Регион
Петковиќ: Екстремистичката политика на Курти ги охрабрува екстремистите да ги напаѓаат Србите
Директорот на Канцеларијата за Косово, Петар Петковиќ, денеска изјави дека премиерот Аљбин Курти ги довел до работ на конфликт, дека сака да го запали целиот регион и дека со својата екстремистичка политика тој ги поттикнува екстремистите да ги нападнат Србите.
Тој за телевизијата „Пинк“ изјави дека српскиот народ страда на северот на Косово, но и на југот на покраината.
„Со сите негови постапки во последните неколку месеци тој направи сè за да предизвика реакција кај Србите и да го натера нашиот народ да се брани, сакаше да ги вовлече српскиот народ и Белград во конфликт и на тој начин да го избегне формирањето ЗСО“, рече Петковиќ.
Додаде и дека нема кој не го осудил Курти, дека Американците се најгласни во тоа, а дури и францускиот претседател Емануел Макрон рекол дека Курти е одговорен за сите настани на северот.
„Сè што направи Курти, со носењето специјалци, нивното незаконско присуство на мостот ‘Бистрица’, малтретирањето на граѓаните, забраната за референдуми и избори и срамниот изборен процес на 23 април, тој сега назначува албански градоначалници, кои добија 500 гласа – тоа е скандал. И покрај сето ова, меѓународната заедница, наместо да го задржи, ги поддржува изборите. Еве, Хетеми не излезе од општинската зграда, не смее да ѕирка низ прозорецот, па каков градоначалник е тој, кого застапува“, рече Петковиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)
Регион
Бомба фрлена врз куќата на Здравко Чолиќ во Белград
Доцна синоќа беше фрлена бомба врз куќата на пејачот Здравко Чолиќ во белградската населба Дедиње.
Полицијата и дежурниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград се на местото на настанот, а истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Деталите, според написите, засега не се познати, но според извештаите никој не е повреден во експлозијата, но е причинета голема материјална штета, пишува „Телеграф“.
Пејачот бил во куќата
Полицијата веднаш ги блокирала приодите кон куќата по приемот на пријавата.
Припадници на Министерството за внатрешни работи спроведуваат истрага, а форензички експерти собираат докази и ги прегледуваат снимките од безбедносните камери за да го идентификуваат сторителот, пишува медиумот.
Во моментот кога била фрлена бомбата, Чолиќ, неговата сопруга и помладата ќерка Лара биле во вилата.
Според Телеграф, тие спиеле во моментот на експлозијата, а звукот ги разбудил.
Фото: ЕПА
Регион
Фалсификуваните пари за Балканот и ЕУ најчесто доаѓаат од Романија
Најголемите количини фалсификувани пари што пристигнуваат на Балканот и во земјите на Европската Унија потекнуваат од илегални фабрики во Романија.
Криминалните групи ги набавуваат фалсификатите по цена од околу 20 отсто од вредноста на оригиналниот новац, што значи дека за еден милион евра лажни пари се плаќаат околу 200.000 евра.
Според наводите, во Романија се фалсификуваат евра, кувајтски динари и американски долари, додека британската фунта се смета за најтешка за фалсификување.
Членовите на овие групи често се претставуваат како Италијанци, Арапи, Грци или Чеси, а меѓу нив има и криминалци од просторот на поранешна Југославија. Тие преку огласи бараат недвижности, луксузни автомобили, јахти, скап накит, уметнички дела и други вредни предмети.
Средбите најчесто се организираат во градови на северот на Италија, а како алтернативи се користат и градови во Франција, земјите на Бенелукс или Шпанија. Криминалните групи дејствуваат во поголем состав, со цел да ѝ го отежнат работењето на полицијата, пренесе Танјуг.

