Регион
Ортопед ги користел коските на жртвите од војната во БиХ за плански операции и ги закопал во дворот
Во дворот на ортопедот Небојша Мраовиќ се пронајдени посмртните останки на жртва на војната во Босна и Херцеговина, а тој признал дека ги закопал коските и дека претходно ги користел за планирање операции, пренесе Радио Слободна Европа.
Мраовиќ со години имал приватна ортопедска клиника во Брчко.
Ексхумацијата на коските е извршена на 21 септември под надзор на Обвинителството на Босна и Херцеговина по наредба на Судот на Босна и Херцеговина, а сведокот што ја откри локацијата на закопаните тврди дека тоа била жртва на геноцидот во Сребреница од 1995 година и дека коските биле донесени во Брчко две години по војната.
Во кус телефонски разговор за РСЕ, Мраовиќ рекол дека не гледа ништо спорно во целиот случај наведувајќи дека коските биле користени за „плански операции“.
„Ги користев во болница, ги користев за планирање операции, беа корисни за стотици луѓе“, изјавил Мраовиќ ,без да објасни како ги користел.
Од Институтот за исчезнати лица на Босна и Херцеговина потврдија дека се работи за нецелосни останки на едно лице и прв регистриран случај на намерно криење на останките на жртва во сопствениот двор.
Портпаролката на Институтот „Емза Фазлиќ“ изјавила дека посмртните останки наводно биле донесени во Брчко во 1997 година, Мраовиќ ги закопал во својот двор во 2012 година, а потоа ги преселиле.
Таа посочила дека доколку немало сведоци што ја посочиле точната локација на посмртните останки, тие веројатно никогаш немало да бидат пронајдени.
„Посмртните останки веднаш се пренесени во Комеморативниот центар во Тузла, каде што ќе се изврши обдукција, односно судско-медицинска, криминалистичка обработка, а примероци од коски ќе бидат извадени и испратени на ДНК-анализа“, објасни Фазлиќ.
Поранешниот член на управниот одбор на Институтот за исчезнати лица на Босна и Херцеговина, Амар Машовиќ, вели дека е згрозен од ова откритие и дека за 30 години потрага по исчезнатите, никогаш не наишол на таков случај.
„Претпоставката е дека станува збор за жртва на геноцид, но како и да е, дека воопшто не е жртва на војна, ме ужасува фактот што човек кој положил Хипократова заклетва се однесува со човечко суштество на таков начин, без разлика на фактот дека тоа битие веќе не е живо“, истакна Машовиќ.
Според информациите на Институтот, Мраовиќ не е во Босна и Херцеговина.
Во Босна и Херцеговина моментно се трага по 7.597 исчезнати лица, од кои 1.200 се само во Сребреница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Трамп ги спомена Србија и Косово: Ако не се согласувате, јавете ми се
Набројувајќи ги конфликтите што ги реши во претходниот период, претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера на состанокот на Одборот за мир ги спомена Србија и Косово, велејќи им на лидерите сами да продолжат да ги решаваат проблемите, а ако не можат – да го повикаат.
„Еден пример се Косово и Србија“, рече Трамп, повикувајќи ги лидерите да станат, иако Србија не се приклучи нa Oдборот, додека претседателката на Косово, Вјоса Османи, стана од своето место кога Трамп ја повика.
„Косово, Србија. Јас го направив тоа. Можете ли да станете, ако некој од вас е тука? Само станете на секунда. Косово, Србија, станете! Ви благодарам многу! Го цениме тоа! Одлично, а вие се согласувате. И кога не се согласувате, ме викате и ќе го решиме тоа, нели? Ќе го решиме“, рече Трамп на првиот состанок на Мировниот комитет, јавија српскките медиуми.
Вчера, во Вашингтон се одржа првата седница на Одборот за мир, основан на иницијатива на Трамп, а тоа е тело кое треба да работи на решавање на глобални безбедносни кризи и војни.
Првата задача, како што беше најавено, ќе се однесува на конфликтот во Појасот Газа.
Во јуни 2025 година, американскиот претседател одржа прес-конференција во Хаг на која се пофали со своите достигнувања, за кои верува дека ги постигнал како претседател на Америка.
Еден од примерите што ги наведе Трамп е дека, како што рече, тој спречил потенцијален конфликт меѓу Србија и Косово.
„Србија токму беше на прагот да го стори тоа, но ние го спречивме“, рече Трамп тогаш.
Регион
Вицепремиер во новата бугарска влада поднесе оставка само еден ден по положувањето заклетва
Бугарскиот вицепремиер Стоил Цицилеков, поднесе оставка 24 часа откако положи заклетва во парламентот и ја презеде функцијата.
„Чесните избори се поважни од секој поединец“, изјави тој на брифинг, образложувајќи ја својата одлука.
Во врска со обвинувањата упатени против него – поврзани со поседување марихуана и управување возило во алкохолизирана состојба – Цицилеков изјави дека има чисто досие.
„Немам обвиненија, немам пресуди, немам важечки ограничувања во моментов“, рече тој и додаде дека во случајот незаконски биле користени архиви и објавени лични податоци. Цицилеков истакна дека неговото професионално искуство не било доведено во прашање и најави дека ќе ги бара своите права по судски пат, пренесува „Инвестор.бг“.
Пратеници од партијата „Има таков народ“ ги објавија обвинувањата против Цицилеков и коментираа дека имаат сомнежи оти тој има забрана да учествува во мисии на Европската унија за набљудување избори.
„Чесните избори се приоритет за оваа влада“, изјави вицепремиерот, посочувајќи дека својата одлука ја усогласил со привремениот премиер Андреј Ѓуров. По разговори во тимот било оценето дека личноста на вицепремиерот за чесни избори може да ѝ наштети на каузата, по што Цицилеков поднел оставка.
Нападите врз него се насочени кон Владата и кон спроведувањето чесни избори, изјави и премиерот на привремената техничка влада, Андреј Ѓуров.
„За нас има нешто многу поважно од политичката битка и од тоа кој ќе извлече краткорочни политички поени од овој чин“, додаде тој.
Претходно денеска, претседателката Илијана Јотова изјави дека ќе потпише барање за оставка од Стоил Цицилеков. Таа претходно посочи дека не сноси одговорност за составот на кабинетот, но повика на соодветни мерки доколку обвинувањата се покажат како основани.
Регион
Нови снежни врнежи ја парализираа Словенија: 35.000 корисници без струја, делови од Марибор и без вода
Поради обилните снежни врнежи, околу 35.000 потрошувачи на подрачјето на Марибор и повеќе од 6.000 на подрачјето на Цеље останаа без електрична енергија.
Мокри и лизгави патишта, завеани тротоари и соборени дрвја предизвикуваат проблеми од Словенске Коњице до Марибор, Птуј и Горња Радгона. Екипите на компанијата „Електро Марибор“ се на терен.
Патиштата се мокри и лизгави и во Штајерска, а возачите пријавуваат бројни делници каде што водата се задржува на коловозот. Сообраќајот се одвива побавно од вообичаено, а потребна е зголемена внимателност, пренесе „Б92“.
Надлежните ги предупредуваат возачите да ја прилагодат брзината на условите на патот, да го зголемат безбедносното растојание и да тргнуваат на пат само ако тоа е неопходно. Поради најавените ниски температури постои можност за појава на голомразица, особено на изложените делови од патиштата и мостовите.
Најголеми проблеми предизвикува прекинот на електричната енергија. На поширокото подрачје од Словенске Коњице кон Марибор, Птуј и Горња Радгона дел од дистрибутивната мрежа е во прекин. Според податоците на компанијата „Електро Марибор“, без напојување се околу 35.000 корисници.
Од компанијата соопштија дека сите расположливи екипи се на терен. Проблемите пред сè ги предизвикува тежината на влажниот снег, поради што се кршат гранки и паѓаат дрвја кои ги оштетуваат далекуводите. Интервенциите се сложени, бидејќи екипите мора да работат внимателно, а пристапот до одредени локации на дефекти е отежнат поради временските услови.
Корисниците се замолуваат за разбирање и трпение. Обновата на снабдувањето со електрична енергија ќе се одвива постепено, во зависност од сложеноста на поединечните интервенции.
Според информациите, дел од Марибор останал и без вода. Причината, наводно, е прекин на електричната енергија во Камница, поради што пумпната станица „Врбански плато“ не работи.

