Регион
Пронајдено телото на Ивона Савичевиќ по која се трагаше во Црна Гора
Вчера беше пронајдено телото на 42-годишната жителка на Подгорица Ивона Савиќевиќ, која исчезна на 13 јануари, информираа од Управата на црногорската полиција, а пренесоа црногорските медиуми.
Исчезнувањето во полиција било пријавено пред четири дена, а телото било пронајдено вчера.
Во потрагата биле вклучени дронови и хеликоптер на црногорската полиција. Според првичните информации, полицијата не констатирала траги на насилство, но причината за смртта ќе биде позната по сите анализи и вештачења, пишува Вијсети.ме. Ивона беше самохрана мајка на мало девојче.
Савиќевиќ последен пат била видена во местото Штеке, каде на крајот било пронајдено нејзиното тело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Маж нападнал студент во Нови Сад, извадил нож
Денеска пред Медицинскиот факултет во Нови Сад, за време на блокадите, постар маж со нож се обидел да нападне студент, редар во жолт елек, кој мирно стоел со рацете покрај телото.
Неколку студенти, исто така обезбедувачи, му пришле и го разоружале човекот кој го нападнал студентот.
Мажот е приведен. Во оваа прилика со соопштение се огласи и српкото МВР во кое се наведува дека поради сомнение дека сторил кривично дело насилничко однесување е уапсен М.Г.
Stariji muškarac prišao je danas tokom blokade ispred Medicinskog fakulteta jednom redaru u žutom prsluku i na njega potegao nož.
U tom trenutku su ostali redari i studenti razoružali tog čoveka. pic.twitter.com/b7ky04jji8
— TV N1 Beograd (@n1srbija) January 17, 2025
„По наредба на обвинител му е одредена мерка притвор до 48 часа и со кривична пријава ќе биде изведен пред основниот јавен обвинител во Нови Сад“, соопштија од полицијата.
Ова е еден од серијата напади на протестот, а еден од најтешките се случи вчера, кога беше уапсен возач поради обид за убиство на студент кој учествуваше во блокада на улицата Рузвелтова.
Имено, возачот со својот автомобил се обидел насилно да ја пробие блокадата и притоа удрил во студентка која била на тротоарот.
Регион
Малолетник на интензивна нега во сплитската болница, врсник го избол со ножици
Полицијата од Сплит соопшти дека вчера попладне дошло до расправија и туркање меѓу двајца малолетници на игралиште, при што едниот тешко го повредил другиот. На двајцата им е укажана лекарска помош, а на местото на настанот е извршен увид. Според неофицијални информации, едно момче со ножици изболо друго во пределот помеѓу градите и рамото.
За настанот е известен надлежниот државен правобранител, до кого ќе биде поднесена посебна пријава, со оглед на тоа што не може кривично да одговара дете што не наполнило 14 години и не може да се поведе кривична или прекршочна постапка, соопштија од полицијата.
„Во сплитската болница е примено момче родено 2011 година со убодна рана. Тој е хоспитализиран и се лекува на Клиниката за детска хирургија при Универзитетскиот болнички центар во Сплит. Во моментот е стабилен и надвор од животна опасност“, велат од болницата за „Индекс“.
„Со оглед на настанот, кој се случи во четвртокот, на 16.1.2025 година во попладневните часови, во близина на нашиот спортски центар, поточно на детското игралиште до кафезот со вештачка трева, а бидејќи и двете момчиња се членови на нашиот клуб, УО на клубот донесоа одлука за трајно суспендирање на двете момчиња од нашата спортска репрезентација и дека во најбрз можен рок ќе бидат донесени исти одлуки за сите членови за кои има докази за недолично однесување, без разлика дали се на училиште, во слободно време или за време на тренинг на нашиот клуб. Со ова сакаме да испратиме јасна порака дека нашиот спортски центар и клуб е место со нулта толеранција за насилство и дека ќе направиме сѐ што можеме за да обезбедиме безбедно време за другите деца и безгрижно време за родителите додека нивните деца поминуваат обука. Ви благодариме за разбирањето. На момчето, кое е на одделот за интензивна нега на Одделот за детска хирургија во КБЦ – Сплит, му посакуваме брзо и безбедно закрепнување“, соопштија од клубот.
Како што пишува далматинскиот портал, коментар им испратила и мајката на едно од момчињата.
„Ја имам таа несреќа што вчера во паркот моето дете употреби училишни ножици од чантата за да повреди врсник со кој обично се дружи предизвикувајќи му и физичка и психичка болка. Не можам ни да опишам колку сме тажни и разочарани како семејството.
За жал, ситуацијата е таква каква што е, тоа е мое дете и треба да го поправиме она што може да се поправи.
Верувам дека повреденото дете никако не заслужи да биде исфрлено од клубот, туку само моето, кое го направи проблемот. Затоа, би ве замолила да размислите за оваа одлука. Исто така, верувам, без разлика на овој случај (моето заслужува суспензија), дека децата не треба да бидат отфрлени и исклучени од спортот поради, да речеме, прифатливи непромислености бидејќи сите ги знаеме придобивките што ги носи“, рече таа.
Регион
Вучевиќ: Србија мора да оди напред, државата не смее да пропаѓа поради несреќата во Нови Сад
Србија мора да оди напред и не смееме да дозволиме кршење на законите и колапс на државата поради катастрофата што ја доживеавме, изјави денеска премиерот Милош Вучевиќ оценувајќи дека ова е прашање на сериозност и одговорност на оваа генерација кон идните.
„Не смее да се дозволи кршење на законот и рушење на државата. Апсолутно нема никакво оправдување да ја урнеме државата поради огромната трагедија што ја доживеавме во Нови Сад на 1 ноември минатата година. Мој впечаток, и верувам, тоа е впечатокот и на мнозинството српски граѓани, е дека сѐ што се случува сега нема врска со трагедијата во Нови Сад, туку постојано се додава нешто ново и се претставува како основа за блокадата на животот и блокадата на Србија и обиди за колапс на Србија“, рече тој на прес-конференција.
Вучевиќ истакна дека одговорните за прекршување на законот ќе одговараат во согласност со законот.
„Без тоа, завршуваме во ситуација секој да може да прави што сака, без одговорност. Тоа значи дека исчезнува правниот систем, на некој начин исчезнува државата, а желбите и соништата на сите оние што не ѝ посакуваат на нашата земја добро се исполнети и, за жал, ги има многу“, рече тој.