Регион
Почина Мирослав Лазански
Почина српскиот новинар, воен аналитичар, политичар и дипломат Мирослав Лазански на 71-годишна возраст.
Лазански починал во својот дом во Белград како последица на срцев удар, како што пренесуваат медиумите во регионот.
Тој беше амбасадор на Србија во Русија, а на позицијата беше именуван во 2019 година. Пред да биде поставен за амбасадор, Лазански беше пратеник од листата на партијата на српскиот претседател Александар Вучиќ, Српска напредна партија.
Лазански пишуваше за загрепските весници „Полет“, „Вјесник“, „Данас“ и „Старт“. Во февруари 1991 година се пресели во Белград и почнал да пишува за дневниот весник „Политика“. Пишуваше и за „Политика експрес“, НИН, „Вечерње новости“, „Катимерини“, „Дајмонд викли“ и „Секјуритаријан“. Напиша десет книги и е автор на десетина телевизиски серијали.
Известуваше од војните во Авганистан, Бејрут, Чеченија, Заир, Либан, конфликтот меѓу Ирак и Иран, за време на операцијата „Пустинска бура“, за време на војната во Босна и Херцеговина, Словенија, Косово, Либија итн.
Интервјуира двајца врвни команданти на НАТО, тројца маршали на СССР, шефови на КГБ, на КХАД, педесетина министри за одбрана и началници на генералштабовите на светските армии, вклучувајќи ги и началниците на генералштабовите на Руската Федерација, кинеската и јапонската војска. Единствениот југословенски новинар што пловеше во нуклеарната подморница, американскиот „Таутог“, леташе со авион „Ф-14“, беше на носачот на авиони „Џон Ф. Кенеди“ и леташе со „миг-29“.
Воениот рок го отслужил во 1977 година во Битола во 41. пешадиска дивизија на ЈНА. Тој беше награден со Медал за воени заслуги.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

