Регион
Пахор: За мир на Западен Балкан, забрзајте им го влезот на тие земји во ЕУ
Претседателот на Словенија, Борут Пахор, изјави дека треба да се забрза проширувањето на Европската Унија кон земјите од Западен Балкан и изрази очекување дека ќе биде испратена единствена порака до Брисел од претстојниот самит.
На заедничката прес-конференција со српскиот претседател, Александар Вучиќ, Пахор рече дека тој е во посета на земјите од регионот со цел подготовка за самитот, што треба да се одржи в понеделник.
„Сакав да се консултирам со сите за идејата што произлегува од нацрт-заклучоците од таа конференција – дека проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан е геополитичко прашање и неопходност и дека мора да се одвива побргу и дека ЕУ мора да го има пред очи целиот Западен Балкан и дека би било одлично кога сите земји од таа област ќе влезат во ЕУ во исто време“, изјави Пахор.
Тој исто така рече дека мирот и стабилноста на Западен Балкан може да се зачуваат само со релативно брз влез на сите земји од регионот во Европската Унија.
„Некои чувствителни билатерални прашања меѓу земјите во регионот ќе бидат полесно решени или ќе станат ирелевантни ако сите земји се приклучат на ЕУ во најкус можен рок“, рече Пахор.
Запрашан за изјавата „за алтернативна промена на границите“, Пахор одговори дека не верува оти е можна мирна промена на границите во оваа област.
Српскиот претседател, Вучиќ, рече дека разговарал со Пахор за клучните регионални прашања, евроинтеграциите на Србија и билатералните односи меѓу двете земји.
„Нашата позиција се заснова на почитување на меѓународното јавно право и цврсти правни основи, а нашата позиција не е лесна и не е тајна кога сте во Србија. Јасно е дека имаме поинаков став за прашањето на Косово, како и 22-те земји членки на ЕУ“, рече Вучиќ.
Според него, улогата на Словенија на Западен Балкан е важна.
„Словенија претседава со Европската Унија од јули и нејзината поддршка на европскиот пат е важна“, рече Вучиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Јахорина: Детето кое падна од жичарата претрпе сериозни повреди
Детето, кое вчера падна од жичарницата на планината Јахорина, е надвор од животна опасност, соопштија утрово за „БН ТВ“ од болницата во Источно Сараево.
„Детето е згрижено, претрпе фрактура на бутната коска, што е сериозна физичка повреда, и е испратено во матичната установа во Нови Сад на понатамошно лекување“, изјавија од болницата за „БН ТВ“.
Медиумите потсетуваат дека вчера се случи непријатен настан на Јахорина, кога едно дете беше оставено да виси од жичарницата, а потоа падна на земја од висина од неколку метри.
Сето ова го забележаа скијачите кои случајно се најдоа таму.
Полициската управа Источно Сараево досега не го коментирала случајот, според медиумите во регионот.
Како што изјавија од Олимпискиот центар Јахорина, наскоро ќе биде објавено соопштение во врска со овој настан.
Регион
(Видео) Дете висеше од жичарата на Јахорина па падна, скијачите се обидоа да го фатат
Вчера, дете падна од жичарата на планината Јахорина во Босна и Херцеговина откако некое време висеше држејќи се за седиштето. Видеото од инцидентот покажува како другите скијачи се обиделе да помогнат, но детето на крајот паднало на земја.
Видеото го прикажува детето како виси од столчето неколку моменти пред падот. Скијачите кои случајно се нашле на падината под жичарата се обиделе да го фатат за да го ублажат падот.
Сè уште не е познато зошто детето паднало од седиштето.
Планинарската служба потврди за БН дека се случила несреќата. Повреденото дете е однесено во болницата „Србија“ во Источно Сараево, каде што е на лекување.
Лекарите сè уште не дале коментар за сериозноста на неговите повреди.
Регион
Земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала во Јадранското Море
Земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала го погоди југот на Хрватска во 21:48 часот вчера вечер.
Епицентарот бил на длабочина од 15 километри во Јадранското Море јужно од Корчула, соопшти Европскиот медитерански сеизмолошки центар (EMSC).
Во вторникот, земјотрес со јачина од 4,4 степени според Рихтеровата скала беше регистриран во близина на Ливно. Беше почувствуван и во Далмација.

