Регион
Радев: Доцна е за дијалог, ќе се протестира додека не паднат тие што треба да заминат

Бугарскиот претседател Румен Радев одговори на повиците за дијалог што ги упати Цвета Карајанчева, претседателката на парламентот во Софија, каде што во изминатите десетина дена се одржуваат протести за оставка на Владата на Бојко Борисов и на главниот обвинител.
„Требаше да водат дијалог со народот кога беше време. Но тие надмено гледаа од горе и не одговараа на главните барања. Сега е доцна за дијалог. Народот веќе не ги сака“, изјави Радев.
На прашање до кога ќе има протести, Радев одговори: „Додека не паднат тие што треба да си заминат“. Борисов го обвини Радев дека е сценарист на антивладините протести во Бугарија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Кој им дозволил на Вучиќ и новинарите да влезат кај пациентите од Македонија: студентите бараат одговорност

Народниот правобранител на Србија, Зоран Пашалиќ изјави дека ќе ги истражи сите околности наведени во шестото барање на студентите, кои сакаат да утврдат кој им дозволил на претседателот на Србија, Александар Вучиќ и новинарите да влезат во одделението за интензивна нега на Клиничкиот центар на Србија (КЦС), каде што беа сместени повредените од пожарот во Северна Македонија, пренесуваат српските медиуми.
Студентите бараат покренување на постапка и разрешување на надлежните во Универзитетскиот клинички центар на Србија и во Ургентниот центар. Оттаму посочуваат дека директорите на овие здравствени установи им дозволувале на луѓето да влегуваат на одделението за интензивна нега и да ги снимаат пациентите, со што грубо се нарушува нивното здравје и правото на приватност.
Пашалиќ потсетува дека според Уставот и законот не може да го контролира претседателот на државата, но може да се обрати до Министерството за здравство преку кое се врши контрола на Клиничкиот и Ургентниот центар.
„Кога има случај во болницата за кој се смета дека е неадекватен третман, се обраќаме до Министерството за здравство да го истражи и да даде заклучоци. Ова е постапка која е апсолутно пред нас“, рече Пашалиќ.
По пожарот во дискотеката во кој загинаа повеќе од 60 лица, дел од тешко повредените пациенти се пренесени на лекување во Белград.
Тие беа сместени во одделението за интензивна нега на Ургентниот центар на Универзитетскиот клинички центар на Србија (УКЦС), каде Вучиќ заедно со медиумски тимови ги посети на 17 март.
Студентите бараат покренување постапка за утврдување одговорност и разрешување на директорката на УКЦС Јелена Друловиќ, директорот на Ургентниот центар на УКЦС Марко Ерчеговац и началникот на одделението за интензивна нега во Ургентниот центар на УКЦС, Душан Мициќ.
„Овие лица прекршиле низа хигиенски мерки за заштита на пациентите од ризик фактори кои можат да доведат до сериозна закана по здравјето и животот на пациентите“, се наведува во нивното соопштение, пренесуваат медиумите во соседството.
Регион
Албанија би можела да влезе во ЕУ во 2030 година

Високaта претставничка на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност и потпретседателка на Европската комисија Каја Калас изјави дека иднината на Албанија е во Европската унија и дека таа придонесува за соработка и зачувување на мирот во регионот.
Во рамки на посетата на Западен Балкан, Калас ја посети Тирана, каде одвоено се сретна со албанскиот претседател Бајрам Бегај и премиерот Еди Рам.
На заедничката прес-конференција со Рама, Калас истакна дека Албанија е навистина силен партнер на Европската унија и дека како членка на НАТО е целосно усогласена со надворешната и безбедносната политика на Унијата.
„Вашата одлука за целосно спроведување на санкциите на ЕУ против Русија, заедно со вашата хуманитарна и политичка поддршка за Украина, всушност ја покажува вашата посветеност на вредностите на ЕУ и јас разбирам дека од политичка гледна точка тоа не е секогаш лесно да се направи.
Калас истакна дека ЕУ е целосно посветена на Албанија и оти соработката е во корист на двете страни.
„Една од првите обврски што ги имав беше да го потпишам партнерството ЕУ-Албанија за безбедност и одбрана, а денес ќе ги видиме првите плодови, бидејќи ќе го започнеме првиот дијалог меѓу ЕУ и Албанија за безбедност и одбрана. Ова е навистина многу важен чекор, бидејќи дополнително ја продлабочуваме соработката во безбедносниот сектор“, рече таа.
Додаде дека Албанија има амбициозен план да ги заврши преговорите со ЕУ во следните две години.
На прашањето дали 2030 година е можна година за Албанија да стане членка на Европската унија, таа одговори дека е, доколку секој си го исполни делот од обврските.
„Иднината на Албанија е во Европската унија и со задоволство видов потпишување договор од 90 милиони евра со Европската инвестициска банка за реконструкција на железницата меѓу пристаништето Драч и Рогожина како дел од Коридорот VIII. Југоисточна Европа и ова е многу важно во овој момент во ова опкружување кога зборуваме за безбедност“, рече Калас.
Албанскиот премиер Рама изјави дека Албанија е целосно усогласена од сите аспекти со Европската унија.
Тој откри дека на средбата со пр Калас разговарал за процесот на пристапување и за „многу амбициозниот календар“ договорен со Европската комисија за завршување на преговорите до 2027 година. „Нема никакви проблеми или отворени прашања меѓу Албанија и ЕУ. Имаме целосна усогласеност во сите аспекти, што најдобро се рефлектира во надворешната политика на Република Албанија, што е 10 отсто усогласена со политиката на ЕУ, рече Рама.
Тој додаде дека разговарале и за регионот и за проблемите во регионот во време кога, според него, е важно единството и стабилноста на целиот регион, во кој сите земји го прогласиле членството во ЕУ како стратешка цел. „Народите на Европа денес, повеќе од кога било досега, чувствуваат дека војната не е црно-бел филм од минатото, ниту спонтан настан што се случува на границите на Европа, туку вистинска закана против која Европа мора да ги собере своите редови и да се зајакне. Без сомнение, самата Албанија е дел од оваа обврска“, рече тој.
Регион
Маж се разнесе со бомба пред продавница во Хрватска

Денес, нешто пред 18 часот, маж се разнел со бомба пред локална продавница во Дарда.
Порталот „СиБ“ пишува дека на случката сведочеле минувачите и вработените во продавницата. Во близина немало деца кои го посетуваат училиштето, кое е оддалечено помалку од еден километар од местото на настанот.
Жител на Дарда за „СиБ“ изјавил дека станува збор за маж кој заедно со друго лице често поминувал време пред продавницата.
„И двајцата постојано седеа пред продавница и пиеја. Тие се во тешка социјална ситуација, очигледно се психички нестабилни и би рекла дека тоа е негрижа за овие луѓе“, вели жителка на ова место и додава дека наставниците ги чувале децата во училиштето.
Според СиБ, работничките во продавницата не се повредени.
Во тек е полициска истрага.