Регион
Рама: ЕУ би била посилна со земјите од Западен Балкан
Албанскиот премиер Еди Рама во интервју за германскиот весник „Велт“ повика на забрзување на процесот на пристапување на ЕУ кон Западен Балкан. Тој неодамна побара поддршка од германскиот канцелар Олаф Шолц.
Главната причина за неодамнешната посета на албанскиот премиер Еди Рама на канцеларот Олаф Шолц, како што објасни во интервју за весникот „Велт“, е да се собере поддршка за што побрзо пристапување на Албанија во ЕУ.
„Канцеларот покажа дека е подготвен да го забрза овој процес“, рече Рама.
Безбедносно прашање
Засилениот фокус на Западен Балкан се забрза по рускиот напад врз Украина и стравувањата од негативните ефекти што овие нови случувања би можеле да ги имаат врз овој сè уште нестабилен регион. Рама во своето интервју го нагласи токму тој безбедносен аспект.
„Европската Унија би била побезбедна и посилна со земјите од Западен Балкан“, рече Рама.
Тој ја наведе ситуацијата со бегалците во 2015 година кога стотици илјади бегалци од Блискиот Исток пристигнаа во ЕУ преку Западен Балкан.
„Ако тие земји тогаш беа членки на ЕУ, ќе беше многу полесно да се ослаби тој бегалски бран“, рече албанскиот премиер.
Тој се согласува и со оценката дека ситуацијата во регионот по рускиот напад на Украина е уште почувствителна.
„Регионот е ранлив поради силното руско влијание. Не во Албанија, туку поради руското влијание во Босна и Херцеговина, Црна Гора и, пред сè, Србија. Но, добар знак е што Србија за време на осудата на руската агресија на Генералното собрание на ОН застана на страната на Западот“, рече Рама.
Тој ги бранеше лидерите на Франција и Германија, кои се на удар на критики поради тоа што се премногу попустливи кон рускиот претседател Владимир Путин.
„Мислам дека Меркел или Штајнмаер не беа премногу попустливи кон Путин. Тие не се колебаа да ја осудат Русија кога тоа беше потребно“, рече Рама.
Нема недостиг благодарение на Србија
Рама објасни дека во моментот во Албанија нема преголеми проблеми со растот на цените на храната, што делумно може да ѝ се заблагодари на Србија.
„Постои важен мост кон Србија, која со години ги снабдува албанските компании со жито. Создадовме резерви давајќи им гаранции на нашите увозници дека нема да наидат на проблеми ако купат повеќе од вообичаеното. Цените се високи, но не можеме зборуваме за некои експлозии“, заклучи Рама.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

