Регион
По 50 работници дневно ја напуштаат Босна и Херцеговина и се селат во Словенија
Заминувањето на работната сила од пазарот на Босна и Херцеговина доби огромни размери.
За тоа сведочи податокот дека само минатата година во Словенија и Германија заминале речиси 20.000 работници.
За 11 месеци минатата година Агенцијата за труд и вработување на БиХ издала дури 17.917 работни дозволи за Словенија, што е зголемување за речиси 10.000 работници во однос на 2020 година кога биле издадени 7.887 одобренија, пренесува порталот Капитал.
Тоа значи дека просечно, месечно од домашниот пазар заминувале по 1.493 работници, односно секој ден во Словенија оделе по 50 работници.
Агенцијата посредувала и при вработување на домашни работници во Германија, па така во 2021 година издале 487 работни дозволи, додека во 2020 година нешто повеќе, односно 533.
Работодавачите посочуваат дека имаат рецепт за враќање на работната сила на домашниот пазар, но и придобивање на странските работници.
„Со намалување на фискалните и парафискалните оптоварувања, како и јавната потрошувачка и корекција на распределбата во корист на работниците во стопанството, можеме да создадеме услови за враќање на нашите граѓани, дури и престој на странски државјани. Клучот е поефикасно управување со природни и човечки ресурси“, изјави директорот Р.С.Саша Ачиќ.
Тој нагласи дека платите ќе продолжат да растат, а во блиска иднина ќе бидат стопирани и надворешните миграции.
„Стабилизацијата на политичките околности и владеењето на правото се императив. Фокусот на јавноста треба да се префрли на животните теми. Квалитетот и достоинството на животот и работата се најважните теми во една заедница“, рече Ачиќ.
Економистите посочуваат дека фактичките податоци за заминувањето на работната сила се далеку порадикални, особено кога станува збор за Словенија и Австрија.
„Имаме луѓе кои одат во овие земји да работат сами, без никаков посредник. Последица на сето ова е дека БиХ ќе стане увозник на работна сила во некои дејности, што веќе се случува. Оваа глобализација е веќе на прагот и тоа е нешто што ќе мора да го прифатиме“, вели економистот Горан Радивојац. .
Во некои дејности, напоменува, долго време е тешко да се најдат работници, па затоа, БиХ ќе мора да увезува работна сила, што од друга страна значително ќе влијае на општеството – како културно така и традиционално.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

