Регион
Српската полиција нашла коски блиску до викендичка што ја користела бандата на Вељко Беливук
Вчера и денеска на депонија во Винча се пронајдени дваесетина коски, дознава српски „Блиц“.
Како што пренесува порталот, постојат сомнежи дека станува збор за коски од жртви на криминалната група на Вељко Беливук, попознат како Веља Неволја, инаку водач на една подгрупа на навивачи на фудбалскиот клуб „Партизан“.
Според сознанијата на „Блиц“, полицијата веќе неколку дена детално ги пребарува областите околу викендичките и куќите каде што тимот на Беливук ги мачел, а потоа и брутално ги убивал своите жртви. Кучиња трагачи вчера и денес ги довеле полициските екипи на депонијата во Винча, каде [to биле пронајдени коските.
Коските се испратени на анализа со цел со сигурност да се утврди дали се од луѓе, бидејќи не се цеосни, а потоа ќе се утврдува дали се тоа остатоци од некои од жртвите на Беливук.
Полицијата продолжува да го „чешла“ теренот околу имотот на тимот на Беливук, а, според „Блиц“ се пребарува и на друга локација, која се чува во строга тајност.
Беливук и 20 члена на неговата криминална група беа уапсени кон крајот на минатата недела. Засега, Веља Неволја и неговиот најблизок соработник Марко Миљковиќ се обвинети за три убиства.
Вељко Беливук и неговата криминална група, по бруталноста на злосторствата и начинот на организирање, многумина ги споредуваат со озлогласениот Земунски клан.
Минатата недела во Србија започна една од најобемните полициски акции извршени во последните 18 години во која падна криминалната организација скриена зад навивачката група „Принципи“, за која постои сомневање дека контролира добар дел од пазарот со наркотици во Србија, но стои и зад серија киднапирања и ликвидации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Рама објави укинување на забраната за „Тик-ток“ во Албанија
Албанскиот премиер Еди Рама објави дека социјалната мрежа „Тик-ток“ повторно ќе биде достапна во Албанија.
Рама во интервју за „Политико“ истакна дека албанската влада постигнала партнерство со претставници на социјалната мрежа и дека набргу ќе претстави нови мерки за заштита на јавноста во оваа земја.
„Задоволни сме од резултатот. Постигнавме партнерство и се надевам дека во наредните недели или месеци ќе го презентираме планот пред албанските граѓани, како што ветивме“, рече Рама.
Албанската влада го забрани „Тик-ток“ пред една година кога објавите на платформата предизвикаа тепачка меѓу млади, во која 14-годишно момче беше избодено до смрт.
Регион
Србија меѓу првите во регионот што воведува тестирање на алкохол кај летачкиот и кај кабинскиот персонал
Од 1 јануари 2026 година во Србија ќе почне систематско тестирање на летачкиот и на кабинскиот екипаж за присуство на алкохол.
Со тоа Србија станува една од првите земји во регионот што ја воведува оваа постапка во целост, објави Дирекцијата за цивилно воздухопловство на Србија.
Тестирањето ќе се спроведува на летачкиот и на кабинскиот екипаж на домашни и странски авиони што ги користат аеродромите во Србија.
Проверките ќе ги вршат специјално обучени и овластени воздухопловни инспектори на Дирекцијата.
Постои нулта толеранција за присуство на алкохол кај членовите на екипажот на авионите.
За мерење на количината алкохол ќе се користат сертифицирани и калибрирани уреди за мерење алкохол во здивот, кои имаат доказна вредност во судските постапки.
Во случај член на летачкиот или кабинскиот екипаж да го одбие тестот или тестот утврди присуство на алкохол, воздухопловниот инспектор привремено ќе му забрани да ги извршува должностите на член на екипажот и ќе го пријави тоа кај надлежните органи.
По правило тестирањето ќе се врши во кабината на авионот, а податоците за спроведените тестови ќе се внесуваат во централизирана база на податоци управувана од Агенцијата за безбедност на воздухопловството на Европската Унија (EASA).
За почетокот на примената на оваа постапка Дирекцијата навремено ги информира сите воздухопловни субјекти во Србија и EASA, која има улога да обезбеди поддршка во дефинирањето на приоритетите за тестирање и управувањето со релевантните податоци.
Фото: depositphotos
Регион
Во Хрватска во тек е јавна дебата за изградбата на првата нуклеарна централа
Во Хрватска предлог-законот за примена на нуклеарна енергија за цивилни цели, изготвен од работна група, составена од голем број експерти од областа, е пуштен на јавна дебата, што всушност е првиот сериозен правен чекор во долгорочниот и скап процес на изградба на првата нуклеарна централа на хрватска територија.
Во последните месеци, министерот за економија, Анте Шушњар, често се појавуваше во јавноста со идејата дека Хрватска треба да изгради сопствена нуклеарна централа, што во овие нови геополитички околности и трендови на напуштање на фосилните горива, како и во времето на револуцијата на вештачката интелигенција и потребата од огромни количини електрична енергија, би донело стабилност во електроенергетскиот систем на земјата и би влијаело на намалувањето на емисиите на штетни гасови, пренесува „Танјуг“.
Од нацрт-верзијата на предложениот закон е јасно дека Хрватска во иднина во голема мера ќе се потпира на нуклеарна енергија. Планот е една третина од електричната енергија до 2040 година да доаѓа од нуклеарни извори.

