Регион
Прв случај на коронавирус во Србија, заразен маж од Суботица, кој допатувал од Унгарија

Српскиот министер за здравство, Златибор Лончар, вонредно се обрати во јавноста потврдувајќи дека во Србија е регистриран првиот позитивен случај на коронавирус.
Тој нагласи дека прес-конференцијата била свикана еден час по добивањето на позитивните резултати.
„Се случи она што го очекувавме сите, а беше реално и прашање на време. Го имаме првиот позитивен случај на коронавирус“, изјави Лончар.
Станува збор за 43-годишен маж од Суботица, кој во повеќе наврати престојувал кај сестра си во Будимпешта, која имала симптоми на коронавирус, по што и тој ги почувствувал истите симптоми. Мажот одговорно самиот се пријавил по што бил тестиран.
„Неговите деца биле кај бабата и дедото и тој останал сам со сопругата во станот, со која исто така имал ограничен контакт и му носела храна без контакт. Мажот се ставил самиот во изолација“, рече српскиот министер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) Кит снимен во близина на Дубровник

Во близина на Дубровник, поточно кај островот Локрум е снимен кит. Тој го привлече вниманието на капачите кои беа на плажата, објавија хрватските медиуми.
Додека некои на плажата коментираа дека нема да се приближуваат до морето некое време, на социјалните мрежи некои луѓе видоа можност за профит и нов бизнис.
„Од денес, набљудувањето китови од брегот е 250 долари“, гласеше коментар што насмеа многумина. „Ќе поставам сепаре за 300 евра“, одговори еден корисник.
Се верува дека сликата е од перкаст кит, второто најголемо животно во светот, веднаш по синиот кит. Расте до 26 метри и може да тежи до 70 тони. Препознатлив е по своето издолжено, тенко тело и интересната асиметрична боја: едната страна му е бела, другата темна. Исто така, тој е еден од најбрзите китови, способен да плива со брзина до 40 километри на час.
Овој вид обично живее во длабоките мориња и океани низ целиот свет, а ретко и случајно влегува во Јадранското Море.
Регион
Мајка се обидела да го задуши своето 8-месечно бебе со перница во болница во Бања Лука

20-годишна мајка се обидела да го задуши своето осуммесечно бебе со перница во Универзитетскиот клинички центар во Бања Лука. Мајката била уапсена, а бебето, кое претходно имало здравствени проблеми, било спасено во последен момент.
Кликс.ба неофицијално дознава дека дваесетгодишната девојка имала психички проблеми.
„Вршителот на должноста обвинител на Окружното јавно обвинителство во Бања Лука, по сослушувањето на осомничената В. П., родена во 2005 година, на 18.06.2025 година поднесе предлог за определување мерка притвор до Окружниот суд во Бања Лука, поради постоење на основано сомнение дека сторила кривично дело Тешко убиство во обид на штета на дете.
Обвинителот поднесе предлог за определување мерка притвор поради постоење на посебни околности што го оправдуваат стравот дека осомничената ќе го доврши обидот за кривично дело“, соопшти Окружното јавно обвинителство.
Судијата на Окружниот суд во Бања Лука ќе одлучи дали на 20-годишната девојка ќе ѝ биде одреден притвор.
Регион
Укинат притворот за петмина осомничени за смртта на 16 лица на железничката станица во Нови Сад

Апелациониот суд во Нови Сад го укина притворот на петмина осомничени во истрагата за фаталното уривање на настрешница на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, кога загинаа 16 лица, објави судот.
Судот донесе одлука со која делумно ги прифати жалбите на адвокатите на обвинетите во кривичната постапка во врска со трагедијата во Нови Сад, која предизвика бран повеќемесечни протести и обвинувања за корупција и лошо извршување на работите за неодамнешната реконструкција на станицата.
Меѓу првично уапсените, судот веќе претходно го укина притворот на поранешниот министер за градежништво Горан Весиќ, а со нова измена на одлуката, уште петмина обвинети беа ослободени од притвор, против кои ќе се примени електронски надзор и тримесечна забрана за напуштање на станот, како и забрана за користење на телефон, интернет и прием на други лица во станот.
Кон крајот на минатата година, беше поднесено обвинение против 13 лица, но судот го врати на понатамошна истрага.
Меѓу обвинетите се поранешната вд директорка на Српската железничка инфраструктура Јелена Танасковиќ, поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ и неговата помошничка Анита Димовски, како и поранешниот генерален директор на Српската железничка инфраструктура Небојша Шурлан.
Тие се обвинети за кривични дела против јавната безбедност и предизвикување јавна опасност. Во обвинението се товарат и неколку инженери, проектанти и лица одговорни за изградба, контрола и надзор.