Регион
„Ова не е невнимание, туку кривично дело“: таткото на загинатото младо момче на Халкидик бара правда за своето дете
19-годишно момче загина во забавниот парк на познато летувалиште на Халкидик.
Како што потсетуваат медиумите во регионот претходно, жртвата од несреќата добила сериозни повреди на вртелешката кога му пукнал синцирот на седиштето. Екипите на итната помош набргу пристигнале на местото на настанот, но и покрај сите напори на лекарите, тој во болница им подлегнал на повредите.
По повод трагедијата, уапсени се две лица. Првиот, машинскиот оператор (21), и вториот, сопственикот на забавниот парк (58). Тие веднаш по рочиштето се пуштени од притвор.
Членовите на семејството на починатиот млад човек бараат одговор на многу прашања.
Неутешниот татко бара сопственикот на озлогласениот рингишпил во Пефкохори да одговара за смртта на неговото дете бидејќи, како што вели, немал дозвола.
„Ако вие новинарите не ја најдете градоначалничката, утре, по погребот, кога ќе му го дадам синот на Бога, ќе ја најдам. Нема да се откажеме од барањето одговорност не затоа што се работи за мојот син. Живеам во Атина и кога слушнав што се случи, веднаш дојдов. Ова е кривично дело, а не небрежност.
Моите синови отидоа да се забавуваат. Бог нѐ спаси да не изгубиме уште еден син. Моите деца разговараа меѓу себе кога седиштата почнаа да пукаат. Помладиот успеал да се држи за шипката“, рекол таткото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Портокалово предупредување за граѓаните на БиХ: се очекуваат обилни врнежи од снег и силни ветрови
Федералниот хидрометеоролошки институт (ФХМЗ) издаде портокалово предупредување за петок, 22 ноември, поради очекуваните обилни врнежи и силни ветрови кои ќе зафатат поголем дел од Босна и Херцеговина.
Според најавите, снегот што почна да паѓа вчера во попладневните часови во делови од земјата наскоро ќе ја зафати цела Босна и Херцеговина, што ќе донесе неповолни временски услови.
Пообилни врнежи се очекуваат во Херцеговина, западните, делумно централните и северните области на Босна. Снегот кој вчера предизвика колапс во сообраќајот, кршење гранки и паѓање дрвја, продолжи и во текот на ноќта. Овие временски проблеми предизвикаа метеж на патиштата, а возачите беа предупредени да бидат дополнително внимателни.
Од институтот напоменуваат дека, покрај снегот, ќе се засили и ветерот, што може да ги отежни условите на патиштата. Со оглед на прогнозираните врнежи, снегот ќе создаде слој мраз на возилата и патиштата, а можноста за паѓање на гранки и дрвја може да доведе до привремен застој во сообраќајот.
На граѓаните им се препорачува да ги следат најновите временски прогнози и да внимаваат при движење, а да ги осигураат возилата и имотот поради можни врнежи од снег и силен ветер.
Регион
Сараево осамна под снег: зимската идила направи колапс, сообраќајот забавен, тротоарите затрупани, гранки насекаде
Сараево утрово осамна под снег. Снегот, кој почна да паѓа во средата попладне во Босна и Херцеговина, за кратко време предизвика многубројни проблеми на градските улици и автопатишта.
Како што пренесува „Кликс“, најпрвин силен дожд, а потоа и поголемо количество снег предизвикале лизгави коловози, што довело до поголем број сообраќајни несреќи во Сараево.
Од тежината на влажниот снег има многу скршени гранки и дрвја, а се чини дека на пешаците им е најтешко, со оглед на тоа што тротоарите се многу лошо или воопшто не се исчистени во Сараево.
Зимските служби на КЈКП „Рад“ во текот на ноќта го расчистија главниот пат, но споредните улици сè уште се под дебел слој снег, пишува „Кликс“.
Регион
Ексминистер и двајца поранешни директори меѓу уапсените за уривањето на натстрешникот на Железничката станица во Нови Сад
Поради уривањето на натстрешникот на Железничката станица во Нови Сад, уапсени се 11 лица, соопшти Вишото јавно обвинителство во Нови Сад.
Натстрешникот на станицата се урна на 1 ноември. Загинаа 15 лица, а две сè уште се борат за животот.
По трагедијата во Србија, следуваа протести на граѓаните, кои бараа одговорност за катастрофата што се случи.
„Нова.рс“ дознава дека меѓу уапсените се Небојша Шурлан, поранешен директор на компанијата „Инфраструктура железници“ и Јелена Танасковиќ, која до пред неколку дена беше директор на оваа фирма.
Меѓу уапсените е и поранешниот министер Горан Весиќ, пишува „Мондо“.
Весиќ поднесе оставка од функцијата министер за градежништво, транспорт и инфраструктура. Тој поднесе оставка пет дена по трагедијата што се случи во Нови Сад, во која загинаа 15 лица.
„Дадов оставка од функцијата министер за градежништво, транспорт и инфраструктура во владата на Република Србија. Дадов оставка како одговорен човек, кој со личен пример сака да покаже дека во денешна Србија има морална одговорност поради страшната трагедија што ја се случи во одделот што го раководам“, рече тој.
За делото е предвидена затворска казна од две до 12 години, информираат од Обвинителството во Србија.