Регион
Романија ги пензионира „миговите“ поради висока стапка на несреќи
Романија како членка на НАТО ја повлече својата флота борбени авиони „миг 21 лансер“ поради нивната висока стапка на несреќни случаи и ќе го забрза планираното купување користени авиони „Ф-16“ од Норвешка. Овој потег не е поврзан со руската инвазија на Украина, со која Романија дели 650 километри граница, тврдат тамошните власти.
Романија ќе продолжи да лета со својата мала флота авиони „Ф-16“ што ги купи од Португалија, соопшти Министерството за одбрана. Воздушниот простор на Романија го бранат сојузничките сили како дел од заштитата на источното крило на НАТО.
Романија купи „Ф-16“ од Португалија во 2016 година за да почне со пензионирање на „миговите“ од советската ера. Министерството најави дека ќе го забрза процесот за купување уште 32 авиона од тој американски модел од Норвешка.
Последната несреќа на романски „миг 21“ се случи на почетокот на март кога во несреќата загина пилот. Седум војници, кои беа испратени во потрага по урнатиот авион, загинаа во хеликоптерска несреќа.
Романија, членка на НАТО од 2004 година, планира в година да ги зголеми трошоците за одбрана на 2,5 отсто од БДП од 2 отсто колку што се сега, рече претседателот Клаус Јоханис минатиот месец. Во земјата моментно има 3.000 војници на НАТО, а на нејзина територија ќе биде поставена и постојана борбена група на Сојузот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Состојбата на словачкиот премиер Фицо се подобрува
Лекарскиот тим, што се грижи за словачкиот премиер Роберт Фицо, по минатонеделниот атентат денеска потврди дека неговата состојба е субјективно подобрена, соопшти прес-службата на словачката Влада.
Фицо се лекува во болницата „Рузвелт“ во Банска Бистрица.
Тој беше застрелан минатата среда од 71-годишниот писател Јурај Цинтула, кој веднаш беше приведен од полицијата.
Регион
Лоцирани се остатоците од авионот што се урна во близина на Загреб
Лоцирани се остатоците од авионот што се урна попладнево во близина на Загреб. Неофицијално се дознава дека три лица преживеале, додека едно лице починало, јавува 24сата.
„Денеска во 15 часот и 51 минути е добиена дојава за пад на мал спортски авион во шумата јужно од Керестинац. Полициски службеници излегоа на терен, се укажува помош на повредените, местото на настанот е обезбедено“, соопштија од полицијата.
Авион од типот „Цесна“ кој се користел за скокови со падобран, се урна попладнево во близина на Загреб. Според неофицијални информации, во него имало четворица членови на екипажот.
Најверојатно се работи за спортски, тренинг или туристички авион кој се урнал во недалеку од пистата во загрепската населба Јеждовец.
Регион
Авион се урна во близина на Загреб
Авион со четворица членови на екипажот се урна попладнево во близина на Загреб, пренесуваат дел од регионалните медиуми. Најверојатно се работи за спортски, тренинг или туристички авион кој се урнал во Јеждовац.
Лансирани се дронови кои се обидуваат да го лоцираат авионот и да стигнат до местото на несреќата.
Таму се упатени возила на брзата помош, како и екипи на противпожарната единица.