницата на планината Јахорина во Босна и Херцеговина откако некое време висеше држејќи се за седиштето. Видеото од инцидентот покажува како другите скијачи се обиделе да помогнат, но детето на крајот паднало на земја.
Видеото го прикажува детето како виси од столчето неколку моменти пред падот. Скијачите кои случајно се нашле на падината под жичницата се обиделе да го фатат за да го ублажат падот.
Сè уште не е познато зошто детето паднало од седиштето.
Планинарската служба потврди за БН дека се случила несреќата. Повреденото дете е однесено во болницата „Србија“ во Источно Сараево, каде што е на лекување.
Лекарите сè уште не дале коментар за сериозноста на неговите повреди.
Регион
Земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала во Јадранското Море
Земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала го погоди југот на Хрватска во 21:48 часот вчера вечер.
Епицентарот бил на длабочина од 15 километри во Јадранското Море јужно од Корчула, соопшти Европскиот медитерански сеизмолошки центар (EMSC).
Во вторникот, земјотрес со јачина од 4,4 степени според Рихтеровата скала беше регистриран во близина на Ливно. Беше почувствуван и во Далмација.

