Регион
Соломон Паси: Србија не ни е дорасната

Поранешниот бугарски министер за надворешни работи и претседател на Атлантскиот совет, Соломон Паси, изјави дека Србија сè уште не е во позиција да ја критикува бугарската политика, пренесува „Спутник“.
Паси ја коментира изјавата на претседателот на Одборот за Косово и Метохија во српскoто собрание, Милован Дрецун, кој рече дека Бугарија е вмешана во актуелната разузнавачка афера во Србија.
Според поранешниот бугарски министер, присуството на Бугарија во Србија е неопходно поради руското влијание во таа земја.
„Ние мора да бидеме таму. Најголемиот руски шпионски центар се наоѓа во Ниш, на 30 километри од Бугарија“, истакна Паси.
Паси се огласи и по коментарот на српскиот министер за одбрана, Александар Вулин, дека Бугарија знае да дозволи другите да ѝ ги избираат пријателите и непријателите, а дека Србија не го дозволува тоа. Тој потсети дека Бугарија е членка на НАТО и ЕУ и дека набргу ќе стане членка на Организацијата за економска соработка и развој.
„Бугарија е далеку пред Србија. Србија сè уште не е земја што може да нè оценува. Тие, така да се каже, сè уште не ни се дораснати, но тоа не нè спречува да одржуваме добри односи. Исто така, апелирам до бугарската разузнавачка служба да биде многу внимателна кога станува збор за Србија и да го зголеми своето присуство таму бидејќи тоа е неопходно,“ истакна Паси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Две години од масовното убиство во „Рибникар“: Тешка трагедија која Србија никогаш нема да ја заборави

Поминаа две години од страшното масовно убиство кога 13-годишно момче уби девет деца и училишен чувар во ОУ „Владислав Рибникар“. Убиени беа Мара Анѓелковиќ, Бојана Асовиќ, Ангелина Аќимовиќ, Ана Божовиќ, Адријана Дукиќ, Ема Кобиљски, Катарина Мартиновиќ, Софија Негиќ, Андрија Чикиќ и чуварот Драган Влаховиќ.
Минатата година, во декември, беа осудени Владимир и Миљана Кецмановиќ, а првостепено беа осудени родителите на момчето.
Владимир Кечмановиќ е осуден на 14,5 години затвор, а Миљана Кечмановиќ на три години затвор. Инструктор на стрелиште е осуден на 15 месеци затвор поради лажно сведочење.
3 мај е. Пристигнува вест за пукање во близина на училиштето „Владислав Рибникар“, по што веднаш се појави информација дека е убиен училишниот чувар. Сепак, глетката надвор од училиштето укажува дека се случило нешто многу пострашно.
Пред училиштето имало голем број амбулантни и полициски возила, учениците биле евакуирани, родителите трчале од сите страни кон училиштето за да ги земат своите деца. Учениците зборуваа за тоа дека ученик на „Рибникар“ пукал во училиштето. Според првите информации, во училиштето имало повредени, но не и загинати деца. Имаше вест и дека е ранета учителка. Околу половина час по објавувањето на веста за пукањето, полицијата го извела момчето со лисици и јакна преку главата за да го заштити неговиот идентитет како малолетник. Влегол во автомобилот, кој потоа се оддалечил.
Следните часови се претворија во мачно чекање за родителите. Децата ги изнесоа на вториот влез, класа по класа. Ги чекаа нивните вознемирени родители. Оние кои не ги пречекаа децата, прашуваа по болниците. Паника владеела и кај учениците. Некои виделе школски другари како лежат таму и не знаеле дали се живи.
По сите настани во мај, приказната за „Рибникар“ замолкна поради спроведување на детална истрага. На таткото и мајката на момчето и двајца вработени во стрелиштето денеска им се суди во кривична постапка, додека граѓанска постапка се води против момчето, неговите родители, ОУ „Владислав Рибникар“ и Република Србија.
Во тек е кривична постапка која е затворена за јавноста, како и три активни граѓански постапки, а се очекува да започне четвртата по тужбата на оштетениот наставник по историја.
Регион
На Александар Вучиќ ненадејно му се слошило, па ја прекина посетата на САД

Српскиот претседател е на пат кон Белград откако синоќа му се слошило при посетата на САД и побарал медицинска помош. По медицински преглед, донесена е одлука тој да се врати во Србија, јавија српските медиуми.
Како резултат на тоа, на претседателот на Србија нема да се појави на главните настани за кои дојде во САД меѓу кои и кратка средба со американскиот претседател Доналд Трамп. Вучиќ требаше да има средби и со конгресменката Клаудија Тени, Род Благојевиќ и српски претприемачи од САД. Со него во САД биле и министерот за финансии Синиша Мали и советничката за медиуми Сузана Васиљевиќ, јавија српските медиуми.
За што точно станува збор, кабинетот на претседателот Вучиќ ќе ја информира јавноста во наредните денови.
Најавената посета на Вучиќ на Москва на 9 мај сега е доведена во прашање, иако претходно изјави дека во никој случај нема да се откаже од неа.
Регион
Тројца Хрвати продавале лажно злато на златари во Германија

Тројца Хрвати се осомничени за измама во областа Лудвигсбург и Баден-Баден, пренесува Феникс. Полицијата ги сомничи дека продавале лажно злато и со тоа сториле кривично дело.
Мажите на возраст од 49, 53 и 65 години се во притвор од минатиот петок. Тие се осомничени дека минатата недела најмалку три пати продавале накит, кој бил речиси безвреден, на златарници и трговци со злато.
Тројцата осомничени биле уапсени откако златар од Лудвигсбург минатата недела го прегледал претставениот накит и сфатил дека станува збор за бижутерија, а не за злато.
Наводно, 65-годишниот осомничен потоа ја вратил нараквицата во џеб и побегнал. При последователната проверка на 65-годишниот и неговите двајца помагачи, што ја извршиле службите за итна помош на Линденштрасе, бил запленет повеќе безвреден накит, по што мажите привремено биле уапсени.
„Понатамошните истраги открија докази дека истите осомничени веќе измамиле купувач на злато и златар неколку часа претходно во Вајхинген ан дер Енц и еден ден претходно во Баден-Баден“, соопшти полицијата.
На барање на државното правобранителство во Штутгарт денеска пред судијата на судот во Лудвигсбург се изведени тројца мажи со хрватско државјанство. Судијата издал налог за апсење и ги ставил во притвор. Истрагата е во тек.