Регион
Пожарот кај Бар под контрола, огнот кај Котор се доближил до куќите
Пожарот кај Црвената плажа во Бар е ставен под контрола, изјави заменик-командантот на Службата за заштита и спасување на Црна Гора, Ацо Вулетиќ, посочувајќи дека две лица се повредени, кои помагале во гаснењето. Во меѓувреме, избувна пожар кај Котор, а пожарот над Каменар го гаси хеликоптерот на МУП.
Заменик-командантот на Службата за заштита и спасување Котор, Едуард Ковачиќ, за Радио Котор изјавил дека на таа локација се испратени сите расположливи противпожарни сили и дека помош даваат и членовите на доброволното противпожарно друштво „Богољуб Брезиќ“ од Пераст.
„Пожарот се доближи до куќите, но засега ситуацијата е под контрола“, рекол Ковачиќ.
Во моментот, освен во Дражин Врв, активни пожари има и во Костањица, Мориње и Бјела, како и во пожарното подрачје над Каменар.
„Станбените згради во оваа област не се загрозени“, рече Ковачиќ.
Пожарот над Каменар во моментот се гаси од воздух со противпожарен авион од типот „ер трактор АТ-802“ на МУП на Црна Гора бидејќи хеликоптерите ВЦГ, кои вчера ги гаснеа пожарите во Бока, утрово се пренасочени на гаснење на големиот пожар меѓу Сутоморе и Бар.
Големиот пожар кај Бар е ставен под контрола, пренесуваат тамошните медиуми.
„Нашите екипи сè уште се на терен и ги држат под контрола граничните рабови на пожарот. Куќите се безбедни, луѓето се безбедни, нема материјална штета на објектите. Пожарникар и граѓанин се полесно повредени, нивната состојба е стабилна“, изјавил Вулетиќ.
Сообраќајот од Шушње кон Сутоморе е повторно воспоставен, јавува РТЦГ и потсетува дека во средата поголем пожар ја зафати областа над Црвената плажа меѓу Бар и Сутоморе.
Во гаснењето на пожарот биле вклучени хеликоптери на Армијата на Црна Гора.
Вулевиќ за „Бар инфо“ изјавил дека ситуацијата во врска со пожарот е малку порелаксирана.
„Благодарение на брзата акција и солидарноста, во гаснењето на пожарот учествуваа повеќе од 100 пожарникари со 47 возила. Утрово, ситуацијата е многу подобра од синоќа, пожарот е ставен под контрола, освен во делот што бара интервенција и гаснење од воздух“, изјавил Вулевиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ за обидот за атентат врз него и неговото семејство: „Тоа се луѓе кои би убивале деца“
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се обрати на медиумите зборувајќи, меѓу другото, и за апсењата за обидот за убиство врз него.
Вучиќ изјави дека не знае кои се луѓето кои го планирале атентатот врз него и неговото семејство, но дека знае за нивната возраст, додавајќи дека од доказите видел дека станува збор за луѓе кои се спремни од тоа да го тепаат, па до тоа да го убијат неговото дете.
Вучиќ, одговарајќи на новинарско прашање за двајцата мажи кои беа уапсени во Краљево под сомнение дека планирале атентат врз него и неговото семејство, рече дека тоа е евидентирано како доказ.
„Она што го добив во материјалот, не знам точно за кои лица станува збор, знам од каде се, ги знам нивните години, па не навлегувам во сè друго. Единственото нешто што успеав да го видам е како треба да го тепаат моето дете до точка на врескање, до точка на колење“, рече Вучиќ.
„Гледам дека има околу 70 луѓе кои се залагаат тие да бидат ослободени. Зборуваме за луѓе кои би колеле нечии деца, тоа го имаме евидентирано како доказ“, рече Вучиќ.
Регион
(Видео) Додик вежбаше во природа, па порача: „Никогаш не сум бил во подобра форма“
Поранешниот претседател на Република Српска, Милорад Додик, објави видео на социјалните мрежи на кое прави чучнувања во природа, што предизвика бројни коментари. Со тоа, тој се придружи на долгата низа политичари кои ги искористија своите физички атрибути и спортски активности за да привлечат внимание од јавноста, пишува N1.
Претседателот на СНСД на платформата Икс објави видео со пораката: „Никогаш во подобра форма“.
Никад у бољој форми. pic.twitter.com/Vh2A3e3E3v
— Милорад Додик (@MiloradDodik) February 22, 2026
Ова ги натера корисниците на социјалните мрежи да се пошегуваат, а се појавија и коментари дека тој се „подготвува за затвор“ или за Олимписките игри. Објавата на Додик е продолжение на трендот што во светот го популаризираше рускиот претседател Владимир Путин, познат по фотографиите на кои ги покажува своите мускули.
Регион
Борисов: Како Радев ќе се натпреварува со мене, врз основа на што?
Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, на средба со градоначалници од партијата во Стара Загора упати критики кон поранешниот бугарски претседател Румен Радев, доведувајќи го во прашање неговото политичко позиционирање.
„Ние сме научени да бидеме скромни, но да бидеш скромен не значи да немаш самодоверба. Кој во оваа држава направил помалку од нас? Како ќе излезе Радев да се натпреварува со мене, врз основа на што?“, праша реторички Борисов.
Осврнувајќи се на новогодишното обраќање на претседателот, тој додаде: „На Нова година со задржан здив го слушавме говорот на претседателот. Кога рече олигархија – нека каже која е. Јас тврдам дека во ГЕРБ нема таква“.

