Регион
Шест години ja чувал мртвата мајка во стан и ја примал нејзината пензија
Словенечката полиција уапси 67-годишен маж, кој шест години ја криел смртта на својата мајка и ја подигал нејзината пензија. Нејзиното тело било пронајдено во стан во Љубљана кога роднините го пријавиле нејзиното исчезнување во полиција.
Полициската управа во Љубљана наведува дека на крајот на минатата недела роднините на исчезнатата 97-годишна старица го пријавиле случајот како сомнителен затоа што 67-годишниот маж, односно син одговорен за нејзината грижа, ги спречувал сите контакти.
Со понатамошно собирање информации полицијата го пронашла телото на бараното лице во стан во Љубљана. Според досега познатите податоци, смртта се случила пред шест години, а причината за смртта сè уште не е позната, велат од полицијата.
Осомничениот ги уверувал роднините дека е жива, а бидејќи имал полномоштво, тој ги подигал приходите од нејзините сметки, како и нејзината пензија, пишуваат медиумите.
Од полицијата наведуваат дека уапсеното лице е осомничено за кривично дело сквернавење мртво тело, за предизвикување смрт со занемарување и за измама.
Според телевизиската станица ПОП-ТВ, неофицијално се знае дека синот го чувал мртвото тело на мајката шест години во стан, на другите роднини им тврдел дека таа не сака да комуницира со нив, а во меѓувреме редовно ѝ ја подигал пензијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

