Регион
Словенија подготвува план за враќање на своите граѓани од Хрватска, сметаат дека ситуацијата е драматична
Портпаролот на словенечката влада, Јелко Кацин, рече дека властите во текот на утрешниот ден ќе одредат краен рок за враќање на словенечките граѓани од Хрватска, за да избегнат карантин.
„Времето што Владата ќе го даде за враќање ќе биде до крајот на неделава, а можеби и малку подолго, но тоа зависи и од бројот на новозаразени лица во Хрватска“, рече Кацин.
Тој додаде дека во Хрватска, со оглед на денешниот рекорден број на новозаразени, ситуацијата е драматична и дека има се помалку простор за маневрирање.
„Бројот на новозаразени лица во Хрватска повторно нагло се зголеми и повторно се очекуваат рекордни бројки“, рече Кацин и додаде дека на хрватските новинари кои неодамна го прашале дали Словенија ќе ја стави Хрватска на „црвената листа“ за небезбедни дестинации, им кажал дека Хрватска самата ќе се стави на тој список доколку не преземе драстични мерки за спречување на епидемијата.
„Се чини дека бројот на новозаразени лица во сите хрватски окрузи расте и уште се релевантни нашите проценки дека нов, многу посилен бран на епидемијата започна во Хрватска пред неколку дена“, кажа владиниот портпарол.
Како што рече, ќе се види како ќе реагира хрватската Влада.
Кацин додаде дека на Словенците кои сега се во Хрватска ќе им се даде доволно време да се вратат дома и да избегнат карантин, но и да избегнат сообраќаен метеж и гужви на границите.
Кажа дека во дополнителни детали за планот не може да навлегува, бидејќи крајниот рок за враќање ќе биде определен од страна на Владата, во координација со епидемиолозите кои ја следат состојбата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

