Регион
Србија е петта во Европа по стапката на новозаразени со коронавирус
Состојбата со епидемијата е сериозна, а Србија е петта во Европа според бројот на нови случаи на 100.000 граѓани, изјави за РТС директорот на Канцеларијата на СЗО во Србија, Маријан Ивануша.
Тој додава дека британскиот вид на вирусот, кој се пренесува полесно и кој предизвикува потешка форма на болеста, се шири интензивно.
Вчера во Србија беа потврдени 4.769 нови случаи на заболени со коронавирус, а починаа 32 пациенти. Нова седница на Кризниот штаб е закажана за утре во осум часот.
Како што јавува РТС, лекарите предупредуваат дека расте бројот на сериозно болни пациенти, дека клиничката слика станува сè потешка и дека расте бројот на згрижени лица во болниците, но и оние поврзани на респиратор.
Епидемиологот и член на кризниот штаб, Предраг Кон, предупредува дека здравствениот систем е пред колапс и дека само почитувањето на мерките може да го спаси.
„Повторно јасно би предупредил: аман, луѓе, ве молам, разберете дека здравствениот систем е пред колапс и дека може да се зачува само ако се почитуваат мерките“, предупреди Кон за РТС.
Како што рече, луѓето во црвените зони молчат и немаат повеќе зборови.
Проф. д-р Радмило Јанковиќ, заменик-генерален директор на Универзитетскиот клинички центар „Ниш“, изјави за РТС дека ситуацијата е тешка и тажна.
Тој изјави дека оние кои мислат дека со избегнување на вакцината ќе избегнат контакт со вирусот се во голема заблуда.
„Не можам да кажам на никого – може да се заразиш и нема да ти биде ништо, буквално не се знае кој како ќе помине. Секако, едно е сигурно, оној што не е вакциниран кога тогаш ќе дојде во контакт со вирусот“, рече Јанковиќ.
Тој посочува дека вирусот нема едноставно само да исчезне и дека вакцината е единствениот излез.
„Вакцината е нашиот единствен излез, нема друг, вирусот нема сам да исчезне, тој ќе биде тука уште долго време, веројатно како сезонскиот грип“, рече Јанковиќ.
Според последните податоци на Владата, досега во Србија биле извршени вкупно 2.178.930 вакцинации. Втората доза ја примиле 865.018 граѓани.
Србија е прва во Европа според бројот на граѓани кои примиле втора доза на вакцина на милион жители.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Јахорина: Детето кое падна од жичарата претрпе сериозни повреди
Детето, кое вчера падна од жичарницата на планината Јахорина, е надвор од животна опасност, соопштија утрово за „БН ТВ“ од болницата во Источно Сараево.
„Детето е згрижено, претрпе фрактура на бутната коска, што е сериозна физичка повреда, и е испратено во матичната установа во Нови Сад на понатамошно лекување“, изјавија од болницата за „БН ТВ“.
Медиумите потсетуваат дека вчера се случи непријатен настан на Јахорина, кога едно дете беше оставено да виси од жичарницата, а потоа падна на земја од висина од неколку метри.
Сето ова го забележаа скијачите кои случајно се најдоа таму.
Полициската управа Источно Сараево досега не го коментирала случајот, според медиумите во регионот.
Како што изјавија од Олимпискиот центар Јахорина, наскоро ќе биде објавено соопштение во врска со овој настан.
Регион
(Видео) Дете висеше од жичарата на Јахорина па падна, скијачите се обидоа да го фатат
Вчера, дете падна од жичарата на планината Јахорина во Босна и Херцеговина откако некое време висеше држејќи се за седиштето. Видеото од инцидентот покажува како другите скијачи се обиделе да помогнат, но детето на крајот паднало на земја.
Видеото го прикажува детето како виси од столчето неколку моменти пред падот. Скијачите кои случајно се нашле на падината под жичарата се обиделе да го фатат за да го ублажат падот.
Сè уште не е познато зошто детето паднало од седиштето.
Планинарската служба потврди за БН дека се случила несреќата. Повреденото дете е однесено во болницата „Србија“ во Источно Сараево, каде што е на лекување.
Лекарите сè уште не дале коментар за сериозноста на неговите повреди.
Регион
Земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала во Јадранското Море
Земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала го погоди југот на Хрватска во 21:48 часот вчера вечер.
Епицентарот бил на длабочина од 15 километри во Јадранското Море јужно од Корчула, соопшти Европскиот медитерански сеизмолошки центар (EMSC).
Во вторникот, земјотрес со јачина од 4,4 степени според Рихтеровата скала беше регистриран во близина на Ливно. Беше почувствуван и во Далмација.

