Регион
Пумпата за базен го повлекла момчето на дното: детали за трагедијата на Златибор

Момче (6) од Белград вчера се удавило во базен на познат хотел на Златибор, а според неофицијални информации, смртта ја предизвикала пумпата од базенот. Кога момчето нурнало, наводно пумпата го повлекла на дното.
Очевидците на оваа трагедија со сите сили се обиделе да го извлечат детето, но не успеале поради вакуумот, а момчето починало.
По наредба на Основното јавно обвинителство во Ужице, на телото на момчето е наредена обдукција.
Полицијата го уапсила сопственикот на фирмата за одржување на базените. На осомничениот му е одреден притвор до 48 часа. Тој беше обвинет за тешко дело против општата безбедност.
Повреденото момче било придружувано од жена за која постои сомневање дека е баба му, пишува „Блиц.рс“.
Екипата на „Блиц“ стапила во контакт со хотелот во кој се случила трагедијата, но од вработените велат дека не сакаат да даваат изјави за медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Момче било претепано во училишниот тоалет и снимено во Хрватска; Директорот: Вообичаен конфликт, а не спектакл

Нов случај на врсничко насилство се случи во основно училиште во Крапинско-загорската жупанија, кога неколку момчиња брутално претепале 12-годишен врсник во училишниот тоалет, а нападот бил снимен. Поради повредите момчето завршило во загрепска болница, а полицијата интервенирала во училиштето, јавува Дневник.хр.
Од болницата потврдиле дека момчето било примено на лекување, но не соопштуваат детали. Неговата мајка изјавила дека тој претрпел удар во слезината и потрес на мозокоt. По два дена во болница бил пуштен на домашна нега.
Мајката тврди дека нејзиниот син повеќе од една година трпел насилство и дека стручните служби во училиштето знаеле за проблемите, но не реагирале. „Има се, од ситни провоцирања, удирање, до поголеми тепачки, на кои училиштето лошо реагираше или воопшто не реагираше и често го обвинуваше 12-годишното дете затоа што, како што велат, самиот го испровоцирал“, вели мајката.
Таа додава дека во училиштето и објасниле дека насилниците имаат различни дијагнози, а кога момчето претходно било погодено во ногата, родителите на напаѓачите ја нападнале неа, бидејќи таа ги пријавила.
„Кога го добив видеото од тепањето, ужас е да се види“ изјавила мајката, која истакнала дека училишните служби целосно не реагирале, а ниту класната раководителка не сакала да одговори на нејзиниот повик.
Директорот на училиштето потврдил дека полицијата била во училиштето. „Тоа не е спектакл, тоа е нормален конфликт меѓу момчиња, се караат малку и знаете како е, родителите веднаш викаат полиција“, изјавил директорот за Нова ТВ. Тој тврди дека училиштето го почитува протоколот и дека сите се известени.
Од полицијата велат дека поради чувствителноста на случајот ќе се изјаснат писмено.
Мајката како што пренесуваат медиумите, најмила адвокат за да се обиде да го спречи насилството врз нејзиното дете.
Регион
Владата во Албанија го забрани „Тик-ток“на 12 месеци

Албанската влада денеска донесе одлука да ја забрани апликацијата „Тик-ток“ на 12 месеци поради содржина која наводно поттикнува насилство и малтретирање, особено кај децата.
Албанската министерка за образование Огерта Манастирлиу рече дека владата е во контакт со „Тик-ток“ за инсталирање филтер за родителска контрола, како и вклучување на албанскиот јазик во апликацијата, пренесува АП.
Албанските власти одржаа 1.300 состаноци со околу 65.000 родители кои „препораа и беа за затворање или ограничување на платформата „Тик-ток““, рече министерката.
Владата во Тирана покрена иницијатива за затворање на апликацијата минатата година, откако тинејџер избоде до смрт друг тинејџер во ноември по расправија што започна на „Tик-ток“.
Рама денеска изјави дека владата е во „позитивен дијалог со компанијата“ која наскоро ќе оди во Албанија за да понуди „низа мерки за зголемување на безбедноста на децата“.
Компанијата соопшти дека не нашла докази дека сторителот или жртвата имале профили на „Тик-ток“, а повеќе извештаи всушност потврдиле дека видеата што довеле до овој инцидент биле објавени на платформа различна од „Tик-ток“.
Родителите според написите, изразиле загриженост по извештаите на децата кои се инспирирани од содржината на социјалните мрежи да носат ножеви на училиште, или случаите на малтретирање промовирани со приказни што ги гледаат на „Tик-ток“.
Властите го зголемија полициското присуство во некои училишта и воведоа други мерки, вклучително и програми за обука на наставниците, учениците и нивните родители.
Албанската опозиција не се согласи со затворањето на „Тик-ток“ и го одреди 15 март како ден за протест против тој потег, тврдејќи дека забраната е „чин на нетрпеливост, страв и терор против слободата на мислата и изразувањето“, пренесува Танјуг.
Регион
Вучиќ: Ќе разговарам со Путин утре

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, најави дека утре во 12 часот ќе разговара со рускиот претседател, Владимир Путин.
Како што рече, двајцата ќе зборуваат за билатералните односи меѓу Србија и Русија. Инаку, Путин вчера му испратил честитка на Вучиќ по повод неговиот 55. роденден.
„Почитуван господине претседателе, ве молам примете ги моите срдечни честитки по повод вашиот 55-ти роденден. Искрено Ви посакувам многу здравје, среќа, просперитет и успех во државните должности за добробит на братскиот народ на Србија“, се вели во честитката.