Регион
Радев: Бугарија бара гаранции за проширувањето на ЕУ со Северна Македонија
Бугарија бара гаранции во проширувањето на Европската Унија со РС Македонија. Ова го изјави претседателот Румен Радев, јавија бугарските агенции.
Најважната задача е да се врати полноправниот дијалог на сите нивоа меѓу Софија и Скопје, рече Радев. Тој истакна дека португалското претседателство и лично претседателот Марсело Де Соуза можат да помогнат да се најде конструктивен пристап.
„Овој пристап треба да се заснова на почитување на ставовите и проблемите на земјите за кои зборуваме и на почитување на нивните позиции. Врз основа на овој пристап, гледам отворање на перспектива за интензивно продолжување на дијалогот, за развој на соодветни патокази, соодветни документи и односи на сите структурни нивоа, што ќе обезбедат соодветни гаранции за нас, особено да бидеме убедени дека процесот на проширување ќе биде ефикасен, стабилен и неповратен “, рече Радев.
Во врска со тоа дали Скопје ги исполнува условите, според бугарскиот претседател постои цела листа на формални услови. Според Радев мора да се работи на тоа да се осигура дека младите од двете страни не се мразат едни со други.
„Кога ја формирав привремената влада, ги задолжив привремените министри за туризам, образование и надворешни работи да размислат како да ги зближат нашите млади луѓе. Наместо да плаќаме мерки за одржување на туризмот во живот, државата треба да им даде пари на оние хотели, што ќе обезбедат целосна поддршка на децата, студентите како од Бугарија и на нашите пријатели од РС Македонија “, рече Радев, додавајќи дека оваа идеја ја споделил со македонскиот претседател Стево Пендаровски за време на нивната заедничка посета на Рим.
Тоа, истакна бугарскиот претседател, ќе биде исклучително важен чекор што ќе ги отвори вратите на двете земји кон одржлива и стабилна иднина.
„Во него ќе имаме пријателство не со документи, ниту со декларации, туку вистинско пријателство и почит кон луѓето од двете страни на границата“, додаде Радев.
Радев истакна дека на проширувањето не треба да се гледа механички.
„Проширувањето не е спринт каде треба да завршиме во одредено време. Ова е заедничко патување на пријателите во стабилен и неповратен процес “, рече Радев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

