Регион
САД до Србија: Објаснете што потпишавте со Русија во Њујорк
Американскиот амбасадор Кристофер Хил изјави дека никој во овој момент не смее да потпише ништо со Русија.
Тој посочи дека САД не знаат точно што се подразбира под договорот што Србија го потпиша во Њујорк со таа земја и оти очекуваат во наредниот период да добијат појаснување за потпишаниот документ.
„Ние секако би сакале да слушнеме објаснување за тоа каков е тој документ. За време на оваа сесија во ОН, САД имаа добри разговори со Србија, па за тој документ слушнавме дури потоа и очекуваме објаснување за него“, рече Хил.
Изјавувајќи дека Русија води војна против својот сосед, Хил рече дека е тешко за луѓето во САД да разберат потпишување таков документ.
„Се надеваме дека ќе слушнеме објаснување за потпишувањето на тој документ“, изјави Хил, додавајќи дека САД веруваат оти Србија треба да ја погледне пошироката слика и нагласуваат дека САД ја поддржуваат Србија во диверзификацијата на нејзините извори на енергија со цел да се намали нејзината зависност од Русија, која во голема мера се заснова на уцени и стимулативни мерки на притисок“, рече Хил.
САД, исто така, сакаат да слушнат што сака Србија да прави во иднина и со какви односи треба да гради, како и со земја која, како што вели, брутално го нападнала соседот и користи закани за употреба на нуклеарно оружје.
„Сакаме да слушнеме и разбереме на што се засноваат односите и соработката меѓу Србија и Русија“, рече Хил.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

