Регион
Политичарка со потекло од Босна поднесе оставка откога пукаше во ликот на Богородица со Исус

Не стивнуваат реакциите за акцијата на швајцарската политичарка Санија Амети, која, додека вежбаше стрелање, пукаше на ликот на Богородица со Исус.
Младите на десничарската швајцарска народна партија поднеле кривична пријава против Амета за нарушување на слободата на вероисповед и богослужба, соопштија вчера од партијата. Николас Римолди, основачот на движењето Mass-Wall, почнато како протест против пандемиските мерки, исто така најави дека ќе поднесе жалба.
Откако швајцарскиот дневен весник Blick објави за фотографиите што Амети ги објави на „Инстаграм“ во неделата, на 32-годишната политичарка не ѝ требаше многу време да одговори на критиките. Ги избришала фотографиите и напишала дека не е свесна што направила и побарала прошка.
Таа поднесе оставка, најверојатно, ќе биде исклучена од партијата.
Поради критиките, Амети поднесе оставка од раководството на зелените либерали во Цирих.
Партијата исто така ја разгледува постапката за исклучување, според извештајот на швајцарскиот јавен радиодифузен сервис СРФ.
„Според мислењето на раководството на партијата, натамошното членство на Санија Амети во зелените либерали би му наштетило на угледот на партијата. За да се спречи натамошна штета, партијата бара итно да се поведе постапка за исклучување“, велат од партијата.
Иако некои медиуми објавија дека по потекло е од Косово, во нејзината биографија стои дека е родена во Босна 1992 година и дека со родителите во 1995 година побегнала во Швајцарија, а самата во интервју за „Албанска пошта“ изјавила дека не е Албанка, но има роднини од Косово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Шеќеринска: НАТО нема да дозволи безбедносен вакуум во БиХ

Заменичката на генералниот секретар на НАТО, Радмила Шеќеринска, денес изјави дека алијансата нема да дозволи безбедносен вакуум во Босна и Херцеговина, откако српскиот лидер Милорад Додик објави дека ќе побара од Москва да ја прекине воената мисија ЕУФОР во таа земја.
Шеќеринска изјави дека НАТО е „трајно посветен на суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина“.
Таа додаде дека НАТО нема да дозволи дестабилизација во Босна и Херцеговина, соопшти канцеларијата на бошњачкиот член на колективното претседателство на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, кој се сретна со претставничката на НАТО.
„Без оглед на исходот од претстојната седница на Советот за безбедност на ООН, НАТО нема да дозволи безбедносен вакуум во Босна и Херцеговина“, рече Шеќеринска.
Регион
Албанска министерка го разреши својот заменик поради непочитување на забраната за пушење

Министерката за внатрешни работи на Албанија, Албана Кочиу, го разреши својот заменик поради непочитување на забраната за пушење во ресторан во САД, објавува „Спутник“.
Таа потврди на социјалните мрежи дека го сторила тоа врз основа на пријавата на албански државјанин кој живее во Њујорк, каде што бил во посета нејзиниот заменик Анди Махила. Како што изјави, тој пушел цигара во ресторанот „што предизвикало немир кај присутните“.
Албана Кочиу е првата жена на чело на полицијата во историјата на Албанија, а во претходната влада беше министерка за здравство.
Фото: принтскрин
Регион
Улиците во Белград оштетени за време на воената парада

Јавното комунално претпријатие Белград (ЈКП) доби наредба денес да излезе на терен и да започне со поправка на патиштата оштетени за време на воената парада „Силата на единството“ во саботата во српскиот главен град.
Членови на кабинетот на српскиот министер за одбрана и Секторот за инфраструктура и стандардни услуги вчера ја посетија рутата на парадата со претставници на Град Белград, Јавното комунално претпријатие Путеви Београда и ЈКП Белград за да ја утврдат штетата предизвикана за време на подготовките и одржувањето на парадата.
На жителите на Белград претходно им беше ветено дека сè ќе биде вратено во првобитната состојба, објавува Нова.рс.
Во саботата во Белград се одржа воена парада насловена како „Силата на единството“, на која учествуваа околу 10.000 војници. На парадата присуствуваа претставници на српскиот државен врв, предводени од претседателот Александар Вучиќ.
фото: принтскрин