Регион
Убиството во Хрватска го извршила поделена личност која се казнувала живеејќи со мртвата сестра
Полицијата сè уште не го знае мотивот за свирепото убиство во местото Меѓумурје, во Хрватска, кое го потресе регионот. Медицински лица кои се вклучени во истрагата велат дека кој и да е убиецот, има неизлечиво и тешко нарушување на личноста, односно поделена личност. Како мотив се наведува и љубомората.
Како што наведуваат психијатрите, доколку Смилјана е убиецот на својата сестра и ако таа ја ставила замотана во целофан во ладилникот и таму ја чувала цели 19 години, тогаш сигурно не се работи за ментално здрава личност.

„Никој нормален не би издржал ни пет дена покрај мртвото тело на својата сестра, а не па 20 години“, вели психијатарот Мирјана Назор.
За убиството дознала од телевизија, а зборува за можните дијагнози на луѓето кои извршуваат монструозен чин како овој.
„Би можело да се работи за поделена личност, а можеби во таа личност да живееле и неколку личности. Ако никој од луѓето со кои се дружела или нејзиното семејство со кое живеела не забележале никакви промени во нејзиното однесување откако ја убила сестра ѝ, тоа значи дека пред нив успевала да го задржи позитивниот дел од својата личност, додека оној изопачениот дел успевала да го задржи за себе“, тврди психијатарот.
Таа додава дека ментално здравите луѓе, дури и кога прават некакво лошо дело, имаат потреба тоа да го признаат за потоа што побрзо да го заборават, па дури и додека служат казна.
„Во овој случај не се работи за заборавање. Таа ја ставила својата сестра на место крај кое секој ден поминувала со години, па е можно на тој начин себеси да се казнувала. Бидејќи немала сили да го пријави тоа во полиција. Во секој случај, ова нарушување не може да се излечи. Таа ќе мора доживотно да биде на лекови, а судските вештаци ќе проценат дали е способна за затвор или ќе заврши во некоја установа“, објаснува Назор и додала дека мотиви за убиството би можеле да бидат користољубие или љубомора.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Делегацијата на ЕУ во БиХ ги осуди инцидентите на концертот на Томпсон: „Покажете почит кон жртвите“
Делегацијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина ги осуди инцидентите на концертите на Марко Перковиќ Томпсон во Широки Бријег минатата недела, кога дел од публиката извикуваше усташки слогани и поздравуваше со крената десна рака.
„Фотографиите и видеата од неодамнешниот концерт во Широки Бријег ги покажуваат учесниците како извикуваат слогани и нагласуваат карактеристики поврзани со фашистички идеологии. Глорификацијата и релативизацијата на фашистичките идеологии немаат место во демократското општество и нè потсетуваат на најтемните периоди од европската историја“, се вели во соопштението, пренесува „Тпортал.хр“.
Во исто време, ЕУ ги повика сите да покажат почит кон жртвите на злосторствата извршени за време на Втората светска војна, а „надлежните органи да ги истражат инцидентите во согласност со домашното законодавство“, се вели во соопштението.
Извикувањето на усташкиот слоган „Подготвени за дом“ и поздравувањето со крената десна рака на концертите на Томпсон одржани на 13 и 14 февруари во вторник беа осудени од ОБСЕ и мисијата на Обединетите нации во Босна и Херцеговина.
Тие, исто така, ги повикаа властите во БиХ да спроведат истрага и да ги санкционираат сите оние што се однесуваат на овој начин.
Регион
(Видео) Објавени снимки од последните денови пред трагедијата поврзана со култ во Бугарија
Бугарската полиција и обвинителството денес презентираа детални информации за трагичниот случај со шест жртви во областа Петрохан – Околчица поврзани со култ.
Беше потврдена и образложена информацијата дека за мртвите мажи, пронајдени на 2 февруари кај хижата „Петрохан“, станува збор за самоубиство, а за телата пронајдени подоцна во кампер под врвот „Околчица“ – за убиство проследено со самоубиство, јави „Њуз.бг“.
На брифингот беа претставени снимки од шест камери, кои органите на прогонот ги споделија со медиумите. Станува збор за видеа од 31 јануари, 1 и 2 февруари 2026 година. Снимките се од надворешниот дел на панинарската куќа и приодот – од синџир во регионот, патот и крстосницата во близина, рампата, паркингот и задната порта на објектот.
Стана јасно дека дел од камерите снимале само при детектирано движење. На една од снимките се слушаат истрели во самата колиба, при што се гледа и пожарот во објектот. На 2 февруари веќе нема траги од луѓе и возила во периметарот на колибата.
На некои од снимките се гледа и секојдневието на ренџерите, како и пристигнувањето или заминувањето на џиповите што ги користеле. Кадрите прикажуваат и ритуал, во кој учесниците клекнуваат и се поклонуваат до земја, упатувајќи благодарности и молитви.
Регион
Вучиќ се сретна со Макрон: Разменивме мислења за улогата на Србија и Франција во новиот свет што се создава
Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска, за време на посетата на Индија, се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон.
„На другиот крај на светот, во Њу Делхи, со пријателот Емануел Макрон секогаш срдечно и во добро расположение, особено по исклучителната вечера што ни ја приредија љубезните домаќини“, напиша Вучиќ на Инстаграм и додаде:
„Иако немаше време за сериозни и тешки теми, искористивме неколку моменти да размениме мислења за самитот во Индија и за местото и улогата на Србија и Франција во новиот свет на чие создавање сме сведоци.“
View this post on Instagram
Во текот на денот, претседателот Вучиќ имал почесно место на вечерата во Њу Делхи што ја организирал индискиот премиер Нарендра Моди. На свечената вечера за светските лидери, Вучиќ седел покрај францускиот претседател Емануел Макрон.

