Регион
Поради снежните врнежи, прогласена вонредна состојба во дел од Бања Лука: ќе биде ангажирана дополнителна мобилизација

Градскиот штаб за вонредни состојби во Бања Лука на денешната седница прогласи вонредна состојба и состојба на елементарна непогода предизвикана од обилните снежни врнежи за подрачјата на повеќе месни заедници во областа Бања Лука, соопшти градската управа.
Градската управа наведува дека органите, службите и компаниите на подрачјето на Бања Лука ќе бидат ангажирани и целосно ставени во функција со цел што поефикасно да се отстранат последиците од елементарната непогода предизвикана од снежните врнежи, односно да се расчистат патните комуникации на територијата на градот.
„Ќе се ангажира дополнителна мобилизација, а ќе се ревидира и постојниот акциски план. Вонредната состојба ќе трае сè додека има потреба од спроведување мерки за заштита и спасување, како и санирање на последиците од обилните снежни врнежи. Штабот вчера донесе одлука за формирање волонтерски тимови, кои ќе им бидат достапни на граѓаните во месните заедници, кои поради временските непогоди немаат струја и вода, а воедно ќе ги посетат и подрачјата на кои снегот е повисок од 40 сантиметри“, истакнуваат од градската управа на Бања Лука.
Активирани се и итни телефонски броеви, кои ќе им бидат достапни на граѓаните 24 часа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Речиси 13.000 работници од Филипините пристигнаа во Хрватска оваа година

Министерот за надворешни работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, денес ја претстави Неделата на хрватско-филипинско пријателство во Манила со цел зајакнување на работничките права и обезбедување работни места, објави Министерството за надворешни работи.
Тој информира дека од вкупно 136.194 издадени дозволи за престој и работа од почетокот на годината до 30 септември, 12.809 работници, или 9,4 проценти, потекнуваат од Филипини. Ова ги става на четврто место, зад граѓаните на Босна и Херцеговина, Непал и Србија, според податоците од Министерството за внатрешни работи.
„Со оглед на растечкиот број филипински работници во Хрватска, луѓето претставуваат можеби највредниот аспект на сè поблиските односи меѓу двете земји“, изјави хрватскиот министер.
Регион
Претседателството на БиХ едногласно го номинира Трамп за Нобелова награда за мир

Претседателството на Босна и Херцеговина денес едногласно одлучи да го номинира американскиот претседател Доналд Трамп за Нобелова награда за мир истакнувајќи ја неговата „посветеност на воспоставување траен мир во Појасот Газа“, пишува „Кликс.ба“.
Оваа одлука, која претставува прва официјална номинација за претстојниот циклус на доделување на престижната награда, е донесена со консензус на сите тројца членови на Претседателството – Денис Беќировиќ, Жељко Комшиќ и Жељка Цвијановиќ.
Во образложението се наведува дека американскиот претседател одиграл клучна улога во посредувањето меѓу израелската и палестинската страна, а неговите дипломатски напори резултирале со прекин на конфликтот и отворање на патот за нов мировен процес на Блискиот Исток.
Денешната одлука дојде речиси два месеца откако Жељка Цвијановиќ првпат презентира предлог за номинација. Нејзиниот предлог беше одбиен во август бидејќи не ги исполнуваше потребните формални критериуми.
Да потсетиме дека предлогот на Жељка Цвијановиќ дури и не беше вклучен на дневен ред на седницата на Претседателството во август оваа година. Членовите Денис Беќировиќ и Жељко Комшиќ потоа сметаа дека предлогот не е формално комплетен, односно дека му недостигаат објаснување и процедурални елементи потребни за официјална номинација.
Кабинетот на Беќировиќ потоа изјави дека „никој не го оспорува правото да се дискутира за предлогот, но дека документите мора да бидат подготвени на сериозен начин“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, неодамна одигра клучна улога во мировните преговори, што резултираа со прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, ослободување на заложниците и отворање хуманитарни коридори. Неговата администрација го посредуваше договорот со поддршка на Египет и Турција, а многу меѓународни медиуми го опишаа како „историски дипломатски пробив“.
По денешната одлука, се очекува Претседателството на БиХ набргу и официјално да ја достави номинацијата до Нобеловиот комитет во Осло.
Фото: ЕПА
Регион
Додик предлага трет ентитет за Хрватите во Босна и Херцеговина

Лидерот на владејачката партија во Република Српска, Милорад Додик, предизвика лавина критики од бошњачката страна со својот предлог за формирање трет ентитет во БиХ со цел заштита на политичките права на Хрватите, јавуваат медиумите во Босна и Херцеговина.
Додик со години се залага за реорганизација на БиХ преку формирање трет ентитет и тврди дека тоа е она што го сакаат повеќето Хрвати и нивните политички претставници, но не се осмелуваат отворено да се залагаат за тоа.
Тој го повтори ова во понеделникот по средбата со претседателот на ХДЗ БиХ, Драган Човиќ, во Бања Лука.
„Веруваме дека трајно решение би било Босна и Херцеговина да биде организирана на таков начин што ќе има три ентитети“, рече Додик во име на неговиот Сојуз на независните социјалдемократи (СНСД), партијата што е столб на владејачката коалиција во РС, а е и дел од владата на државно ниво.
Тој рече дека Федерацијата на БиХ треба да се подели на бошњачки и на хрватски ентитет, кои би станале изборни единици, за да не може никој да се меша во изборните одлуки на членовите на еден од двата конститутивни народа.
фото: принтскрин