Регион
Пленковиќ: Српскиот претседател претера кога ја спореди Хрватска со нацистичка Германија
Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, како претерување ја оцени изјавата на српскиот претседател, Александар Вучиќ, кој Хрватска ја спореди со нацистичка Германија.
Тој додаде дека е добро познато оти војната од 1991 до 1995 година се водела на територијата на Хрватска, а не на Србија, дека режимот на Милошевиќ со цел за Голема Србија извршил агресија против Хрватска и дека со операцијата „Бура“ од 1995 година бил ставен крај на окупацијата на Хрватска.
„Што се однесува до изјавите и споредбите со Холокаустот, што е многу, многу е“, изјави Пленковиќ за новинарите во Сињ, каде денес се одржува 303. Сињска алка.
Како што објави агенцијата „Хина“, Пленковиќ изјавил дека Хрватска сака политика на помирување, соработка и добрососедство, поради што е важно да се направи и соочување со минатото и да се дознае вистината.
Вучиќ синоќа во Бачка Паланка, на собир по повод Денот на жртвите и пребеганите Срби за време на операцијата „Бура“, изјави дека Хитлер сакал свет без Евреи и дека Хрватска со нејзината политика сакала Хрватска без Срби.
Тој рече дека на 4 август, истиот ден кога во 1995 година започнала операцијата „Бура“, нацистите во 1944 година упаднале во засолништето на еврејското девојче Ана Франк, која подоцна настрадала во логорите на смртта, при што оцени дека поклопувањето на датумите не е случајност.
Ваквата изјава денеска ја осудија и владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ) и главната опозициска партија односно Социјалдемократската партија на Хрватска (СДП).
Инаку, со четиридневната офанзива под името „Бура“ заврши војната во Хрватска од 1991 до 1995 година. На 4 август 1995, хрватската армија покрена широка артилериска и пешадиска офанзива за враќање на територијата која четири години беше под контрола на тамошните Срби. Операцијата започна со гранатирање на големите српски градови во регионот Краина кој беше под заштита на Обединетите нации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

