Регион
Србија протестира: „Ѓоковиќ е намамен во Австралија за да биде понижен“
Српското Министерство за надворешни работи синоќа испрати протестна нота до австралискиот амбасадор во Белград поради, како што се вели, несоодветниот третман на кој во Мелбурн е изложен најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ, соопшти министерството.
На деветкратниот победник на Австралија опен, кој на овогодинешниот турнир можеше да се натпреварува за рекордна 21. Гренд слем титула, му беше одземена австралиската виза бидејќи, според властите, нема докази за вакцинација против Ковид-19 или веродостојно медицинско изземање од вакцинација.
Потсетување, откако Србинот пристигна во Австралија и не му беше одобрена визата, властите го сместија во хотел за мигранти во Мелбурн.
Адвокатите на Ѓоковиќ пред локалниот суд водат постапка за укинување на одлуката која, доколку биде потврдена, би значела депортација од Австралија за 33-годишниот тенисер.
Државниот секретар во српското министерство, Немања Старовиќ, на австралискиот амбасадор Даниел Емери му рекол дека Белград очекува лични напори од него за да му се дозволи на Ѓоковиќ да ја чека судската одлука во сместување кое одговара на спортист од неговиот ранг.
Србија не сака на кој било начин да влијае на одлуката на австралиското судство, но очекува извршните власти на земјата, во духот на добрите односи меѓу Австралија и Србија и во согласност со нивните надлежности, да му дозволат на Ѓоковиќ да го помине Божик во подобро сместување, се наведува во соопштението.
Официјален Белград посочува дека „во српската јавност постои силен впечаток дека Ѓоковиќ е жртва на политичката игра против негова волја“ и дека е „намамен да отпатува во Австралија за подоцна да биде понижен“.
„Ѓоковиќ не е криминалец, терорист или илегален мигрант, но тој беше третиран на таков начин од австралиските власти“, вели Старовиќ, додавајќи дека тоа „предизвикува разбирливо негодување“ на неговите обожаватели и граѓаните на Србија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

