Регион
Османи контра Макрон: Суспендирањето на одлуката за визите ќе го убие дијалогот
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, изјави дека суспензијата на одлуката за укинување на визите за граѓаните на Косово од 1 јануари 2024 година ќе го убие дијалогот меѓу Косово и Србија.
Таа реагираше на изјавата на францускиот претседател, Емануел Макрон, кој на 28 август рече дека неговата земја ќе ги разгледа преземените обврски во однос на економските прашања и визната политика за Косово и Србија, „доколку тие не се однесуваат одговорно“.
„Би рекла дека тоа е начин да се убие дијалогот еднаш засекогаш. Ако некој сака да го прекине дијалогот, тогаш нека преземе такви мерки, кои се казнени мерки против народот на Косово. Тие мерки не се против ниту еден лидер, тие не се против политиката, тие се против народот на Косово“, рече таа во Приштина.
„Никој нема мандат да оди во Брисел, кога народот на Косово е казнет“, рече Османи.
Косовската претседателка додаде дека на 1 септември ќе бидат подготвени упатства за одржување вонредни избори во четири општини на северот на Косово, штом се создадат законски услови за одржување избори во општините Северна Митровица, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ.
Таа изрази и очекување дека на следната средба на високо ниво меѓу Косово и Србија „Европската унија ќе утврди дека нејзините барања се исполнети и дека се исполнети сите услови за укинување на мерките против Косово кои биле неправедни“.
Претставникот на ЕУ за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, најави можност во септември да се одржи средба меѓу премиерот Аљбин Курти и претседателот Александар Вучиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала во Јадранското Море
Земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала го погоди југот на Хрватска во 21:48 часот вчера вечер.
Епицентарот бил на длабочина од 15 километри во Јадранското Море јужно од Корчула, соопшти Европскиот медитерански сеизмолошки центар (EMSC).
Во вторникот, земјотрес со јачина од 4,4 степени според Рихтеровата скала беше регистриран во близина на Ливно. Беше почувствуван и во Далмација.
Регион
Делегацијата на ЕУ во БиХ ги осуди инцидентите на концертот на Томпсон: „Покажете почит кон жртвите“
Делегацијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина ги осуди инцидентите на концертите на Марко Перковиќ Томпсон во Широки Бријег минатата недела, кога дел од публиката извикуваше усташки слогани и поздравуваше со крената десна рака.
„Фотографиите и видеата од неодамнешниот концерт во Широки Бријег ги покажуваат учесниците како извикуваат слогани и нагласуваат карактеристики поврзани со фашистички идеологии. Глорификацијата и релативизацијата на фашистичките идеологии немаат место во демократското општество и нè потсетуваат на најтемните периоди од европската историја“, се вели во соопштението, пренесува „Тпортал.хр“.
Во исто време, ЕУ ги повика сите да покажат почит кон жртвите на злосторствата извршени за време на Втората светска војна, а „надлежните органи да ги истражат инцидентите во согласност со домашното законодавство“, се вели во соопштението.
Извикувањето на усташкиот слоган „Подготвени за дом“ и поздравувањето со крената десна рака на концертите на Томпсон одржани на 13 и 14 февруари во вторник беа осудени од ОБСЕ и мисијата на Обединетите нации во Босна и Херцеговина.
Тие, исто така, ги повикаа властите во БиХ да спроведат истрага и да ги санкционираат сите оние што се однесуваат на овој начин.
Регион
(Видео) Објавени снимки од последните денови пред трагедијата поврзана со култ во Бугарија
Бугарската полиција и обвинителството денес презентираа детални информации за трагичниот случај со шест жртви во областа Петрохан – Околчица поврзани со култ.
Беше потврдена и образложена информацијата дека за мртвите мажи, пронајдени на 2 февруари кај хижата „Петрохан“, станува збор за самоубиство, а за телата пронајдени подоцна во кампер под врвот „Околчица“ – за убиство проследено со самоубиство, јави „Њуз.бг“.
На брифингот беа претставени снимки од шест камери, кои органите на прогонот ги споделија со медиумите. Станува збор за видеа од 31 јануари, 1 и 2 февруари 2026 година. Снимките се од надворешниот дел на панинарската куќа и приодот – од синџир во регионот, патот и крстосницата во близина, рампата, паркингот и задната порта на објектот.
Стана јасно дека дел од камерите снимале само при детектирано движење. На една од снимките се слушаат истрели во самата колиба, при што се гледа и пожарот во објектот. На 2 февруари веќе нема траги од луѓе и возила во периметарот на колибата.
На некои од снимките се гледа и секојдневието на ренџерите, како и пристигнувањето или заминувањето на џиповите што ги користеле. Кадрите прикажуваат и ритуал, во кој учесниците клекнуваат и се поклонуваат до земја, упатувајќи благодарности и молитви.

