Регион
Сеизмолозите предупредуваат: Во следните години целиот Балкан е загрозен од силни земјотреси
Земјотресите што деновиве ја погодија Хрватска најавуваат дека во наредните години ќе дојде до силни потреси на целиот Балкан. Сепак, сега е тешко точно да се каже каде и кога ќе се случи тоа, велат српски сеизмолози.
Единственото нешто што е речиси сигурно е дека во следниот месец нема да има поголеми земјотреси во регионот, додаваат тие.
Хрватска од понеделникот ја погодија серија на земјотреси. Најсилниот, со јачина од 6,2 степени по Рихтер, се случи во вторникот, со епицентар во Петриња. Во таа катастрофа, седум лица го загубија животот, меѓу кои и 12-годишно девојче.
Сеизмологот Славица Радовановиќ за порталот „Мондо“ вели дека овие силни земјотреси укажуваат дека на тоа подрачје се собрало големо количество на сеизмичка енергија и дека рамнотежата е кревка, што значи дека еден земјотрес веднаш предизвикува друг.
Сепак, тоа не е невообичаено, истакнува таа, затоа што порано во тој сеизмички простор исто така имало силни земјотреси. Како пример, таа наведува земјотрес со јачина од 5,7 степени според Рихтеровата скала, кој се случил во 30-тите години на минатиот век во Република Српска, а на кој му претходеле и послаби земјотреси.
„Италија ротира кон Балканскиот полуостров и врши притисок врз јадранскиот брег, каде има најсилни земјотреси на Балканот. Тие се случуваат во Хрватска, Црна Гора, Албанија, но имаат и пошироко влијание. Тоа е првиот фронт“, забележува Радовановиќ додавајќи дека најсилните земјотреси се случуваат во крајбрежниот дел.
Во следните неколку години, таа верува дека ќе има уште посилни земјотреси на Балканскиот полуостров.
„Кога ќе се случи ваков силен земјотрес, тоа речиси со сигурност заначи дека никој нема да биде повторно загорозен барам во рок од еден месец. Во следните години ќе се види во кој правец ќе се одвива овој процес. Дали ќе оди кон Алпите или ќе оди кон централна БиХ или паралелно и кон Србија и Далмација? Тоа не го знаеме сега. Станува збор за мултифрактална сеизмолошка активност, има многу гранки по кои може да тргне, на дали ќе оди таму или ваму највеќе од се е случајност“, посочува Славица Радовановиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

