Регион
Сопружници од Австрија: Купивме куќа на Јадранот, ни ја запалија колата и ни ја отруја мачката
По купувањето, Анита и Готфрид за првпат ја виделе куќата летото во 2020 година поради пандемијата на коронавирусот, а потоа останале во неверување.
Брачен пар од австриската провинција Штаерска, Анита (61) и Готфрид Финк (71), сакале да го поминат животот во пензија во Хрватска на Јадранот, пишува „Клајн Цајтунг“. Заштедиле за имотот, а потоа во летото 2019 година нашле куќа со голема тераса која им одговарала. Нивиот нов дом бил лоциран во Угљан во општината Кали.
Тие ја виделе куќата за првпат по купувањето во летото 2020 година поради пандемијата на коронавирусот, а потоа следел хаосот.
„Не можевме да одиме во Хрватска поради короната. Кога стигнавме на одмор, наеднаш ‘никнала’ црна зграда буквално пред нашата врата, изјави Готфрид за „Клајн Цајтунг“. Нивниот сосед, градежен работник, им изнајмувал дивоградби на туристите, тврди брачната двојка.
„Сите го користеа нашиот имот за да стигнат до плажата“ тврдат тие.
И самата општина била свесна за ситуацијата, но немоќна, потврди за „Клајн Цајтунг“ градоначалникот Бруно Мишлов.
Парот тврди дека се обиделе да разговараат со соседот и мирно да ја решат ситуацијата, но немало напредок. Велат и дека имало тепачки. Во пролетта 2022 година, како што раскажаа, некој им го запалил автомобилот, а потоа во зимата 2023 година мачката им била отруена.
Австријците сега се обидуваат да покренат правна постапка против нивните соседи. „Клајн Цајтунг“ пишува дека мажот очигледно се обидел да ги легализира дивоизградените објекти со барање до надлежната канцеларија во Задар за пренамена во градежно земјиште. По интервенција на општината барањето било повлечено.
„Не знаеме што ќе биде понатаму“, се жалат Австријците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поставен рекорд во центарот на Белград: 1.000 гитаристи свиреа истовремено
Концертот на „Guitar Art“ денеска собра 1.000 гитаристи на плоштад во Белград, кои поставија национален рекорд во присуство на инструменталисти кои свират на гитара и слични инструменти, пренесе српска „Политика“.
Концертот „1.000 гитари“ ги привлече пред се во центарот на Белград најмладите гитаристи и нивните учители, но заедно свиреа цели семејства, составени од три генерации: дедо, татко и син…
Имаше мајки и ќерки кои „замавнаа“ со белградскиот блуз квартет и специјалните гости на концертот, меѓу кои Дејан Цукиќ, Ју групата, Кики Лесендриќ и Пилотите, Срѓан Гојковиќ Гиле, Бојана Стаменов, Никола Чутурило – Чутура. „Ова е конечно моментот кога барем на еден час ги заменуваме силиконите за витамини на ’Трг Републике’. Ова е сеќавање на мојата младост и почетоци во рокенролот. Среќен сум“, изјави Никола Чутурило Чутура за Танјуг.
За неколку минути неколку илјади љубопитни луѓе се собраа на плоштадот да уживаат во првокласен музички настан.
Регион
Загинаа две лица, а пет се водат како исчезнати по судар на чамец и крузер во Дунав кај Будимпешта
Две лица го загубија животот доцна синоќа, а пет се водат за исчезнати во судар на мал моторен чамец и крузер на реката Дунав северно од Будимпешта, соопшти денеска унгарската полиција.
Телата на возрасен маж и жена се пронајдени северно од главниот град, а властите се уште трагаат по пет исчезнати лица.
Сома Чечи, портпарол на полицијата во Будимпешта, на прес-конференција рече дека, според досегашните сознанија, во чамецот имало вкупно осум возрасни лица и потврди дека две лица загинале, а пет се водат како исчезнати. Тројца мажи и две жени моментално се бараат со глисери и дронови, јавуваат унгарските медиуми.
Полицијата соопшти и дека во градот Комаром бил запрен поголем брод, а од увидот било откриено дека му е оштетен страничниот дел. Се врши увид и во тек е истрага за опасноста по водениот пат и смртта на неколку лица.
Регион
По обидот за атентат словачкиот премиер Фицо е надвор од животна опасност
Словачкиот премиер Роберт Фицо е надвор од животна опасност по обидот за атентат, изјави денеска министерот за одбрана и вицепремиер Роберт Калинак за словачката новинска агенција ТАСР.
Состојбата на Фицо се подобрува, а лекарската комисија утре треба да одлучи дали тој ќе биде префрлен. Фицо моментално се опоравува во универзитетската болница во Банска Бистрица.
Фицо беше тешко повреден на 15 мај, по седницата на Владата во градот Хандлова, кога 71-годишниот писател Јурај Цинтула, од непосредна близина неколку пати пукаше со пиштол во него. Специјалниот кривичен суд во словачкиот град Пезинок, со силно полициско обезбедување вчера му одреди притвор на Цинтула.