Регион
Рама: Мини шенгенoт е можност за отстранување на границите меѓу Албанија и Косово

Албанскиот премиер Еди Рама го гледа мини шенгенoт како можност за, како што рече, отстранување на границите меѓу Албанија и Косово, но верува дека ќе поминат години додека Приштина да го сфати тоа.
Рама тврди дека идејата за регионален шенген потекнува од поранешниот албански премиер Фатос Нано и дека тој прв ја поттикнал идејата меѓу лидерите на земјите членки на „мини шенген“, пренесуваат приштинските репортери.
Тој исто така смета дека Приштина треба да даде приоритет на дијалогот со Белград, за Косово да достигне повисоко ниво во економска и социјална смисла.
„Првиот регионален шенген беше артикулиран од Фатос Нано во време кога се чинеше лудо. Јас повторно го воведов затоа што беа создадени услови. Регионалниот шенген значи отстранување на границата меѓу Албанија и Косово, но додека тие во Косово го сфатат тоа, ќе поминат години и Косово ќе губи време. Мини шенген е идеја што јас најпрво ја протуркав и имам сведоци за тоа. Откога првпат се собравме во Берлин“, рече Рама.
Говорејќи за дијалогот меѓу Приштина и Белград, Рама изјави дека за него иднината на Косово без решителност да се стави крај на дијалогот е нејасна, не во смисла на независност, туку во однос на капацитетите што можат да бидат на располагање за да се подигне Косово на повисоко ниво, во економски и социјален аспект“.
„Мора да видиме како ќе се одвива процесот на Косово“, рече Рама.
На прашањето за работата на косовскиот премиер Албин Курти, Рама рече дека нема да го коментира Курти пред 26 април, кога се одржуваат парламентарните избори во Албанија.
„Јас не го коментирам Курти. Немам коментари за Курти до 26 април. Тогаш можам да зборувам”, рече Рама.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ: Ќе има војна

Српскиот претседател Александар Вучиќ предупреди за време на отворањето на новата брза железница што ги поврзува Белград и Суботица дека целиот свет се подготвува за војна.
„Ќе биде сè потешко во светот. Ќе биде тешко и тука, од едноставна причина што луѓето мора да знаат дека сите се подготвуваат за војна. А кога се подготвуваат за војна, тоа значи дека ќе има. И ви велам, ќе има“, рече српскиот претседател, пренесува Телеграф.
„Тие не се заинтересирани за разговори и преговори. Тие копаат ровови и чекаат почеток, а знаат дека војната дефинитивно доаѓа. Тие чекаат и се подготвуваат“, додаде тој.
„Мораме да подготвиме некои работи што не сме ги подготвиле“
Тој нагласи дека светот се движи кон војна и дека малкумина можат да ја спречат.
„Би платил сè на светот ако тоа не се случеше. За жал, се плашам дека сум во право. Ќе мора да подготвиме некои работи што не сме ги подготвиле. Нашата армија е подготвена да го одврати секој непријател, но ќе мора да подготвиме и некои други работи“, изјави тој.
„Двапати ги зголемив сите резерви на храна, и за армијата и преку нашите стокови резерви. Сега повторно ќе побарам зголемување“, објави тој.
Во врска со можните проблеми со снабдувањето со гориво поради санкциите на САД врз нафтената индустрија на Србија (НИС), Вучиќ рече дека сè ќе биде решено и дека нема да има купување гориво во кантички.
„Она што ни го оставија, денес се обидуваме да го решиме. Не сме ниту виновни ниту обврзани да се најдеме во проблем и ја плаќаме цената. Но, граѓаните не треба да се грижат. Ќе ги решиме проблемите и нема да има бензин во кантички, но нека знаат дека ако случајно имаме бензин во кантички, единствените што треба да се обвинат се тие“, заклучи тој.
Фото: принтскрин
Регион
На средбата со Путин, Додик ги нарече Германците примитивци од Западот

Поранешниот претседател на Република Српска, Милорад Додик, повторно побара поддршка од рускиот претседател Владимир Путин, а откако двајцата се сретнаа во Сочи синоќа, изјави дека ја добил и дека смета на Москва да продолжи да биде негова силна поддршка.
На снимките прикажани од јавниот сервис на РС (РТРС), можеше да се слушне како Путин го нарекува Додик претседател иако остана без мандатот на прв човек на РС уште во август, откако беше осуден на една година затвор за неспроведување на одлуките на високиот претставник.
Додик пристигна во Сочи на Валдај форумот, каде што Путин беше главен говорник.
„Знам дека ситуацијата во вашата земја и регион не е едноставна, може да се каже дека е комплицирана“, сè уште можеше да се чуе како Путин му вели на Додик пред да престане снимањето.
После тоа, Додик изјави за RTRS дека разговорот со Путин бил „многу отворен и фер“ и дека го повикал да „не го изоставува Балканот“ во разговорите со другите важни партнери, особено САД, и да не дозволи Германците да ја контролираат ситуацијата таму бидејќи, како што рече, тие не се на страната на Србите.
Додик ги нарече Германците, како и претставниците на другите влијателни земји што се занимаваат со Босна и Херцеговина, „исплашени примитивци од Западот“. Затоа, тој се потпира на Русија како можен коректив и верува дека сегашното претседателство на Русија со Советот за безбедност на ООН ќе биде корисно за неговите политички цели.
Фото: ЕПА
Регион
Четворица загинати во сообраќајна несреќа во Хрватска: нуркачите ги извлекоа телата од море, автомобилот бил изнајмен на аеродром

Четири лица загинаа во тешка сообраќајна несреќа што се случи вчера попладне на Јадранската магистрала во близина на Сењ. Патничко возило со загрепски регистарски таблички излета во морето кај населбата Буница, потврди тамошната полициска управа. Несреќата се случила кратко по 16:30 часот.
Итни служби веднаш беа испратени на местото на настанот, а во потрагата беа вклучени и нуркачи од Хрватската планинска служба за спасување од Госпиќ. По пристигнувањето на местото на несреќата, го пронашле возилото во морето. Според спасувачите, телото на едно лице пловело, додека нуркачите извлекле уште три тела од морето. Во автомобилот имало двајца мажи и две жени.
Телата се транспортирани во Институтот за судска медицина во Риека, каде што ќе се изврши обдукција за да се утврди причината за смртта и идентитетот на починатите. Полицијата потврди дека истрагата на лице место е завршена, но во тек е понатамошна кривична истрага за да се утврдат сите околности на несреќата.
Според неофицијални информации, возилото било изнајмено на аеродромот „Д-р Фрањо Туѓман“, што укажува на можноста починатите да биле странски државјани, објави РТЛ. Ова ќе биде познато дури по официјалната потврда на идентитетите.
фото: принтскрин