Регион
Орбан: Клинтон побара од Унгарија да ја нападне Србија во 1999 година
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека во 1999 година, за време на неговиот прв мандат, поранешниот американски претседател Бил Клинтон побарал од Унгарија да ја нападне Србија по копно за да отвори втор фронт во екот на војната во Косово.
Орбан го изнесе ова тврдење за време на викендот на состанокот на Дигиталните граѓански кругови на Фидес во Сомбатели, пишува Телекс.
Според Орбан, Клинтон барал Унгарија да ја нападне Србија или „барем да пука во нив од Унгарија преку Војводина па сè до Белград“. Владата на Орбан, како што тврди тој, одбила, а на изричното барање на американскиот претседател одговориле со „Не, господине!“.
„Да имавме премиер тогаш кој знаеше само да каже ‘Да, господине’, ќе бевме во војна до грло“, заклучи Орбан.
Унгарскиот премиер вели дека потоа го прашал Клинтон што ќе се случи со 300.000 Унгарци што живеат во Војводина во тој случај. Тој тврди дека го предупредил и Клинтон дека на пукање од една локација се враќа со оган и го прашал: „Дали треба да дозволиме бомбардирање на Сегед, тоа е планот? Или на Ходмезовашархеј и Мако?“
Орбан рече дека се согласиле да разговараат за ова прашање лично на самитот на НАТО една недела подоцна, но тврди дека Американците никогаш повеќе не го покренале прашањето.
„Можно е да се каже ‘не’ кога имате храброст да го направите тоа“, им рече тој на присутните во Сомбатеј. Додаде дека за неколку години дипломатската историја ќе открие кои канали и информации биле користени за да се убеди американскиот претседател никогаш повеќе да не поднесе такво барање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Над илјада лица протестираа во Атина против нападите врз Иран
Повеќе од илјада лица маршираа во неделата низ Атина до американската и израелската амбасада во знак на протест против нападите врз Иран. Според полицијата, на протестот учествувале над 1.300 демонстранти.
Протестот бил организиран претежно од поддржувачи на Комунистичката партија на Грција, кои носеле транспаренти со пораки „Рацете подалеку од Иран“ и „Затворете ја базата Суда“. Амбасадите на САД и Израел биле обезбедени со полициски кордони.
Συγκέντρωση στο πάρκο Ελευθερίας και πορεία προς την αμερικανική πρεσβεία πραγματοποίησαν εργατικά σωματεία και φορείς κατά των επιθέσεων των ΗΠΑ και Ισραήλ στο Ιράν.
🎥orange press#ingr #news #αθηνα #iran pic.twitter.com/q5IcH44kzk
— in.gr/news (@in_gr) March 1, 2026
Ден претходно, грчките власти ги засилиле безбедносните мерки во поморската база Суда на островот Крит, која ја користат САД како стратешка точка во источниот Медитеран.
Фото: ЕПА
Регион
Оштетена амбасадата на Србија во Техеран во утринските напади
Во утринското бомбардирање на Техеран е оштетена зградата на Амбасадата на Србија во Иран, дознава српски „Телеграф“.
Според информациите на медиумот, била гаѓана блиската база на Басиж, а од силата на ударот е предизвикана материјална штета и на објектот во кој се наоѓа српската дипломатска мисија.
Во нападот нема повредени меѓу персоналот на амбасадата.
Во тек е нов бран напади на Израел и САД врз воени објекти во Иран, особено во Техеран.
Регион
Спречен шверц на 350 килограми марихуана на албанско-грчката граница
На граничниот премин „Какавија” на албанско-грчката граница, кај Ѓирокастро, спречен е шверц на 350 килограми марихуана, која требала да заврши на грчкиот нарко пазар.
„Денеска околу 6:30 часот, при скенерска проверка на празно возило на излез од царинската испостава Какавија, забележана е двојна шасија, каде што била сместена сомнителна количина на наркотична супстанца „канабис сатива“, соопшти албанската полиција.
Се додава дека царинските службеници го пуштиле возилото на физички преглед, заедно со полициските сили, при што биле откриени 166 пакети од по 2,1 килограма марихуана или вкупно 350 килограми.
Ова е прв случај откриен годинава со толкава количина марихуана на овој премин во јужниот дел на Албанија.

