Регион
Нови дојави за бомби во училиштата во Белград, но и во градинките
Нови дојави за бомби почнаа да пристигнуваат во раните утрински часови, а цел биле неколку основни и средни училишта, како и една градинка, пишуваат српските медиуми.
Неколку училишта во Белград добиле пријави за бомби, изјавиле утринава од српското Министерство за внатрешни работи за агенцијата „Бета“, а како што неофицијално дознава „Данас“, станува збор за основното училиште „Бранко Чопиќ“ – Видиковац, основното училиште „Илија Гарашанин“ во Грочка, ОУ „Крал Петар Втори“ во Врачар, ОУ „Соња Маринковиќ“ во Земун, ОУ „Ѓуро Стругар“, ОУ „Марија Бурсаќ“, Осмата гимназија, Десеттата гимназија, Петнаесеттата гимназија, Петтото економско училиште, Тринаесеттата гимназија, математичката гимназија, машинското училиште „Радоје Дакиќ“ и основното училиште „14 Октомври“, сите во Раковица, но и градинката „Фица“ во Врачар.
Според медиумите, информации стигнале и од основното училиште „Јован Поповиќ“ во Карабурма и „Владимир Роловиќ“ на Петлово Брдо, ОУ „Стеван Синѓелиќ“ во Звездара, ОУ „Дринка Павловиќ“ и основното училиште „Драган Лукиќ“.
Од раните утрински часови на социјалните мрежи се појавила информација дека пријава за бомба добиле и многу други училишта во Белград.
Пријавите, како што пренесуваат медиумите, биле испратени по електронска пошта, а полицијата излегла на терен.
Пријава за експлозивни направи добило основното училиште „Бранко Чопиќ“ – Видиковац, а директорката на тоа училиште најавила и дека нема да има настава во утринската смена, дознава „Данас“.
Во претходниот период до многубројни училишта, како и други институции во Белград и други места во Србија, пристигнаа вакви пријави, кои, како што се покажа по полицискиот увид во објектите, биле лажни, пренесуваат медиумите во соседството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

