Регион
Пратениците го напуштаат Трифонов: „Тој ги повлече министрите за да краде, Северна Македонија е измислена причина“
Петмина пратеници и бугарскиот министер за спорт во оставка Радостин Василев ја напуштија пратеничката група на партијата на Слави Трифонов „Има таков народ“ во парламентот. Ова го соопшти Василев на прес-конференција.
„Како министер за млади и спорт, освен што поднесов оставка, не можам повеќе да ги поддржувам постапките на лидерот на „Има таков народ „Слави Трифонов и ја губам довербата во него. Бугарија ми е поважна од задкулисните интереси на група луѓе кои најверојатно владеат со нашиот лидер. Со голема тага ќе го напуштам ИТН, бидејќи во последните 2 години ја вложив сета моја енергија, сила, волја и значителни средства за да ги изградам структурите на оваа партија. Мафијата упаѓа во ИТН.“, рече тој.
Додаде дека Слави Трифонов никогаш не го интересирало мислењето на гласачите, на неговите пратеници. Обвини дека ИТН е деловен проект, а не парламентарен.
„За да украде некои средства од некои фирми, Трифонов повлече министри. Република Северна Македонија е измислена причина што се користи за оваа пригода“, нагласи Василев додавајќи дека не може повеќе да биде од оваа структура поради лидерот на партијата и неговиот круг на луѓе.
Претходно денеска бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска и министерот за енергетика Александар Николов поднесоа оставки. И двајцата се функционери на политичката партија Има таков народ (ИТН), која најави повлекување од владејачката коалиција во земјата.
Слави Трифонов претходно на „Фејсбук“ напиша дека знае за пратеници од неговата партија кои ќе го поддржат Петков.
„Штотуку добив информација дека пратеници од „Има таков народ“ ќе ја напуштат нашата пратеничка група и ќе ги поддржат Кирил Петков и Василев. Најверојатно се купени со пари и позиции“, напиша Трифонов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

