Регион
Поскапе такси-превозот во Белград
Такси-превозот во Белград поскапе 10 отсто, а почетната цена е 50 динари повисока и ќе изнесува 320 динари.
Возењето од километар е поскапо девет динари и ќе изнесува 105 динари.
Чекањето еден час поскапе 600 динари, односно ќе чини 1.800 динари, е објавено на фејсбук-страницата на Здружението на такси-превозниците СИТАБ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Пленковиќ за апсењето на министерот за здравство: „Јас сум згрозен, ова е предавство“
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, денеска, по повод апсењето и разрешувањето на министерот за здравство, Вили Берош, изјави дека е згрозен и дека надлежните органи имаат целосна поддршка од него и од неговата влада.
„Лично сум згрозен што некој би искористил позиција за лично богатење, тоа е незаконски чин на министерот и некои други. Здравството е особено чувствителна тема за сите граѓани. На Берош му беше доверено да се грижи за здравствениот систем и за здравјето на граѓаните и да управува со ресурсите на легален начин. Ниту тој ниту некој друг добил мандат за злоупотреба на системот“, изјави Пленковиќ на новинарите.
Тој исто така посочи дека ова може да се смета за чин на предавство.
Пленковиќ рече дека за секое вакво однесување на правосудните органи, колку и да се непријатни за владата во моментот, тие ја имаат целосната поддршка од извршната власт и нивната поддршка.
„Граѓаните знаат дека ние како влада нема да заштитиме никого од кривично гонење, без разлика за кого станува збор“, рече Пленковиќ и додаде дека ако се докаже дека овие обвинувања против Берош се точни, тој тоа го гледа како личен чин на предавство.
Тој додаде дека на коалицискиот состанок било констатирано дека владата ужива поддршка за работа на теми многу поважни за граѓаните и економијата на државата.
Пленковиќ рече и дека нема сознанија за евентуална штета предизвикана од коруптивните активности за кои се обвинети Берош и други.
Пленковиќ уште еднаш даде целосна поддршка на ДОРХ и другите надлежни органи оценувајќи ја општата моментна состојба како многу лоша.
Хрватските медиуми пишуваат дека првоосомничен е контроверзниот претприемач Хрвоје Петрач. Но, тој не е уапсен и моментно не е во Хрватска.
„Јутарњи лист“ наведува и дека Берош е обвинет за земање поткуп од 25.000 евра за набавка на спорни апарати за вкупно 75.000 евра.
Регион
Пленковиќ го разреши министерот за здравство, кој утрово беше уапсен
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ го разреши министерот за здравство, Вили Берош, кој утрово беше уапсен.
„Премиерот го разреши Вили Берош од министерските должности. Тој ја назначи Ирена Хрстиќ за државен секретар, кој раководи со Министерството за здравство до стапување на новиот министер на функцијата“, соопштија од хрватската влада, пренесе „Индекс“.
Хрватската полиција, утрово, во акција по наредба на Одделот за сузбивање на корупцијата и организирниот криминал (УСКОК), го уапси министерот за здравство, Вили Берош, јавија хрватските медиуми.
Станува збор за финансиски малверзации со набавка на микроскопи.
Регион
Приведен хрватскиот министер за здравство, истрага и за познат доктор
Хрватската полиција утрово во акција по наредба на Одделот за сузбивање на корупцијата и организирниот криминал (УСКОК) го уапсила министерот за здравство Вили Берош, јавуваат хрватските медиуми.
Според неофицијални информации, уапсен е и директорот на Клиниката за неврохирургија.
Станува збор за финансиски малверзации со набавка на микроскопи.
Од УСКОК ја потврди акцијата.
„Апсењата и спроведувањето на итните доказни дејства се резултат на истрагите што претходно ги спроведе УСКОК. Наведените дејства се вршат на подрачјето на Загреб и Скрадин во врска со повеќе лица, од кои едното е висок државен функционер, а за кои постои основано сомнение дека сториле коруптивни кривични дела. По распитот на осомничениот, УСКОК ќе донесе одлука за понатамошно постапување по предметниот случај за што навремено ќе ја информира јавноста“, соопшти УСКОК.
Познатиот загрепски адвокат Љубо Павасовиќ-Вишковиќ за „Јутарњи“ потврди дека директорот на Клиниката го ангажирал како бранител, но не сакаше да коментира зошто неговиот клиент е уапсен.
Претходно, државниот секретар во Министерството за здравство, Томислав Дулибиќ, во емисијата на хрватското радио „Полиграф“ изјави дека не знае зошто полицијата упаднала во куќата на министерот Берош.
Полицијата утрово изврши претрес на адресата на министерот Берош.
Според првите информации, освен министерот, цел се и неколку лекари, меѓу кои и директори на некои болници.