Регион
Словенија размислува да ги вработува пензионерите
Словенечката влада размислува да поттикне и да мотивира поголем број пензионери да се вклучат на домашниот пазар на труд.
„Ме шокира кога велат дека во Словенија не се исплати да се работи и жал ми е што претходната влада не успеа да го направи работното законодавство пофлексибилно, изјави министерот за економија, Здравко Почивалшек, во разговор за СТА.
Додаде дека недостигот од работна сила во Словенија, односно потребата од работна сила поради економскиот раст во последните години, е еден од главните фактори поради што планираниот раст на БДП в година би можел да падне под очекуваното.
Годинава во Словенија се регистрирани 74.000 невработени лица, а министерот вели дека барем 20.000 би можеле да се вработат, со промени во политиката на социјалните давачки и надоместувања за невработените.
Висината на основните минимални животни трошоци во Словенија годинава е проценета на 441 евро, па износот на давачки е зголемен на 331 евро. Од друга страна, минималната плата за полно работно време што ја добиваат повеќе од десетина илјади лица изнесува 638 евра.
Оваа разлика, според оценките на некои работодавци е мала, па на дел од населението повеќе му одговара да се регистрира како социјален случај наместо да работи, a оттука неопходни се мерки за мотивација. Друг извор за дополнително активирање кадри на пазарот на трудот, според оценките на Почивалшек, лежат во вработувањето на постарите кои веќе се во пензија, но сè уште се спсобни за работа или имаат знаења во областа во која претходно работеле.
Министерот наведе дека Словенија ќе вработува кадри од странство, а освен работници од подрачјето на поранешна Југославија, ќе бара работна сила во Грузија и Украина.
Според последните податоци во Словенија работат околу 70.000 странци. Меѓу нив најмногу од Босна и Херцеговина, околу 40 проценти, а не е мал бројот ни на вработени од Србија, Косово, Македонија и Хрватска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Регион
(Видео) Уапсени Срби во Атина, поранешни членови на „Пинк Пантер“: осомничени се за украден накит вреден 315.000 евра
Двајца Срби, кои во минатото биле членови на организацијата „Пинк Пантер“, се уапсени во Атина под сомнение дека ограбиле две познати златарници во центарот на грчката престолнина, соопшти атинската полиција.
Според соопштението на грчката полиција, уапсените оперираат најмалку од минатиот декември, а се претпоставува дека имале соодветна мрежа за канализирање на украдени предмети, бидејќи оствариле добивка од над 315.000 евра.
По претресот во нивните домови, меѓу другото, пронајден е алат користен при кражбата, три рачни часовници, накит, 190 евра, лажна возачка дозвола, три мобилни телефони, лични предмети, како и дополнителен мотоцикл и автомобил што служеле за превоз.
Регион
Лекари во Загреб вградиле мозочен стимулатор на маж со Паркинсонова болест : „Може да вози велосипед, да плива“
Уште еден голем успех на хрватските лекари. Тим хирурзи во болницата Дубрава прв во овој дел од Европа вгради мозочен стимулатор. Пред еден месец новата технологија ја примил загрепчанец кој поради Паркинсоновата болест речиси станал неподвижен.
„Поентата на таа електрода е што стимулира дел од мозокот и на тој начин ја подобруваме клиничката слика, а батеријата освен што стимулира, купува и информации од тој дел од мозокот што го стимулираме и на тој начин можеме да ги подобриме симптомите“, изјави неврохирургот Фади Алмахарик за RTL.
Во КБ Дубрава изминативе 24 години се врши длабока мозочна стимулација, но првиот пациент беше опериран со оваа најнова технологија на крајот на март. Станува збор за 67-годишен загрепчанец со Паркинсонова болест, кој сега е пуштен на домашно закрепнување.
„Во договор со неврологот, стимулацијата се вклучува, терапијата се намалува, пациентот веднаш по вклучувањето на стимулацијата покажува знаци на моторно подобрување. Беше отпуштен дома на физикална терапија и дополнително прилагодување на стимулацијата“, изјави неврохирургот Марина Рагуж.
Веднаш штом ги отстранивме шевовите по 10 дена, почнавме со стимулација и денес пациентот може да вози велосипед, да плива, да се врати на своето секојдневие“, вели хирургот.