Регион
Потрагата по фармацевтот на Сува Планина сè уште трае: отишол без соодветна опрема за планинарење и ги оставил телефоните во автомобилот
Полицајци, пожарникари, членови на Планинарската спасувачка служба, семејството, роднините и пријателите сè уште трагаат по Милан Ѓорѓевиќ (41), кој исчезна во понеделникот попладне на падините на Сува Планина, во близина на излетничкото место Бојанини Води. На помош беа повикани шумарите, кои одлично го познаваат овој дел од теренот и патеките што водат до планинските врвови и до селото во подножјето на планината.
Потрагата по младиот фармацевт се врши и од воздух, со помош на најсовремен дрон, што Машинскиот факултет во Ниш им го обезбеди на пријателите на исчезнатиот.
Во понеделникот, по работа, Милан со својот автомобил „шкода“ се упатил до излетничкото место и го паркирал возилото на паркингот до затворениот планинарски дом. Еден од жителите на селото, кој ја косел ливадата, потврдил дека го видел околу 18.30 часот и од тогаш му се губи секаква трага.
Семејството и пријателите на младиот фармацевт веруваат дека тој отишол да шета на планината бидејќи сака природа и планинарење, но се загрижени што тој заминал сам и ги оставил и личниот и службениот телефон во автомобилот. Ги загрижува и тоа што на планина отишол без соодветна опрема за планинарење, со обични чевли, со кои лесно можел да се лизне, да падне и да се повреди, а не можел да повика помош бидејќи не носел телефон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)
Регион
Бомба фрлена врз куќата на Здравко Чолиќ во Белград
Доцна синоќа беше фрлена бомба врз куќата на пејачот Здравко Чолиќ во белградската населба Дедиње.
Полицијата и дежурниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград се на местото на настанот, а истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Деталите, според написите, засега не се познати, но според извештаите никој не е повреден во експлозијата, но е причинета голема материјална штета, пишува „Телеграф“.
Пејачот бил во куќата
Полицијата веднаш ги блокирала приодите кон куќата по приемот на пријавата.
Припадници на Министерството за внатрешни работи спроведуваат истрага, а форензички експерти собираат докази и ги прегледуваат снимките од безбедносните камери за да го идентификуваат сторителот, пишува медиумот.
Во моментот кога била фрлена бомбата, Чолиќ, неговата сопруга и помладата ќерка Лара биле во вилата.
Според Телеграф, тие спиеле во моментот на експлозијата, а звукот ги разбудил.
Фото: ЕПА
Регион
Фалсификуваните пари за Балканот и ЕУ најчесто доаѓаат од Романија
Најголемите количини фалсификувани пари што пристигнуваат на Балканот и во земјите на Европската Унија потекнуваат од илегални фабрики во Романија.
Криминалните групи ги набавуваат фалсификатите по цена од околу 20 отсто од вредноста на оригиналниот новац, што значи дека за еден милион евра лажни пари се плаќаат околу 200.000 евра.
Според наводите, во Романија се фалсификуваат евра, кувајтски динари и американски долари, додека британската фунта се смета за најтешка за фалсификување.
Членовите на овие групи често се претставуваат како Италијанци, Арапи, Грци или Чеси, а меѓу нив има и криминалци од просторот на поранешна Југославија. Тие преку огласи бараат недвижности, луксузни автомобили, јахти, скап накит, уметнички дела и други вредни предмети.
Средбите најчесто се организираат во градови на северот на Италија, а како алтернативи се користат и градови во Франција, земјите на Бенелукс или Шпанија. Криминалните групи дејствуваат во поголем состав, со цел да ѝ го отежнат работењето на полицијата, пренесе Танјуг.

