Регион
Нови видеа од убиените војници на ЈНА: ќе соработува ли Словенија во истрагата за военото злосторство кај Копер?
По излегувањето на веста дека српското Обвинителство за воени злосторства, кое води истрага за ликвидацијата на тројца војници на ЈНА во јуни 1991 година од страна на словенечката полиција кај граничниот премин Шкофја, во близина на Копер, сега се поставува прашањето дали новата власт во Љубљана ќе ја опструира или ќе соработува со истрагата.
Српска „Политика“ пишуваше минатата недела дека истрагата за случајот веќе е во поодмината фаза и би требало целосно да расветли сè што се случило во убиството кај Шкофја и да ги доведе пред лицето на правдата не само сторителите туку и оние што го прикривале убиството повеќе од три децении.
На видеоснимките до кои дошло обвинителството, направени пред и по злосторството, наводно се гледаат телата на убиените војници, како и на сторителите – четворица припадници на словенечката милиција, кои може да се идентификуваат – на злосторството од кое поминаа повеќе од 30 години, а за кое сега никој не одговараше.
Во масакрот на словенечката милиција беа убиени војниците на ЈНА – Неџмедин Османи, Бранко Седлар и Слободан Пантелиќ, а тешко беа повредени уште двајца припадници на ЈНА. Во возилото на ЈНА бил и мајорот Борис Ѓоргоски од Прилеп.
Злосторството на граничниот премин кај Копер, кој во тоа време бил заземен од ЈНА, се случил по склученото примирје кога шест војници тргнале да префрлат еден ранет полковник и да набават храна и вода. Словенечката полиција првин одбила да ги пушти, а потоа ги испратила и во заседа, во која загинале тројцата војници.
„Велат дека 30 години чекав за ова, ама не е така бидејќи за мене времето застана во моментот кога во дворот ми го донесоа синот во лимен ковчег. Тој отиде да ја брани државата ако затреба, се заколна во тоа, па на измама пукаа за време на примирјето и ми го вратија детето мртво. Само родителите знаат како е. Затоа, кога зборувам за син ми, зборувам за сите деца убиени и ранети надвор од борба“, изјави Неџади Османи, татко на еден од убиените војници, за „Политика“.
Според информациите на белградскиот весник, новата влада во Словенија нема да ја попречува меѓународната правна помош за сослушување на осомничените бидејќи, меѓу другото, е должна да го стори тоа според Женевската конвенција.
Исто така, Словенија треба да соработува и во понатамошната работа за овој случај, што би значело сослушување на осомничените за убиствата на војниците и во Словенија, а потоа судствата во двете земји треба да одлучат за натамошното водење на постапката.
Инаку, во Словенија се водеа 28 кривични постапки за наводни воени злосторства против припадници на ЈНА, а не беше спроведена ниту една истрага за утврдување на околностите на стотици убиства, ранувања, затворања и злоупотреба на војниците на ЈНА и членови на нивните семејства.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Изгласана новата влада на Хрватска: Пленковиќ по трет пат стана премиер
Пратениците во хрватскиот Сабор вечерва гласаа за доверба на новата влада на премиерот Андреј Пленковиќ. За доверба на Владата гласаа 79 пратеници, против беа 61 пратеник, а еден беше воздржан.
Претседателот и членовите на Владата потоа дадоа заклетва пред пратениците, со што Андреј Пленковиќ го започна третиот последователен мандат како премиер.
Во Собранието денеска беше претставена четиригодишната програма на новата Влада, која се заснова на „успешна, витална, праведна, одржлива и суверена Хрватска“.
Во новиот мандат, владата на Пленковиќ најавува просечна нето плата од 1.600 евра, минимална бруто плата од 1.250 евра, како и отворање на 125.000 нови работни места.
До крајот на мандатот на новата влада, пензиите треба да се зголемат за најмалку 30 отсто, со што просечната пензија би изнесувала најмалку 750 евра.
Новата влада наместо досегашните 16 ќе има 18 министерства и седум потпретседатели.
Регион
Дачиќ и Весиќ: Човечки фактор е причина за судирот на возовите
Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека причина за судирот на возовите во тунелот, во кој нема жртви, е човечки фактор, а министерот за транспорт Горан Весиќ изјави дека се повредени 13 патници, од кои четворица се однесена во ургентен центар.
– Возот помина низ безбедносното светло и удри во товарен воз кој чекаше дозвола да оди до станицата Овча – изјави Весиќ.
Дачиќ за новинарите изјави дека често има жртви во несреќи како оваа и дека е вистинска среќа што во денешниот судир нема жртви и што сите патници излегле од возот.
„Најважно е да нема жртви“, изјави Дачиќ за новинарите.
Началникот на Секторот за вонредни состојби на МВР, Лука Чаушиќ, кој излезе на местото на настанот заедно со министрите Дачиќ, Весиќ и директорката на претпријатието „Инфраструктура железнице Србија“ Јелена Танасковиќ, изјави дека во 18 часот и 42 минути добиена е дојава за судирот, по што на терен излегле вкупно 25 пожарникари.
– Пристигнувајќи на местото на настанот во 18 часот и 48 минути, констатирано е дека возот за итни случаи се судрил со патнички воз во тунелот на длабочина од 400 метри од влезот – изјави Чаушиќ.
Тој додаде дека четири лица биле извлечени низ тунелот за евакуација. Дачиќ рече дека најважна улога имаат пожарникарите, бидејќи лекарите од итната помош не можеле да дојдат до патниците.
Министерот за транспорт Горан Весиќ изјави дека деталите за несреќата ќе се знаат кога Комисијата „Железничка инфраструктура на Србија“ ќе објави официјален извештај, кој се очекува во текот на утрешниот ден.
Регион
Дачиќ: Припадниците на полицијата евакуираа девет лица од возовите
Веднаш по добиената дојава дека во тунел дошло до судир меѓу патнички и товарен воз, на местото на настанот пристигнале бројни полициски сили и 25 пожарникари-спасувачи со седум возила, со оглед дека екипите на итната медицинска помош нене можеле да се приближат до местото на судирот, изјави вечерва министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ.
Пожарникарите-спасувачи успеале, како што додаде, да стигнат до местото и евакуирале девет повредени лица и ги предале на екипите на итната помош за понатамошно лекување.
„Припадниците на српската полиција се уште се на терен и ги преземаат сите мерки и дејствија од нивна надлежност“, изјави Дачиќ.