Регион
САД мислат дека Додик планира поделба на БиХ, тој негира
Српскиот член на Претседателството на БиХ во видеообјава на „Твитер“ изјави дека му е жал што има разни интерпретации за средбата на која присуствувал заедно со Карен Донфрид, помошник-државна секретарка за европски и евроазиски прашања на САД.
Додик изјави дека не е точно тврдењето на Донфрид дека раководството на Република Српска сака да ја сруши БиХ нагласувајќи дека се залага за почитување на Уставот на БиХ.
„Да се тврди дека раководството на Република Српска сака да ја сруши БиХ, не е точно, а точно е дека на средбата со Донфрид, а подоцна и во јавноста, кажав дека Република Српска го почитува територијалниот интегритет и меѓународниот суверенитет на БиХ, но и Уставот на БиХ, според кој е составена од два ентитета и три конститутивни народи“, посочи Додик.
За време на посетата оваа недела на БиХ, Донфрид испрати порака дека Вашингтон многу сериозно ги сфаќа заканите за стабилноста на БиХ, вклучително и оние од Република Српска.
„САД не се обидуваат да ја укинат РС, но нема да стојат настрана додека сегашното раководство (РС) се обидува да ја растури државата“, рече Донфрид за време на нејзиниот престој во Сараево потврдувајќи дека нејзината влада и понатаму е подготвена да прибегне кон нови санкции против сите оние што се однесуваат како Додик и се обидуваат да ја дестабилизираат БиХ.
Слични оценки даде и сенаторот Крис Марфи по посетата на делегацијата на американскиот Сенат во Сараево, кој на својот блог напиша дека постои реална опасност од можни дестабилизирачки потези кои Додик би можел да ги повлече и кои всушност би биле составен дел од стратегијата што ја води рускиот претседател, Владимир Путин.
Српскиот член на Претседателството на БиХ денеска истакна и дека на неодамнешната средба со американските сенатори јасно кажал дека е за договор и побарал да се почитува ставот на Република Српска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

