Регион
Од утре полициски час во Приштина и во шест други општини во Косово

Косовската влада одобри нови мерки во борбата против ширењето на коронавирусот, со што, утре, по 19 часот, ќе се воведе полициски час во Приштина и во уште шест други општини.
Новите мерки, претставени од премиерот Авдулах Хоти, ги дефинираат карантинот и дозволената работа на угостителскиот сектор во зависност од зоните во кои се наоѓаат општините.
Економските активности ќе бидат дозволени од 5 до 18, 19 или 20 часот во зависност од проценетата зона на ризик во која се наоѓа одредена општина, пренесува „Косово онлајн“.
Општините се поделени во три зони, според бројот на заразени: црвена зона со висок ризик, жолта зона со среден ризик и зелена зона со најмал ризик.
Општините Приштина, Подуево, Јужна Митровица, Пеќ, Ѓаковица, Гнилане и Урошевац се во црвената зона.
Овие општини се смета дека се изложени на висок ризик од инфекција со коронавирусот бидејќи во рок од една недела имаат повеќе од 150 заразени на 100.000 жители.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Скопјанец упасен во Албанија, Австрија го бара за издржување 20 години затвор

Во рамки на акцијата „Операција 54“, албанската полиција уапси македонски државјанин кој се барал со меѓународна потерница издадена од австриските власти за сериозни кривични дела, меѓу кои трговија со дрога, закани, изнуда и телесна повреда.
Како што информира Дирекцијата на силите за специјални операции во Албанија, приведен е 41-годишниот М.А. од Скопје, кој бил лоциран и уапсен на албанска територија.
„Лицето М.А. е баран со потерница од Јавното обвинителство во Инсбрук, Виена, за кривични дела за кои со австрискиот Кривичен законик е предвидена затворска казна до 20 години“, се наведува во соопштението од албанската полиција.
При апсењето кај осомничениот била пронајдена и марихуана, која е запленета како доказ во текот на истрагата.
Постапките за екстрадиција на осомничениот се во тек, во координација меѓу Интерпол Тирана и австриските правосудни органи.
Ова е втор случај на апсење на македонски државјанин со меѓународна потерница во Албанија овој месец. На 6 јули, на граничниот премин „Ќафасан“ кај Струга, беше приведен 34-годишниот А.А. од Кичево, кој се бараше од швајцарските власти и е осуден на 20 години затвор за меѓународна трговија со дрога.
Регион
Вучиќ: Полицајците не допираат никого, не вознемируваат никого сè додека луѓето не почнат да го кршат законот

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа изјави дека полицијата реагира како последно средство на блокадите во државата, во согласност со законот и со минимална употреба на сила.
„Тие полицајци…не допираат никого, не вознемируваат никого сè додека луѓето не почнат да го кршат законот и да ги напаѓаат со стапови“, изјави Вучиќ.
Вучиќ истакна во интервју за белградски медиуми, дека студентите во блокада на 15 март не дале „зелено светло“ затоа што некои во државата требало да ја завршат својата работа, а на 28 јуни го направиле тоа „преценувајќи се себеси и потценувајќи ги другите“.
Тие луѓе мислат дека е нормално да му се одземе на некого уставно загарантираното право на движење, тие не се заинтересирани за ништо, тие го прогласиле за легално и не им е гајле, рече Вучиќ.
„Загрижен сум за државата, но што се однесува до партиските, посебни интереси – одлично, можеби до Нова Година, можеби ќе ги изненадам, а потоа ќе распишам избори“, додаде Вучиќ.
Регион
Грчкиот остров Закинтос го погоди земјотрес

Во морскиот дел југозападно од грчкиот остров Закинтос беше регистриран земјотрес со јачина од 5 степени според Рихтер, а не се пријавени повредени лица или причинета материјална штета.
Претседателот на Организацијата за антисеизмичко планирање и заштита на Грција Ефтимиос Лекас за државната телевизија ЕРТ истакна дека „не постои причина за загриженост, бидејќи е во подводниот дел“, но и дека има простор и за многу поголеми земјотреси без да се создадат проблеми.
По големиот земјотрес следеа неколку помали меѓу 2,2 и 2,8 степени.