Регион
Српската опозиција верува во победа на изборите во Белград
Српската опозиција е убедена дека може да победи во Белград на предвремените избори, закажани за 17 декември, и со тоа да ја поткопа моќта на владејачката Српска напредна партија (СНС) на државно ниво, што аналитичарите го гледаат како реална опција.
Да потсетиме, претседателот Александар Вучиќ го распушти српскиот парламент и распиша предвремени парламентарни избори за 17 декември, а претходно претседателот на парламентот распиша избори во Белград и во 64 други градови и општини.
Кандидатот на листата на Србија против насилството за градоначалник на Белград, Владимир Обрадовиќ, изјави дека СНС знае дека ќе изгуби на изборите во Белград и поради тоа проевропската опозиција и тој лично се на удар на претставниците на власта и прорежимски медиуми и таблоиди. Уредникот на порталот Нова српска политичка мисла Ѓорѓе Вукадиновиќ е убеден дека на претстојните избори опозицијата има реални шанси да победи во Белград и дека нивниот оптимизам има вистинска поддршка.
Вукадиновиќ тврди дека опозицијата отвора многу простор на изборите во Белград и дека може да биде загрозена само со некое големо посредување од страна на владата или дека овој исход може да биде доведен во прашање само со некаков драматичен пресврт во опозицискиот корпус.
Осврнувајќи се на анкетите на јавното мислење на крајот на октомври, тој оцени дека опозицискиот корпус од либералната лева опција, центарот и десницата во збирот на гласовите би можеле да ја спуштат владејачката коалиција под 40 отсто од гласовите на граѓаните на Белград.
Вучиќ: Овие избори се клучни
Воедно, Вучиќ, до неодамна лидер на СНС, вели дека декемвриските избори се одлучувачки и дека е важно како ќе завршат, бидејќи до 2027 година нема да има нови избори, освен можеби локални. Ова е објективна проценка на ситуацијата, оцени Вучиќ.
Српската проевропска опозиција ќе учествува на изборите со единствена листа на Србија против насилството. Конзервативните, националните и десничарските партии најверојатно ќе се појават во три блока, додека СНС на изборите оди во коалиција со неколку помали партии, а коалициониот партнер СПС на Ивица Дачиќ на избирачкиот список го пријави како помала коалициска група.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Турција ќе приватизира два клучни моста во Истанбул
Турција ја ангажираше консултантската фирма Ernst & Young LLP да ја води приватизацијата на два клучни моста во Истанбул и серија автопати, според извори запознаени со планот.
Фирмата со седиште во Лондон ќе ја советува турската влада за продажбата на Мостот на мачениците 15 јули и Мостот „Фатих Султан Мехмед“, кои ги поврзуваат европската и азиската страна на Истанбул, како и најмалку девет автопати со наплата на патарина.
Изворите зборуваа под услов на анонимност бидејќи деталите од договорот не се јавни, објави Блумберг. Турција, исто така, ја назначи канадската фирма BTY Group за технички советник и планира да објави формален тендер подоцна оваа година, велат изворите.
Обидот за приватизација од 2012 година, кој вклучуваше и мостови и околу 2.000 километри автопат, привлече добитна понуда од 5,7 милијарди долари. Процесот пропадна откако Реџеп Таип Ердоган, тогашниот премиер, рече дека продажбата за помалку од 7 милијарди долари би била „предавство“. Владата сега очекува понуди што го надминуваат тој износ.
Според турскиот министер за транспорт, околу 430.000 возила секојдневно ги преминуваат двата моста, а стандардната патарина за патничко возило е 59 лири по правец, или околу 1,36 долари по тековни цени.
Ernst & Young претходно работеше како советник за проекти поврзани со мостови, автопати и болници во Турција.
Регион
Четиричлено семејство од Албанија почина во Тоскана од труење со јаглероден моноксид
Четиричлено семејство – родителите и нивните две деца, настрадало во својот дом во италијанската покраина Тоскана, поради труење со јаглероден моноксид, соопштија локалните власти.
Според првичните информации, жртвите се таткото Арти, мајката Јонида (43), синот Хајдар (22) и ќерката Џесика (15). Петтото лице од домаќинството е префрлено во болницата Чизанело во Пиза во тешка состојба, но според достапните податоци не е животно загрозено, пренесе Раи Уно.
На местото на настанот интервенирале припадници на противпожарната служба, карабинерите и екипи на итната медицинска помош, пренесе Итaлпрес.
При прегледот на објектот, тројца карабинери исто така добиле полесни симптоми на труење и им била укажана медицинска помош.
Прелиминарната истрага е насочена кон проверка на исправноста на котелот за централно греење, со цел да се утврди причината за трагедијата. Италијанските медиуми наведуваат дека семејството е со потекло од Албанија.
Регион
Словенија најавува забрана за социјални мрежи за деца под 15 години
Словенечката влада усвои насоки за измени на законот со кои би се ограничило користењето на социјалните мрежи за деца помлади од 15 години, пренесе словенечката агенција СТА.
Вицепремиерот Матеј Арчон изјави дека иницијативата е подготвена од Министерството за образование, а пред усвојување на законските измени ќе треба да се изјасни и Министерството за дигитална трансформација. Тој појасни дека мерките имаат цел да ги спречат негативните влијанија на социјалните мрежи врз децата и адолесцентите, по примерот на други држави.
Владата најавува регулирање и ограничување на користењето на мрежи како ТикТок и Снепчет, при што насоките дополнително ќе бидат доработени од стручната јавност и ќе се подготви соодветна законска рамка.
Ограничувањата се дел од поширок европски и светски тренд, откако Австралија воведе забрана за пристап до социјални мрежи за лица под 16 години, а слични чекори најавија и Франција, Данска, Грција, Шпанија и Португалија. Европскиот парламент претходно побара воведување старосна граница од 16 години, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави можност за воведување вакви ограничувања и на ниво на ЕУ.

