Регион
Силен земјотрес ја погоди Грција

Земјотрес со јачина од 5,5 степени по Рихтер утрово ја погодил Грција. Некои корисници на социјалните мрежи велат дека потресот се почувствувал и во Италија.
Американскиот геолошки институт објави дека епицентарот бил на 70 километри југозападно од градот Каламата, на Пелопонез, на длабочина од 30 километри под површината на земјата.
Грчките власти објавија дека јужниот дел на земјата бил погоден од земјотрес со јачина од 5,4 степени, но дека досега не се пријавени извештаи за жртви или материјална штета.
Грција е лоцирана во дел од светот кој речиси секојдневно е погодуван од земјотреси. Повеќето се премногу слаби за да се почувствуваат, а оние кои предизвикуваат поголема штета или жртви се ретки.
Во земјотрес со јачина од 5,9 степени, во 1999 година на периферијата на Атина загинаа 143 лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) Вучиќ ги критикуваше српските министри: „Ѓуро, не сум задоволен од ангажманот на луѓето во Владата, срамота е“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, обраќајќи се кон премиерот Ѓуро Мацут, изјави дека не е задоволен од ангажманот на министрите во Владата на Србија.
„Ѓуро, не сум задоволен од ангажманот на луѓето во владата и тоа ќе ти го кажам во лице. Не морам да ти кажам дека знам колку време луѓето поминуваат во владата. Срамота е. Тоа е сè што имам да ти кажам“, рече Вучиќ на седницата на Советот за соработка на Србија и Република Српска во проширен состав, во Палатата на Србија, во Белград.
Тој ги замоли министрите да се ангажираат повеќе и да работат понапорно, наведувајќи дека во просек 1,2 министри се на терен секој ден, а не 16.
„Потребна е многу поголема ангажираност, многу поголем напор и работа. Не живејте за да помине уште еден ден, туку за да се направи нешто големо“, рече Вучиќ.
Ko da mu je vladu šio Đuro, a ne on sam… pic.twitter.com/h8ixFb8E4t
— Џyлc (@doprinositelj) September 20, 2025
Регион
Црногорските инспектори напишале две илјади казни вредни 1,2 милиони евра во текот на туристичката сезона

За време на летната сезона, туристичките инспектори во Црна Гора извршиле над 2.000 инспекциски надзори во приморските градови, при што биле откриени повеќе од 1.500 неправилности, соопшти Министерството за туризам.
Најмногу контроли биле спроведени во Улцињ, Бар, Будва, Котор, Тиват и Херцег Нови, каде што биле ангажирани 24 инспектори. Како резултат на надзорите, изречени се речиси 2.000 прекршочни налози во вкупна вредност над 1,2 милиони евра, а за неколку објекти е донесена и мерка забрана за работа, вклучително и привремено затворање со службен печат.
Според Министерството, најчестите прекршувања се однесувале на неисполнување на минимални технички услови во угостителски објекти, неиздавање фискални сметки, неправилности кај туристички агенции и капалишта, како и рекламирање спротивно на законската регулатива. Забележани се и прекршувања поврзани со користење тутунски производи во затворени простории, иако тоа е забрането со закон.
Од ресорното министерство истакнуваат дека овие активности се дел од напорите за подигнување на квалитетот на туристичките услуги и заштита на правата на туристите.
„Инспекцискиот надзор ќе продолжи, со цел да се обезбеди безбеден, уреден и пријатен престој за сите посетители на Црна Гора“, стои во соопштението.
Регион
Додик официјално се повлече од функцијата претседател

Потпретседателот на Република Српска, Давор Прањиќ (ХДЗ), го потпиша указот за прогласување на Законот за измени на Законот за полиција и внатрешни работи, со што официјално стана јасно дека Милорад Додик му ги префрлил своите овластувања.
Иако безброј пати повтори дека не го признава, како што рече, неуставниот Суд на Босна и Херцеговина и дека нема да ги признае пресудите на тој суд, Додик целосно ја призна пресудата кога ја замени својата едногодишна затворска казна со парична казна со плаќање 36.500 КМ за да избегне одење во затвор.
Лидерот на ХДЗ, Драган Човиќ, неодамна изјави дека Република Српска во моментов нема претседател и дека позицијата треба да се пополни.
„Дотогаш, има одреден пренос на надлежности, што исто така ќе биде објавено деновиве, односно одговорностите за тој дел од извршувањето на работата се преземени, за да може сè да функционира“, рече Човиќ.
Фото: ЕПА