Регион
(Видео) Србите ги напуштаат косовските институции додека Приштина не ги спроведе договорите од Брисел
Претседателот на Српската листа, Горан Ракиќ денеска изјави дека претставниците на Србите од северот на Косово донеле одлука да ги напуштат сите политички институции, собранието, владата, четирите општини на северот на Косово, судството, полицијата, додека Приштина не почне да го почитува меѓународното јавно право и бриселските договори, односно додека не ја повлече одлуката за пререгистрација на таблиците и додека не го формира ЗСО.
Ракиќ вели дека Приштина постојано го прекршува меѓународното јавно право и Бриселскиот договор и ја повика да се врати на почитување на меѓународното јавно право, Бриселскиот договор и другите договори што беа склучени во рамките на дијалогот што Белград и Приштина го водат врз основа на мандатот на Генералното собрание на ОН а со посредство на ЕУ.
Потпретседателот на Српската листа Игор Симиќ изјави дека сите пратеници поднесуваат неотповиклива оставка, а група полицајци симболично ги соблекле униформите.
@nova.rs_portal Srbi napustili kosovske institucije! Opširnije čitaj na Nova.rs #fypsrb #srbija #kosovo #fyp #balkan #tiktoksrbija #vesti #novars ♬ original sound – Nova.rs
По средбата Ракиќ ги пренесе заклучоците:
„Приштина, како прво, постојано го крши меѓународното јавно право и Бриселскиот договор и ја повикуваме да се врати на почитување на меѓународното јавно право и Бриселскиот договор и другите акти од дијалогот БГ-ПР што беше склучен, а кој се води на основата на мандатот на Генералното собрание на ОН и со посредство на ЕУ“, рече Ракиќ.
Српскиот народ, вели тој, е изложен на постојан терор и секакви насилства од страна на институциите во Приштина и незаконски еднострани дејствија, од нарушување на слободата на движење, насилни упади на северот на специјалните единици на Косово.
„Преку етнички мотивирани гонења за кажани зборови и политички дејствија, забрана на правото на глас на српските избори и референдуми и обиди да се предизвика хуманитарна катастрофа со одбивање на вакцинација и лекови на Србите на северот на Косово, што е проследено со секојдневни напади врз нашиот народ на Косово и светоста и гробиштата“, додава тој.
Како што вели, овие одлуки за напуштање и суспендирање остануваат во сила до моментот додека Приштина не почне да го почитува законот и договорите договорени во Брисел.
„Ние Србите од Косово никому не се закануваме, туку се трудиме да го зачуваме мирот и стабилноста и да го одржиме правото да останеме достоинствени во нашите огништа, затоа бараме Приштина веднаш да почне да го почитува меѓународното право и сите договори склучени во дијалогот, како што гарантираше самата ЕУ и затоа поднесувам оставка како министер во косовската влада“, рече Ракиќ.
Откако Ракиќ ги пренесе заклучоците од средбата, претседателот на Српската листа Игор Симиќ изјави дека во свое име и пратеникот на Српската листа поднесува неотповиклива оставка од функцијата пратеник во Собранието во Приштина.
Судијата на Апелациониот суд и член на Судскиот совет во Приштина, Никола Кабашиќ, во име на судиите на Основниот суд во Митровица и одделението на Апелациониот суд во Приштина и управните работници и обвинителите на Основното обвинителство во Митровица и административни работници од обвинителството – поднесоа оставки на сите позиции судии, обвинители и административни работници.
Претседателот на општина Звечан, Драгиша Миловиќ, рече дека градоначалниците на четири општини неотповикливо поднесуваат оставки на градоначалничката функција заедно со претседавачите на собранијата и советниците, кои ќе бидат верификувани утре по итна постапка на седниците што ќе ги одржат во своите општини.
Капетанот Александар Филиповиќ изјави:
„Браќа и сестри, донесовме заедничка одлука да поднесеме оставка од косовската полиција и да застанеме покрај нашиот народ – доста е“, по што сите команданти и полициски раководители ги соблекоа униформите пред камерите, пренесуваат медиумите во регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Србија се соочува со сериозен недостиг на работници во автосервисите
Србија се соочува со сериозен дефицит на квалификувани работници во автосервисите, а според проценките недостасуваат меѓу 30.000 и 40.000 занаетчии од сите профили. Овој проблем не е специфичен само за нашите соседи, туку е присутен и во цела Европа, каде автомеханичарите и каросериските работници се едни од најдефицитарните професии.
Побарувачка за механичари и машинисти
Една од најбараните групи занимања се механичарите и машинистите, каде што работодавачите бараат речиси 300 мајстори од овој профил во канцеларијата за труд. Интересно е што многу работодавци се подготвени да ги вработат овие работници и без претходно искуство, а понудените плати се движат од 70.000 до над 150.000 динари. Овој податок укажува на голема побарувачка за овој профил на работници и можности за добро платена работа дури и за оние без искуство.
Проблеми со незаконската работа
Еден од проблемите со кои се соочува оваа индустрија е незаконското вршење на сервисирање возила. Неофицијално, се проценува дека околу половина од автосервисите се диви, што создава сериозни проблеми и од аспект на фер конкуренција и од еколошки аспект. Имено, сервисерите на автомобили имаат обврски во однос на отстранувањето на опасниот отпад, како што е моторното масло, а незаконското извршување на овие работи може да има штетни последици за животната средина.
Регион
Ужас во Загреб: пронајдено тело во автомобил во одводен канал
Граѓани попладнево во одводен канал во Загреб пронашле возило со тело на непознато лице, соопшти полицијата.
Повикот во полиција стигнал нешто по 13 часот.
Полицијата набрзо пристигнала на локацијата меѓу Антуновац и Тења и потврдила дека лицето во возилото починало, пишува Вечерњи лист.
Истрагата е во тек.
Регион
Сијарто: Фокусот на унгарското претседателство со ЕУ ќе биде проширувањето на Унијата на Западен Балкан
За време на претстојното претседавање со ЕУ, Унгарија планира да се фокусира на прашања кои се важни за централна Европа, како што се борбата против илегалната миграција, проширувањето на Унијата кон Западен Балкан и енергетската безбедност, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
Кога станува збор за проширувањето на ЕУ, Сијарто на прес-конференција со својот чешки колега Јан Липевски рече дека регионот на Западен Балкан не заслужува да чека 14 години и 11 месеци за членство, што, како што вели, го поткопува кредибилитетот на политиката на Унијата, објави унгарската агенција МТИ.
„Тоа е ситуација што треба да се реши, така што унгарското претседателство (со Унијата) има јасна агенда да им помогне на земјите од Западен Балкан да го забрзаат пристапниот процес“, рече Сијарто.
Посочи дека ефектите од миграцијата директно се чувствуваат во Централна Европа од 2015 година и неопходна е сериозна регионална соработка за да се запре мигрантскиот прилив.
„Чешката, словачката и полската полиција ни помогнаа и ни помагаат на јужните граници на Унгарија да ги задржиме илегалните мигранти кои и се закануваат на Европа надвор од границите. Потребни се континуирани заеднички напори на четворицата централноевропски премиери за да се држи под контрола прашањето за квотите и да не се дозволи илјадници или десетици илјади илегални мигранти да се шетаат неконтролирано“, додаде Сијарто.
Шефот на унгарската дипломатија нагласи дека централна Европа „ќе продолжи да се спротивставува на притисоците поврзани со квотите“. Сијарто се осврна и на енергетската безбедност, наведувајќи дека Унгарија и Чешка планираат нуклеарен развој и затоа ќе продолжат да се борат против негативната дискриминација поврзана со нуклеарната енергија во Брисел.
Нуклеарната енергија е одржлив начин за производство на енергија, тоа е безбеден, еколошки и евтин метод за производство на големи количини електрична енергија“, заклучува Сијарто.