Регион
Рама: Никогаш нема да се откажеме од ЕУ, макар додворувачите да донесат и кавијар
Албанскиот премиер Еди Рама апелира до лидерите на Западен Балкан да го отфрлат додворувањето на надворешните сили и да ја задржат вербата во сонот за членство во ЕУ.
Во интервју за „Фајненшл тајмс“ (ФТ), Рама рече дека Албанија никогаш нема да се откаже од Европа и ЕУ, без разлика каква ќе биде формата на Унијата во иднина укажувајќи на европските политичари што се под влијание на националистички притисоци.
Рама призна дека чекањето е фрустрирачко, но земјите што му се додворуваат на регионот, без да ги именува Русија, Кина и Турција, ги нарече несоодветни додворувачи.
„Другите може да донесат пари, инвестиции, можеби дури и кавијар, но нема да може да го донесат она што ви треба за да изградите функционална слободна земја“, изјави Рама за ФТ.
Рама рече дека е загрижен за порастот на национализмот во Босна, но нагласи дека национализмот во ЕУ сега е главна пречка за амбициите на регионот да се приклучи на блокот од 27 нации.
Според него, ЕУ сѐ уште не заздравела од бегалската криза од 2015 година кога повеќе од милион луѓе побарале азил во Европа, главно бегајќи од сириската војна. Оттогаш ЕУ е водена од страв, а не од аспирации, а владите што сами по себе не се екстремни се под влијание на екстремности, рече тој.
„Кога Албанија го почна пристапниот процес пред речиси две децении, клучот беше да се оддалечиме од балканскиот национализам, но денес нашиот проблем не се балканските национализми, туку национализмите во ЕУ. Она што нѐ спречува да влеземе во ЕУ е влијанието на национализмите на ЕУ врз политичкиот живот на важните земји од ЕУ“, рече Рама.
Од шесте западнобалкански земји, Албанија, Србија, Црна Гора и Северна Македонија се кандидати за членство во ЕУ, а Косово и Босна се потенцијални кандидати. Регионот има големи проблеми со корупцијата и посветеноста на владеењето на правото, но Рама рече дека политичките калкулации на членките на ЕУ исто така одиграле улога во одолжувањето во изминатите 18 години откако блокот вети дека ќе им дозволи на земјите од регионот да влезат кога ќе ги исполнат критериумите.
„Албанците имаат свои разочарувања од Брисел, но тоа не го менува верувањето дека мора да бидеме таму“, рече албанскиот премиер.
„Веќе ги консумиравме сите љубовни приказни и бракови“, додаде тој имплицитно мислејќи на врските што Албанија ги имаше за време на комунизмот, прво со Русија, а потоа со Кина. „Бараме нов брак, а не стар. Но, овој тип на брак е секако тежок“, додаде тој.
Во својот трет мандат Рама ја промовира идејата за заеднички регионален пазар, на кој се согласија сите шест земји во ноември 2020 година. Во обид да го забрза процесот, Албанија, заедно со Србија и Северна Македонија, потпиша за спроведување некои од неговите одредби. „Ако го направиме ова на Балканот, тоа ќе биде најдоброто одвраќање од лудилото, а ако не го направиме, никој нема да го направи наместо нас“, рече тој.
Рама призна дека преостанатите три земји се двоумат.
„Босанците, бидејќи очигледно не може да се одлучат за ништо, Црногорците затоа што сѐ уште имаат илузија дека следната година може да влезат во ЕУ, а секоја наредна година станува наредна, Косово поради проблемите со Србија, што мислам дека може подобро да се реши кога луѓето седат и разговараат“, рече Рама за ФТ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Еден загинат во поплавите во Албанија по обилните дождови
Најмалку едно лице загина во Албанија во поплавите предизвикани од обилните дождови што паѓаат во изминатите неколку дена, соопшти денес албанската полиција.
Полицијата објави дека тело на жена (76) е пронајдено откако нивото на водата се повлекло во поплавената југоисточна општина Девол.
Поплавите предизвикаа најголема штета во руралните региони на југот на Албанија, а во селото Душар 30 семејства беа отсечени, бидејќи патиштата беа непроодни поради поплавите.
Регион
Фатална грешка направиле млади луѓе во опожарената „Вјесник“: „Не викај пожарникари, ќе дојде и полицијата“
Пожарот што го зафати облакодерот на Вјесник, Загреб, и го претвори во огнена стихија наводно е последица на невнимателно однесување на група тинејџери кои се занимаваат со таканаречен „урбекс“ – истражување напуштени објекти за објави на социјалните мрежи. Според неофицијални информации, реконструирани се настаните што му претходеле на пожарот, а во нив биле вклучени четворица малолетници и двајца 18-годишници.
Влегување во зградата низ прозорец
Групата, составена претежно од малолетници, во понеделник попладне влегла во облакодерот на Вјесник така што се протнала низ скршен прозорец од страната која гледа кон улицата Одранска. Во зградата поминале неколку часа, разгледувајќи 15 ката, напуштени канцеларии и палeјќи и гасејќи светла. Нашле фрижидер со алкохол, а за време на престојот пушеле и ги гаселе опушоците. Истовремено снимале фотографии за објави на социјалните мрежи, пишува „Индекс“.
Цел им било да стигнат до кровната тераса за да направат атрактивни снимки од градот, но на 15. кат наишле на метални плочи што не успеале да ги поместат. Тогаш еден од малолетниците го повикал 18-годишник познат по „Јутуб“ содржини од напуштени објекти.
Повикале двајца полнолетни
Повиканиот млад човек пристигнал околу 21:50 часот во придружба на уште еден 18-годишник. Ја прескокнале оградата и се искачиле до 15. кат, каде се придружиле на групата, но ни тие не успеале да ја отстранат пречката. Во меѓувреме двајца малолетници од првичната група ја напуштиле зградата и заминале дома.
Според сомнежите на истражителите, по неуспешниот обид да се искачат на кровот, еден од 18-годишниците запалил фрлена кутија со документи. Другиот наводно му помогнал така што смачкал хартија, ја запалил и ја фрлил во кутијата. Пожарот многу брзо се проширил, поради што една малолетна девојка побегнала. Еден малолетник се обидувал да ја изгаси огнот и ги убедувал постарите да ги повикаат пожарникарите.
Наводно, тие му одговориле дека заедно со пожарникарите би дошла и полицијата, па сите тројца решиле да ја напуштат зградата. Облакодерот останал во пламен, а двајцата 18-годишници од синоќа се во истражен притвор.
Регион
„Фашизмот во Европа се буди“ – Вучиќ ужаснат по настапот на Томпсон и поздравот „За дом спремни“
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска го отвори Меѓународниот саем на вино, храна, ракија и туризам „Винска визија Отворен Балкан“, каде што посети неколку штандови, дегустираше вина и одговараше на новинарски прашања.
На прашање дали ги поканил претставниците на Хрватска да учествуваат на саемот, Вучиќ изјави дека формално не припаѓаат на иницијативата Отворен Балкан, но дека би сакал да ги види како учесници.
„Не припаѓаат на Отворениот Балкан, но немам ништо против, би се израдувал и верувам дека ќе ги поканам,“ рече претседателот.
Коментирајќи го инцидентот во Осиек, каде што за време на концерт на Томпсон се слушнал поздравот „За дом спремни“, Вучиќ изрази загриженост.
„Ужаснат сум од буењето на фашизмот во современа Европа, но што да правите? Се надевам дека Европската унија ќе ги осуди антисрпските и антисемитските фашистички повици во срцето на Европа. Што се однесува до Србите, кај нас фашизмот никогаш немал поддршка и никогаш нема да има, тоа со гордост можам да го кажам,“ истакна Вучиќ, пренесе „Телеграф“.
Вучиќ повтори дека хрватските винари се добредојдени на „Винска визија“ и изрази надеж дека регионалната соработка во рамки на Отворен Балкан ќе придонесе за поголемо поврзување и промоција на гастрономијата и винската култура во регионот.

