Регион
Словенечката опозиција бара истрага за случаите со крадење бебиња во Југославија: „Можеби се продадени повеќе од 20.000 деца“

Опозициските партии во Словенија поднесоа барање за парламентарна истрага за потенцијалното учество и одговорност на јавните службеници во случаите на кражба на деца во таа земја во периодот од 1965 до 1991 година, изјави денеска пратеничката на Словенечката демократска партија (СДС) Аленка Јерај.
„Во таканаречената трговија со бебиња, којашто се случуваше воглавно во 70те и 80те години во поранешна Југославија, повеќе од 20.000 деца можеби се продадени“, рече Јерај и додаде дека се соработува со српските друштва за овие случаи, пренесе СТА.
Овој проблем минатата година словенечкото здружение на родители на украдени деца го презентираше до собраниската Комисија за претставки, човекови права и еднакви можности со пропратна документација, а министерката за внатрешни работи Татјана Бобнар тогаш вети дека надлежните служби ќе направат се во нивната моќ.
Јерај изјави дека надлежните не презеле ништо, наведувајќи дека медицинскиот персонал инволвиран во неколку случаи на кражба на бебиња не бил вклучен во полициската истрага, а полицијата не ја презела документацијата од здружението на родители.
Словенечкиот премиер Роберт Голоб претходно оваа недела истакна дека 45 од 59 случаи на сомнителни кражби на бебиња се веќе затворени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Запален штаб, солзавец, шок бомби – масовни протести во Србија

Синоќа имаше смасовни протести во повеќе градови низ Србија, меѓу кои Белград, Ваљево, Милановац, Книќ и Нови Сад.
Пред седиштето на Српската напредна партија (СНС) во Ваљево демонстранти со качулки и покриени лица фрлаа пиротехнички средства, по што избувна пожар во дел од просториите. Огнот беше изгаснат со интервенција на противпожарните екипи и демонстранти. Искршен е влезот на Општина Ваљево, а полицијата употреби солзавец.
Во Милановац неколку стотици граѓани фрлаа тоалетна хартија кон просториите на СНС, додека во Нови Сад беа искршени прозорци со шишиња и други предмети. Во Нов Белград полицијата употреби солзавец и шок бомби, а демонстрантите се обидоа да стигнат до седиштето на СНС.
Протестите следат по повеќемесечните студентски блокади, а сега целта е промена на власта. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека нема да има предвремени избори и ги нарече протестите управувани однадвор.
Регион
Црна Гора се бори со пожари

Седми ден по ред пожарите во Црна Гора не стивнуваат, а најкритично е во Подгорица, каде што и покрај тоа што ситуацијата е под контрола.
Началникот на Дирекцијата за цивилна заштита и намалување на ризици од катастрофи, Љубан Тмушиќ, соопшти дека најзагрозени области се Пипери и Кучки Корита. – Во овие подрачја се ангажирани сите расположливи ресурси – 12 возила и 42 пожарникари, рече Тмушиќ.
Посебна закана претставуваат и таканаречените „подземни пожари“ кои се активираат со пораст на температурите.
Во гаснењето се вклучени и армијата, како и помош од странство – Србија испрати хеликоптер, а вчера пристигна и швајцарски тим со 26 пожарникари и четири специјализирани возила. Поддршка дава и хеликоптер од Чешка.
Регион
Еди Рама вети бесплатни нови куќи за оние кои во пожарите ги загубија своите домови

По катастрофалните пожари кои деновиве зафатија делови од Албанија, уништувајќи домови и имоти, премиерот Еди Рама излезе со силно и директно ветување до сите настрадани граѓани. Во објава на социјалните мрежи, тој најави дека државата целосно ќе ги обесштети сите што претрпеле штета, вклучително и бесплатна обнова на секој уништен дом.
„Кој и да го изгубил својот дом, ќе го обновиме бесплатно, кој и да изгубил добиток, ќе го рефинансираме еден по еден“, напиша Рама на социјалните мрежи.
Оваа мерка, како што појасни министерот за одбрана Пиро Венгу, ќе се спроведува преку општините. Ќе се формираат посебни комисии за проценка на штетите на куќи, инфраструктура, бизниси и земјоделски култури, по што ќе следува обештетување од општинските фондови за цивилна заштита, поддржани од државниот буџет.