Регион
Словенија ги заострува мерките поради рекордниот број новозаболени од Ковид-19
Во последните 24 часа во Словенија се потврдени 137 нови случаи на инфекција со коронавирус со направени 3.557 теста, што е 33 повеќе од претходниот ден и е нов рекорден број на потврдени дневни инфекции од почетокот на епидемијата, објави словенечката влада.
Поради големиот пораст на бројот на новоинфицирани во последните две недели, Словенија беше ставена на списокот на епидемиолошки небезбедни дестинации од страна на британската влада откако тоа го направија Норвешка, Шведска, Литванија и Естонија претходните денови, објавија словенечките медиуми.
Бројот на активни случаи на инфекција во Словенија во моментот е 1.116 од вкупно 4.195 потврдени инфекции регистрирани од почетокот на епидемијата, објави словенечкото Министерство за здравство.
Во болниците има 67 пациенти со Ковид-19, што е седум повеќе од претходниот ден, а 11 од нив се на интензивна нега. Беа забележани четири нови смртни случаи, а бројот на жртвите се искачи на 138.
Бидејќи следните десет дена се сметаат за клучни за смирување на епидемиолошката состојба, владата на Јанез Јанша ќе воведе задолжително носење маски на јавни простори, како што се пазари, но и во училници и универзитетски сали.
Владата разгледува и можно ограничување на дозволеното дружење на луѓето на најмногу шест лица. Покрај тоа, од следната недела ќе се ограничи работата на гостилниците, клубовите и на другите локали, па ќе им биде дозволено да работат до 22 часот, а предвидени се и некои ограничувања за работата на продавниците, објавија медиумите.
Од друга страна, владата го повикува населението да преземе одговорност и доследно да се придржува кон основните епидемиолошки мерки – одржување на потребното растојание, хигиена на рацете и избегнување приватни собири надвор од семејниот круг, како што се родендени и други прослави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ за обидот за атентат врз него и неговото семејство: „Тоа се луѓе кои би убивале деца“
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се обрати на медиумите зборувајќи, меѓу другото, и за апсењата за обидот за убиство врз него.
Вучиќ изјави дека не знае кои се луѓето кои го планирале атентатот врз него и неговото семејство, но дека знае за нивната возраст, додавајќи дека од доказите видел дека станува збор за луѓе кои се спремни од тоа да го тепаат, па до тоа да го убијат неговото дете.
Вучиќ, одговарајќи на новинарско прашање за двајцата мажи кои беа уапсени во Краљево под сомнение дека планирале атентат врз него и неговото семејство, рече дека тоа е евидентирано како доказ.
„Она што го добив во материјалот, не знам точно за кои лица станува збор, знам од каде се, ги знам нивните години, па не навлегувам во сè друго. Единственото нешто што успеав да го видам е како треба да го тепаат моето дете до точка на врескање, до точка на колење“, рече Вучиќ.
„Гледам дека има околу 70 луѓе кои се залагаат тие да бидат ослободени. Зборуваме за луѓе кои би колеле нечии деца, тоа го имаме евидентирано како доказ“, рече Вучиќ.
Регион
(Видео) Додик вежбаше во природа, па порача: „Никогаш не сум бил во подобра форма“
Поранешниот претседател на Република Српска, Милорад Додик, објави видео на социјалните мрежи на кое прави чучнувања во природа, што предизвика бројни коментари. Со тоа, тој се придружи на долгата низа политичари кои ги искористија своите физички атрибути и спортски активности за да привлечат внимание од јавноста, пишува N1.
Претседателот на СНСД на платформата Икс објави видео со пораката: „Никогаш во подобра форма“.
Никад у бољој форми. pic.twitter.com/Vh2A3e3E3v
— Милорад Додик (@MiloradDodik) February 22, 2026
Ова ги натера корисниците на социјалните мрежи да се пошегуваат, а се појавија и коментари дека тој се „подготвува за затвор“ или за Олимписките игри. Објавата на Додик е продолжение на трендот што во светот го популаризираше рускиот претседател Владимир Путин, познат по фотографиите на кои ги покажува своите мускули.
Регион
Борисов: Како Радев ќе се натпреварува со мене, врз основа на што?
Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, на средба со градоначалници од партијата во Стара Загора упати критики кон поранешниот бугарски претседател Румен Радев, доведувајќи го во прашање неговото политичко позиционирање.
„Ние сме научени да бидеме скромни, но да бидеш скромен не значи да немаш самодоверба. Кој во оваа држава направил помалку од нас? Како ќе излезе Радев да се натпреварува со мене, врз основа на што?“, праша реторички Борисов.
Осврнувајќи се на новогодишното обраќање на претседателот, тој додаде: „На Нова година со задржан здив го слушавме говорот на претседателот. Кога рече олигархија – нека каже која е. Јас тврдам дека во ГЕРБ нема таква“.

